Рецепт за загревање: Пробајте топла, вкусна сангрија

Фото: Pexels
233

Топлата сангрија со ароматични вкусови има сѐ што треба да содржи еден зимски пијалак.

Многумина реагираат на пониските температури со повлекување во топлите домови, каде што се крие шармот на речиси сите пријателски собири. Најдовме рецепт кој ваквите дружења ќе ги направи уште послатки. Топлата сангрија со ароматични вкусови има сѐ што треба да содржи еден зимски пијалак.

Овој шпански пијалак најмногу се пие во лето, но најдовме начин да го вклопиме во зимската идила. Наместо студената, вообичаена верзија, ја избравме онаа што се вари со зачини како цимет, анасон и морско оревче.

Основата на традиционалната сангрија е црвеното вино и силен алкохолен пијалак како бренди или бел рум. Сепак, ароматичноста се крие во коктелот од овошје што на алкохолот му дава сладост и свежина. Заедно со разновидните овошја, се комбинираат и ароматични зачини кои прават целиот дом да мириса убаво.

За оние кои не се љубители на слатките алкохолни пијалаци, постојат начини да направите своја верзија на ароматична зимска шолја од обичен чај. Во топлиот чај додадете цимет, анасон, морско оревче, портокал и јаболко. Со чај, послужете чоколадни интегрални бисквити кои одлично се вклопуваат во оваа зимска приказна.

Состојки за сангрија:

750 мл црвено вино
250 мл сок од портокал
¼ шолјичка кафеав шеќер
100 мл рум или бренди
2 јаболка (тенко исечени)
1 портокал (тенко исечен)
100 гр брусница
2 стапчиња цимет
каранфилче
анасон
морско оревче

Приготвување:

Растворете го кафеавиот шеќер со малку вода на ниска температура со често мешање. Во него додадете две стапчиња цимет, каранфилче, брусница, анасон и морско оревче. Измешајте сè додека шеќерот не се претвори во сируп. Потоа додадете вино, бренди (или рум) и сок од портокал. Гответе на тивок оган десет до петнаесет минути. Кон крајот додадете ги ситно исечканите јаболка и портокалот.