За здравјето на почвата: Настан посветен на формулата за здрава почва и зелени бизниси како инвестиции во нашата иднина

153

За носители на зелени социјални бизнис идеи, истражувачи, земјоделци, претставници на професионални здруженија, локални заедници, студенти, граѓани, граѓански организации, владини претставници и други заинтересирани страни.

На 15-ти мај (понеделник) во 09 и 30, во Europe House (Скопје), се организира настанот „Здрава почва + зелени бизниси = инвестиции во нашата иднина“ кој го става и Скопје на европската мапа на градови кои се приклучени во проектот NATI00NS.

АРНО, во соработка со Земјоделскиот институт – Скопје подготви интересна програма и ги повикува сите заинтересирани да се регистрираат за учество на настанот (пополнете формулар) наjдоцна денес (11 ти мај).  Поради потенцијалниот голем интерес и важноста на ова случување, настанот ќе биде во хибриден формат и ќе постои можност да се проследи онлајн, за што, исто така, е потребна регистрација. 

NATI00NS е европски проект финансиран во рамките на програмата HORIZON, координиран од Универзитетот Архус од Данска. Главната цел на NATI00NS е да допре и да ги подготви регионалните и националните чинители од Европа да аплицираат и да имплементираат т.н Живи лаборатории (Living Labs), придонесувајќи за мисијата на ЕУ „Договор за почвата за Европа“.

Овие настани се справуваат со предизвиците за здравјето на почвата и стратегиите за отпорност во 43 целни земји и се проследени со активности за поддршка. Учесниците, исто така, се вклучени во сесиите за предизвиците на здравјето на почвата и техничките дијалози за развој на предлог-проект за LL во согласност со критериумите на мисијата.

Преку 9 годишната имплементација на натпреварот „Зелени идеи“ АРНО стана чинител кој е препознаен по промоцијата на зелена социјална економија. Низ годините, македонските граѓани аплицираат со зелени бизнис идеи за одржливи земјоделски практики, производство на храна, кои во голема мера се потпираат на здрави почви и искористување на други видови земјишта. 

Партнерството помеѓу АРНО и Земјоделскиот институт-Скопје се заснова на заеднички заложби за промовирање одржливи зелени бизниси, заложби за важноста на здрави почви и заложби за едуцирање на граѓаните, особено младите.

Земјоделскиот институт-Скопје е водечка истражувачка институција (една од најстарите научно-истражувачки организации од областа на земјоделството во нашата земја) со богато значење и експертиза за здравјето на почвата и одржливите земјоделски практики. Партнерството со Земјоделски институт e важно за пораката на настанот, која е градење на екосистеми, од долу нагоре. 

За кого е наменет настанот? 

За носители на зелени социјални бизнис идеи, истражувачи, земјоделци, претставници на професионални здруженија, локални заедници, студенти, граѓани, граѓански организации, владини претставници и други заинтересирани страни.

Која е содржината на настанот? 

Во првиот дел од настанот планирани се поздравни обраќања со заложби на темата и акцент на европската димензија на ова прашање од страна на Трајан Димковски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Марија Ѓошевa Ковачевиќ од Земјоделскиот институт и Ирина Јаневска, од Здружението за социјални иновации „АРНО“. Понатаму, гостите-експерти од BioSense (Србија) преку структурирани презентации ќе дадат објаснувања за проектот и насоки за концептот и критериумите за „живите лаборатории и светилници“.
Дополнително, настанот ќе биде збогатен со панел дискусија во која ќе учествуваат еминентни професори, носители на зелени бизнис идеи и експерти за одржливи бизниси, кои пред присутните ќе разговараат за  проблемите, но и за потенцијалите на македонската почва. Во завршниот дел предвиден е коктел со можност за неформално вмрежување.