Пет здрави напитоци кои ја зголемуваат енергијата и се совршена замена за кафето

Фото: Unsplash
146

Постојат многу одлични замени за кафето кои ја зголемуваат енергијата во текот на денот, со кои подобро ќе спиете и ќе чувствувате помалку стрес. Со овие напитоци и понатаму можете да уживате во утринските ритуали

Ако не можете да замислите да го започнете денот без напиток кој ја зголемува енергијата, но сте свесни за фактот дека претераното пиење кафе може да има одредени несакани ефекти (анксиозност, нервоза, цревни проблеми), можеби треба да воведете нешто ново во вашата утринска рутина.

Имено, постојат бројни пијалаци кои имаат здравствени придобивки и го зголемуваат нивото на енергија, па се совршена замена за кафето. Иако е докажано дека кафето има одредени здравствени придобивки, прекумерното консумирање кофеин не е добро за здравјето на луѓето. Дополнително, студиите покажаа дека кај некои луѓе конзумирањето кафе по првичното засилување на енергијата може да предизвика замор. Понатаму, прекумерното консумирање кофеин може да предизвика непријатни симптоми како киселини, стрес и слаб квалитет на спиењето. Ова е особено точно ако кафето се конзумира на празен желудник.

За среќа, постојат многу одлични алтернативи за кафето за повеќе енергија, подобар сон и помалку стрес. Со овие пијалаци, сепак можете да уживате во утринските ритуали, но на поздрав начин. Подолу избравме некои од замените за кафе кои се поздрави и имаат помалку кофеин.

Црн чај

Иако црниот чај содржи и кофеин, една шолја сварен црн чај има околу половина кофеин помалку од една шолја кафе. Исто како кафето, црниот чај е богат со антиоксиданти, но алкалоидите во чајот му овозможуваат на телото да го апсорбира кофеинот многу побавно, намалувајќи го ризикот од замор што може да се појави после пиење кафе. Покрај тоа, црниот чај содржи и специфичен тип на полифенол наречен елагитанин, кој се покажало дека го поттикнува растот на здрави цревни бактерии.
Зелен чај
Бројни истражувања покажаа дека зелениот чај е еден од најздравите напитоци во светот. Некои од докажаните придобивки на зелениот чај се големо количество полифеноли наречени катехини, кои имаат антиканцерогено и антиоксидантно дејство, како и соединението Л-теанин, кое ја стимулира функцијата на мозокот и го намалува стресот. Редовното консумирање зелен чај е поврзано и со помал ризик од дебелина и срцеви заболувања и придонесува за рамнотежа на нивото на шеќер во крвта. Некои студии исто така сугерираат дека зелениот чај позитивно влијае на долговечноста.
Мача
Мача е како супер силен зелен чај – се прави од листовите на истото растение, само се одгледува и се консумира на малку поинаков начин. Имено, мачата традиционално се одгледува во сенка, што му овозможува на растението да развие повеќе соединенија богати со антиоксиданти и амино киселини. Потоа се сечка и се меша со вода. Имајќи предвид дека мачата го содржи целиот лист од растението, има повеќе придобивки. На пример, мачата содржи повеќе кофеин од зелениот чај, но сепак помалку од кафето. Затоа е совршен утрински напиток.
Кафе со печурки
Кафето со печурки обично содржи класично мелено кафе, но збогатено е со лековити печурки, како што се чага и кордицепс, кои се силни адаптогени. Можеби печурките не се она што би сакале во кафето, но всушност го подобруваат омилениот црн пијалак на неколку начини. Повеќето кафиња со печурки се исто толку вкусни како и обичното кафе бидејќи печурките не влијаат на аромата на самиот напиток, но обично содржат помалку кофеин од традиционалното кафе. Иако се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат позитивните ефекти на адаптогените во печурките, се верува дека помагаат при стрес, ја зајакнуваат функцијата на имунитетот и ги подобруваат когнитивните способности. Кафето со печурки на поздрав начин ја зголемува продуктивноста и нивото на енергија, а може да се купи во продавниците за здрава храна.
Вода со лимон
И конечно, нешто многу едноставно. Пиењето топла вода со исцеден лимон наутро е многу здрав ритуал кој не само што позитивно ќе влијае на нивото на енергија, туку и ќе ја поттикне детоксикацијата. Водата со лимон хидрира, не содржи кофеин и ја поттикнува работата на дигестивниот систем. Покрај сето тоа, некои студии покажуваат дека лимоните содржат минерали кои помагаат во намалување на крвниот притисок, што позитивно влијае на целокупното здравје.