Појадува авокадо и џвака листови кока: Има 125 години и секое утро го бара истото

Фото: Скриншот
192

Според 125-годишниот Марселино Абад Толентино, познат по прекарот Машико, кој ја носи титулата најстар жив човек во Перу, а можеби и во светот, авокадото, заедно со природната исхрана и листовите кока, се клуч за неговата долговечност.


Марселино Абад Толентино, познат по прекарот Машико, има 125 години и ја носи титулата најстар жив човек во Перу, а можеби и во светот. Тој живее во регионот Хуануко и го прослави својот 125-ти роденден на 5-ти април во скромен пензионерски дом, каде што ужива во животот.

Роден во 1900 година во селото Чагла, во срцето на регионот Хуануко, Марселино беше сведок на повеќе од еден век историски промени. Но, неговото најимпресивно достигнување останува неговата исклучителна долговечност и виталност, кои ги припишува на природната исхрана и непоколебливиот дух.

Со текот на годините, Машико развил диета базирана на овошје од сопствената градина, која ја нарекол својата „рајска шумичка“. Неговата исхрана долго време се состоела од многу свежо овошје, зеленчук и јагнешко – состојки за кои верува дека се клучот за неговата долговечност.

Џвакање листови од кока
Оваа диета ја дополнил со она што самиот го наоѓал во природата – билки и лековити растенија – знаење што го наследил од традицијата на андските народи, пренесува Infobae. Готвачката во домот за стари лица, Долорес Перез, истакнала едно нешто без кое Машико не може: „Секое утро бара авокадо за појадок. Тој не може да живее без авокадо“, вели таа.

Еден необичен дел од неговата исхрана потекнува од традиционалната андска практика на џвакање листови од кока – навика што ја стекнал додека работел на фармите. Тоа го правел за да го зголеми нивото на енергија и општата благосостојба. Заедно со авокадото, листовите кока според него се уште еден клуч за неговата долговечност.

Една студија ги потврдува ефектите од џвакањето кока

„Индијанците од Андите со векови користеле листови кока (еритроксилон кока и сродни видови) за да ги подобрат физичките перформанси“. Во истражувањето учествувале здрави мажи од регионот Кахамарка (Перу, 2700 м надморска височина), кои џвакале 8 грама листови кока со мала количина вар. После тоа, возеле велосипед 20 минути, додека биле следени нивниот крвен притисок, пулсот, заситеноста со кислород, ЕКГ и VO2 max.

Заклучокот од истражувањето е: „Резултатите сугерираат дека џвакањето на листовите кока има позитивен ефект при физичка активност и дека ефектите се чувствуваат при продолжен физички напор“.

Според Мисаел Ајре, претставник на социјалната програма Pensión 65 во регионот Хуануко, Марселино секогаш консумирал природни производи кои го одржувале витален. „Секогаш кога го посетувавме пред да се всели во домот, ни даваше овошје од неговата градина. Тоа беше вистинска ризница на животот“, вели тој.

Иако повеќе не може да оди без помош, сепак ужива секој ден да излегува во инвалидска количка. Здравјето му е стабилно, а и покрај тешкото детство (неговите родители се удавиле кога тој имал само седум години), научил сам да се движи низ животот.