Сѐ е послатко кога се јаде во село и од чиниите на нечија баба

145

Ако можете, баталете го градот. Во нашите убави македонски села сѐ е толку едноставно, лесно и највкусно на свет. Кога околу вас, наместо ѕидови и гаќите на соседите, гледате само убаво, зелено пространство. И кога во шкафот ќе ги најдете овие генијални лимени чинии, извонредно зачувани и речиси нови, на радоста ѝ нема крај. Да, тука навистина, за среќа, не треба многу.

Нашата главна цел во животот е да живееме во место што го сакаме, да работиме работа што ја сакаме и да поминуваме многу време со нашите деца.

Проблемот е во тоа што повеќето од нас, веќе не го сакаат местото во кое се родиле, оние од помалите македонски градови и села, копнеат по Скопје, а оние од градот, сѐ повеќе копнеат по село.

Оние што можат да си дозволат прават сѐ за да ги остварат соништата.

На пример, скопјанката Јасна, неодамна си купила куќа во струшкото село Вишни, Лихнида во охридско Љубаништа, Ана и Стефан во скопско Орешани.

Кога ќе ги видите куќите, а особено кога ќе го доживеете селото, ќе сфатите колку се преценети оние кокошарници што ни ги градат во метрополата, буквално на секоја слободна и неслободна парцела, едни врз други, едни до други, со поглед во ѕидови и туѓи прозори.

Старите куќи во нашите напуштени прекрасни села, се сто пати поквалитетни од речиси сите новоградби во нашено веќе непрепознатливо Скопје, а цените се барем 3 пати пониски.

Да не зборуваме за околината.

Наскоро, на Арт кујна ќе ви ја раскажеме надолго и нашироко и приказната за една брачна двојка од Скопје, луѓе во своите најдобри години (над 50-тата) кои, иако сѐ уште работно ангажирани во градот, си ја најдоа смислата на животот во земјоделието, во производството на домашна храна и во пространството што им го нуди селото, наспроти пренаселеното скопско Тафталиџе 1.

Како и да е, сто процентно ги поддржуваме сите кои успеале да направат нешто надвор од преценетиот град кој во овој период од годината е како фурна, а во зима, како забревтан оџак на некоја фабрика, полн со издувни гасови, сообраќаен метеж, загаден воздух и во секој период од годината – многу нервозни луѓе.

Нема поубаво нешто од македонските села, полни со мир, спокој, зеленило, чист воздух, полни со убавина.

И да, тука е сѐ послатко, дури и кога се тоа само обични нешта, како домати и маслинки, тиквички и печурки.

И сѐ е толку едноставно, лесно и највкусно на свет, кога околу вас, наместо ѕидови и гаќи од соседите, гледате само едно големо зелено пространство.

И уште кога во шкафот ќе ги најдете овие генијални лимени чинии со цветчиња кои некои од нас ги паметат од кујните на нашите баби, извонредно зачувани и речиси нови, на радоста ѝ нема крај.

Да, тука навистина, за среќа, не треба многу.