Пиците на маестро Диме Темков: Готвач, мастер шеф, уметник или сé заедно?!

674

Врвните готвачи се креативци кои го користат својот внатрешен компас и природен талент за да ги комбинираат вкусовите, формите и мирисите во уникатна гурманска комбинација, исто како што уметниците комбинираат и користат различни бои и материјали за да создадат извонредно уметничко дело. Ако сте две во едно -,тогаш блазе си им на вашите пријатели

Храната не е уметност само како начин на послужување храна (она што најчесто можеме да го видиме на профилите на Инстаграм).

Вистински мајстор, готвач, мастер шеф или пак ликовен уметник кој е плус и одличен готвач, знае и чувствува како да ги користи состојките на свој начин, како да создава нови вкусови и како да ги подготвува вообичаените јадења со нови методи и на нов начин.

О да, имаме такви примери

Вистинскиот готвач-уметник знае да направи одреден креативен скок за да ги збогати познатите јадења и да се извлече од оној научен, механички начин на подготовка на храната што сме го гледале уште од деца.

Врвните готвачи се креативци кои го користат својот внатрешен компас и природен талент за да ги комбинираат вкусовите, формите и мирисите во уникатна гурманска комбинација, исто како што уметниците комбинираат и користат различни бои и материјали за да создадат извонредно уметничко дело.

Иако многумина се способни да користат алатки во својата работа, вклучително и готвачите кога ја сечкаат или ја готват храната, малкумина имаат визија како да одат подалеку од традиционалното подготвување и сервирање на одредена храна или како да ја комбинираат навидум некомпатибилната храна во вкусен оригинален кулинарски деликатес.

И, да не должиме веќе, всушност, бевме на гости кај нашите домаќини Диме (Темков) и Настја и таму пробавме навистина превкусна пица на жар, домашен леб и гравче-тавче, сите направени во истата печка на жар која е воедно и скара и е дело на овој наш уметник кој по три децении во Љубљана, сé почесто е во својот роден град Скопје кадешто, вели, ги има и најдобрите состојки за готвење и најдобрите пријатели со кои другарува уште од скопските училишни денови во основно и во средно.

Токму за нив, за Игор (Пацов), за Биби и за Данче, за Мац и за Бане (Бранислава)…, секако, и за мама Зоки и брат му Сашко, на Диме не му е ништо тешко, па дури и да направи едно чудо пици по сечиј вкус.

Од вегетаријански и пици со колбаси и сланина, домашно лепче и тавче-гравче, до пици во слатка варијанта, најчесто за подмладокот, кои наместо со домашен кечап како солените (инаку и кечапот го прави сам), ги мачка со чоколаден прелив за сладолед, а потоа, односно, врз несолениот кашкавал, ги реди со свежо или кандирано овошје по избор и други слатки работи.

И да, не му е тешко со нив да наздравува ако треба и по сто пати, со траварицата од Дарко Жгавц, неговиот словенечки пријател и мајстор за ракија, со убаво македонско вино или со обичен ладен шприцер.

Тестото за лебот и за пиците е направено со меко пченично брашно тип 00, вода, квасец, малку маслиново масло и шеќер и сол.

И наједноставните работи од кујната на маестро Диме Темков, имаат вкус на вистински деликатеси.

И ете тоа е она што еден готвач го прави уметник, а еден уметник-вистински мастер шеф.