Подобро е да бидете пијани или заљубени? Вино или љубов или и вино и љубов?

Фото: Pexels
57

Христијанскиот свет денеска ја слави љубовта – православните го слават Свети Трифун – заштитникот на виното, лозјата и лозите, заштитникот на полските култури и заштитникот на брачната љубов и верноста, а католиците Свети Валентин, заштитникот на вљубените. И едните и другите слават – со вино!

Свети Трифун или Свети Валентин? Православните верници го слават Свети Трифун на 14 февруари, додека во западниот свет се слави Свети Валентин, кој е попознат како Денот на вљубените. Светците биле современици и двајцата настрадале од маченичка смрт додека го проповедале христијанството во политеистичката Римска империја.

Како и да е, дали е Свети Трифун или Свети Валентин и православните и католиците ќе си го прослават празникот со вино. Се знае, виното е пијалакот за кој често се вели дека е „пијалак на љубовта“.

Да се потсетиме накусо кои биле овие двајца светци.

Свети Трифун
Свети Трифун е еден од Христовите великомаченици кои загинале за христијанската вера. Од мали нозе бил побожен, а како дете времето го поминувал во чување на гуски. Бог го дарувал со чудотворство и исцелување. Во текот на животот лекувал многу болни и им помагал на сите што му се обраќале за помош. За време на владеењето на царот Гордиј, тој ја исцелил царската ќерка Гордијана, а од царот добил богатство. Сето свое богатство им го поделил на сиромашните и продолжил да ги чува гуските. Многу луѓе ја примиле христијанската вера по исцелувањето.
Кога царот Декиј дошол на римскиот престол, почнале да ги прогонуваат христијаните. Свети Трифун бил обезглавен затоа што не сакал да се одрече од Христа.

Верувања и обичаи:

На денот на Свети Трифун, 14 февруари, лозарите одат во лозјето да закројат барем една гранка од лозата и да ја полеат со вино. Се верува дека грозјето ќе даде добар плод.
Ако на Свети Трифун врне дожд или снег, се верува дека годинаата ќе биде родна.
Ако денот е ведар, годината ќе биде сува и неплодна.

Свети Валентин
Свети Валентин бил епископ и маченик. Се верува дека бил погубен затоа што императорот Клавдиј II верувал дека неженетите мажи се подобри војници, додека епископот Валентин се противел и организирал тајни свадби. Поради ова, бил фрлен во затвор и над него била извршена смртна казна на 14 февруари. Подоцна, царот Јулиј изградил и базилика на неговиот гроб, а оттогаш светителот почнал да се празнува меѓу христијаните.
Во 15 век овој светител се поврзувал со празникот на вљубените (Денот на вљубените) и оттогаш се слави како таков.
Православната црква го слави Свети Валентин на 13 август, но не се слави како заштитник на вљубените.