Пиењето и уживањето во вино не се иста категорија! Приказната на младиот сомелиер

362

Иако има само 26 години, Александар Миливојевиќ кој уредно си го завршил Економскиот факултет и почнал да работи во секторот за финансии на МТВ, пред околу три години направил одлучен рез и целосен пресврт во својот живот и кариера. Ја нашол професијата која го прави среќен, кога на 23-годишна возраст одлучил да вплови во светот на виното.

Разгледувајќи ги работилниците најавени во рамки на претстојниот вински салон Винодонија 2023. и сакајќи да видам која земја ќе биде годинава во фокусот на оној интересен серијал кој организаторите на винскиот салон го нарекоа: „Запознај ја винска … таа и таа земја“, се израдував кога видов дека годинава „таа и таа“ земја ќе биде Јужна Африка.
Доволно егзотично, си реков. А освен тоа, веќе имам пробано некое вино од таму кое ми се допадна. За волја на вистината, беше купено во „Лидл“.
Потоа видов дека предавач на оваа работилница е извесен Александар Миливојевиќ.

Добро, очигледно не е од Јужна Африка, но името му го среќавам по вторпат, како предавач на уште една од најавените работилници: Вертикална дегустација на Ten Barrels Cabernet Sauvignon од винарија Chateau Kamnik Winery.
Па така, си помислив дека треба да го најдеме овој сомелиер и да видиме што може да ни раскаже за себе, за својата професија, за вината што ќе ги дегустираме, а зошто да не, за неговата смисла на животот, за семејството, за себе.
Арно ама, кој очекуваше дека на закажаната средба во просториите на „Аудиокултура“ во Тафталиџе 1, ќе се најдам пред толку млад сомелиер. Дефинитивно, како што веднаш ми кажа и Александар после мојата реакција („кое годиште си? 97-мо?!“), светот навистина им останува на младите.

И така, иако не беше средовечен сомелиер, се обидов да извлечам од Александар некои интересни информации за него, за на крајот, всушност, оние најинтересните да ги дознаам од Јадранка Клариќ, интернационален вински судија и сопственичка на бистрото Wine berry и да сфатам дека Александар е веројатно, или многу скромно момче или пак, беше само во мал грч поради претстојниот настан (едукативна дегустација на новите овошни брендија на дестилерија Камник).
Нашата пријателка Јадранка Клариќ, ни кажа дека, според неа, нашиот млад соговорник е меѓу наједуцираните сомелиери со напредна кариера, целосно посветен на работата и со кратко, но значајно искуство од една година во еден од најелитните ресторани во Дубаи.

„Александар е скромен и дефинитивно не е шоумен, но, нека каже којшто сака, тој е според мене еден од најдобрите сомелиери во Македонија, кој го очекува одлична кариера. Една година работел како сомелиер во еден од најелитните ресторани со Мишелин ѕвезди во Дубаи, кадешто доаѓаат еминентни купувачи на вино и кадешто се служат и вина кои чинат по 5-6.000 евра за шише. По враќањето во Македонија, по препорака на еден наш колега цело лето го помина во ресторанот „360“ во Дубровник, кој е ресторан со една Мишелин ѕвезда, како еден од петте сомелиери таму. Тој е скромно момче, многу спремно за работата, но не е шоумен“, ни го кажа Јадранка своето мислење за нашиот соговорник и за две минути ни кажа повеќе за него отколку што успеав да извлечам од него за половина час.


Сега Александар е дел од тимот на „Камник“, одговорен за презентации и дегустации, а ќе биде одговорен за новиот проект кој е сѐ уште во фаза на подготвување.
„Станува збор за една нова приказна во градот која ќе биде бенефит за сите. Тоа ќе биде нешто како вински бар и продавница во која, иако е проект на „Камник“, фокусот нема да биде на вината од оваа винарија, туку тежнееме да достигнеме до 800 различни етикети на вина од домашни и регионални винарии кои досега не се застапени во нашата држава. Сакаме да имаме разновидност во понудата и еден вид на менување на етикетите за да може да ѝ дадеме на секоја винарија простор и време да се изрази“, најави Александар.
Инаку, иако има само 26 години, Александар кој уредно си го завршил факултетот по економија и почнал да работи во секторот за финансии на Македонската телевизија, пред околу три години направил одлучен рез и целосен пресврт во својот живот и кариера. Нешто што некои луѓе го прават дури после 10-20 години работа во некоја област која не ги прави среќни, за да го најдат своето место под Сонцето, односно, професијата која ќе ги прави среќни, Александар го направил на 23-годишна возраст кога одлучил да вплови во светот на виното.
Да не се разбереме погрешно, никогаш не бил некој пијач на алкохол, па дури и сега, кога виното е дел од неговото секојдневје, можеме да кажеме дека е најтрезвениот и најумерениот сомелиер што сме го запознале досега.
Ако го прашате дали некогаш, макар во тинејџерските години искусил пијанство, вели дека веројатно, како и на сите во тој период од животот, му се случило, но дека никогаш не бил голем пијач, ниту пак го влечело пиењето, па и сега, кога виното е дел од неговото секојдневје.
„Пиењето и уживањето во вино не се во иста категорија. Јас пијам многу умерено бидејќи сите ние во винската индустрија секој ден имаме допир со алкохол, кој е штетен за секого, се придржувам кон тоа да внесувам минимални количества. Виното е стил на живот и во него треба да се ужива, а не да се пие. Ако пиете може да се опиете, ако го уживате можете да имате само убави моменти“, вели тој.
Самиот најмногу ужива во вината од Бордо, особено кога ќе созреат некоја година плус.

Инаку, својата одлука да влезе во винската индустрија и да стане сомелиер, не ја донел преку ноќ.
„Додека студирав, обично за време на викендите, работев во ресторан и бар и некако спонтано почнав да се интересирам повеќе за вината и пијалаците. Се прашав себеси, дали сакам да работам финансии во МТВ кадешто се одвиваше и мојата практична работа за време на студиите или сакам да ја напуштам оваа сигурна зона и да работам во угостителство. Си реков, зошто да не. Голем дел од луѓето беа скептици во тој период и мислеа дека е тоа само некоја моја луда идеја која бргу ќе ми помине, но таа луда идеја многу бргу се претвори во еден цел нов начин на живеење, поради што сум многу среќен“, објаснува Александар.
Најголемата поддршка ја имал од родителите, а дека е сериозен покажал и кога завршил две школи во Лондон и станал сертифициран сомелиер.
„Учев на WSЕT (Wine and Spirit Education Trust е најпрестижното винско училиште во светот за едукација за вино и силни алкохолни пијалаци), една од најуниверзалните школи која го опфаќа секој аспект од работа на виното, од лозје до консумација и на The Court of Master Sommeliers, која е основана за да ги поттикне стандардите за квалитет за услугата за пијалаци во хотели и ресторани. Едно нешто што научив на втората школа е дека понизноста и добриот збор можат да отворат многу врати и дека секогаш треба да се биде коректен кон сите бидејќи никогаш не можеш да знаеш кој седи на масата и дали некој таму знае повеќе од вас“, раскажува тој и додава дека одлуката која ја донел кога се усмерил кон оваа професија ја чувствува дури сега кога својата работа не ја доживувава како работа, туку како начин на живот.
„Работата ми е целодневен ангажман кој ме прави среќен и е повеќе стил на живот отколку работа во класична смисла на зборот“, поентираше Александар.