Посна руска салата со туна, сусам и кикиритки

Фото: Freepik
1.660

Ако ги постите Петровденските пости, почестете се со оваа посна руска салата која е поздрава од обичната, а содржи и додатоци како туна, сусам и кикиритки

Руската салата е едно од најпопуларните предјадења кај нас, но обично се консумира во зимскиот период. Сепак, оваа варијанта на посна руска салата може да е добра идеја и сега, за време на Петровденскиот пост, но и за сите други.

По вкусот оваа посна руска салата не заостанува зад мрсната. Се подготвува со слични состојки, само што наместо шунка се користи туна, а наместо класичниот, се става посен мајонез. Има и состојки како сусам и кикиритки, како и слатка пченка, која на ова јадење му дава посебен вкус.

Состојки:

2 конзерви туна
200 гр кикиритки
100 гр сусам
100 гр маринирани печурки
6 кисели краставички
5 црвени, кисели пиперки
400 гр слатка пченка
1 поголем компир
3 моркови
1/2 лажичка оригано
1/2 лажичка црн пипер
една китка магдонос
сол по вкус
400 гр посен мајонез

Приготвување:

Морковот и компирот исечкајте ги на коцки и сварете ги. Сварете ја пченката, печените кикиритки смелете ги крупно или исечкајте ги. На сува тефлонска тава пропржете го сусамот. потоа измешајте сè. Додадете сечкани маринирани печурки, кисели пиперки и краставици и исцедете ја туната од маслото. Додадете сол, црн пипер, оригано и ситно сечканиот магдонос.

На крајот додадете посен мајонез и соединете сè во компактна смеса. Оставете добро да се излади во фрижидер пред послужување.