Складиште на семиња за Судниот ден! Дали знаете каде се чуваат семињата од целиот свет?

Фото: Фејсбук
188

Како спас од најлошото сценарио што може да го снајде светот, односно, во случај на глобална катастрофа, речиси 1,2 милиони примероци семиња од целиот свет, вклучувајќи пченица, јачмен, ориз, грав и семки од овошје, зеленчук и бројни билки се чуваат на едно место

Длабоко во утробата на ледената планина на островот над Арктичкиот круг, помеѓу Норвешка и Северниот пол, лежи извор од витално значење за иднината на човештвото.

Не станува збор за јаглен, нафта или скапоцени минерали, туку за семиња.

Милиони ситни кафеави зрнца, од речиси 1,2 милиони видови на култури што ги консумираме на Земјата секој ден, се складирани во Глобалниот сеф за семиња на Шпитсберген, дел од норвешкиот архипелаг Свалбард.

Всушност, кога ќе погледнете како изгледа местото, кое е замислено да ја зачува биолошката разновидност – тоа е голема кутија, закопана во земја и поголемиот дел од годината покриена со снег и мраз.

Во оваа „кутија“ се зачувани 13.000 години историја на земјоделието на Земјата.

Би било тешко да се најде место пооддалечено од ледената дивина на Свалбард.

Тоа е најсеверната дестинација до која можете да летате со комерцијален авион.

Глобалното складиште за семиња често се нарекува „складиште на судниот ден“, бидејќи за многумина предизвикува асоцијација за некои апокалиптични времиња.

Всушност, складиштето е замислено за да се заштитат различните земјоделски култури од мало, локализирано уништување и закани кои го загрозуваат опстанокот на некои растителни видови.

Само во 2024 година биле додадени повеќе од 30.000 нови примероци од семиња.

Меѓу нив има значителен придонес од земјите кои се соочуваат со предизвиците на климатските промени и конфликти, како што е Боливија, која складирала домородни семиња од пченка и грав и Чад, кој испратил семиња прилагодени на екстремни климатски услови.

Посебен акцент е ставен на земјоделските култури кои се клучни за безбедноста на храната, како што се оризот од Филипините и зеленчукот од Танзанија, кои се од витално значење во борбата против неухранетоста.

Оваа година, складиштето дополнително ја нагласува важноста од зачувување на генетската разновидност во услови на забрзување на климатските промени и зголемени закани за глобалната безбедност на храната.