Скопјанецот Енис Имеровски гордо ја претставува Македонија на светски шампионати за пица

1.340

Сте пробале ли досега пица со мармалад од шипки и капинки и чипс од лешник? Вакви и други интересни и само нему својствени комбинации прави дваесетишестгодишниот скопјанец Енис Имеровски кој секаде наоѓа инспирација за ова, но затоа никогаш не отстапува од точните мерки кога треба да се направи тестото за неговите неверојатни пици

Скопјанецот Енис Имеровски го видов сосема случајно на еден настан на кој изложуваа свои производи мали локални производители на храна, сите дел од организацијата Слоу фуд, наши драги пријатели со најразлични вкусни производи. Ја здогледав прво пицата која ми го привлече вниманието со изгледот на тестото, а потоа и со содржината: моцарела, слатко од диви капинки и мармалад од шипки од Мирјана и Бранко Ангелески и чипс од лешник, производ на семејството Перески од струшко.

Дури потоа го видов момчето што ја држеше. Направи неколку пици и сите се разграбаа набрзина па ниту стасав да ги пробам пиците, ниту стасав до мајсторот што ги направи.

Дури потоа, случајно, откако ми раскажаа за извесен Енис Имеровски, дека е вредно момче и, иако млад, има 26 години, е експерт за пици, „собрав 2 и 2″, го поврзав името со ликот и го побарав.

И не згрешив. Имате што да прочитате.

Овој 26-годишен скопски Турчин, да, да, Турчин е и затоа, освен за пица која, како што знаеме сите, дефинитивно не е ниту турски, ниту македонски специјалитет, туку италијански, е и мајстор за турските специјалитети: пиде и лахмаџун.

Иако учел нешто сосема друго (завршил во средното училиште „Михајло Пупин“), намамуван од прекрасните ароми кои постојано се ширеле од кујната на мајка му, тргнал по сосема други патишта и на 17 години влегол во, како што вели, „волшебниот гастрономски свет“.

Подготвувањето на храна за него значи слобода, задоволство и љубов.

„Кулинарството отсекогаш било предизвик за мене, бидејќи умешноста да се создава вкусна храна е уметност. Дел од уметноста на живеењето. Тоа е кога храната ја качувате на повисоко скалило на животот, а тоа е задоволството. Подготвувањето храна за мене е и слобода, слобода да експериментирам, слобода да се изразам себеси и да бидам тој што сум, изразен низ гастрономски комбинаторики.

Но, за да се работи со храна, треба истата и да се чувствува, бидејќи подготвувањето на храната со љубов се чувствува уште при првото вкусување. Би додал дури и дека основниот зачин, при подготовка на која било храна, јадење, специјалитет, но и во секојдневното готвење, е љубовта“, вели Енис.

Го сакал кулинарството уште од дете ме, но не помислил дека животот ќе му отвори патека по којашто, вели, „колку повеќе чекорам, толку повеќе ја осознавам важноста на овој занает, кој е единствен и отвора бројни можности за напредување и за лична самореализација“.

Сепак, негова најголема страст е правењето на пици и тоа се гледа со секоја негова пица. Веќе една година работи во скопскиот ресторан „Пелистер“ кадешто, гостите веќе ја препознаваат и се враќаат тука, на местото на „злосторството“, во „Пелистер“, меѓудругото и токму поради единствениот вкус на пиците кои ги прави овој млад и успешен пица-мајстор. 

„Секој шеф-готвач си има свој приод кон подготовката на јадења, свој личен стил. 

Но кога сте пица-мајстор, мора да ја задржите правилната доза на состојките, а притоа да останете свој, да внесете дел од вашата индивидуалност во крајниот резултат.

Пицата има строго препорачана доза на состојки и таа треба да се почитува за да се добие изворниот вкус на пица на „италијански“ начин, но сепак јас успевам да внесам еден мој начин на подготовка на пицата. Ме радува тоа што нашиот народ едноставно обожува пица, а јас обожувам да ја правам“, се смее Енис.

Неговото семејство, родителите и помалиот брат, ја имаат привилегијата да си го имаат мајсторот дома и често да уживаат во неговите ремек-дела.

„Мојата фамилија е горда на мене и секако дека ми е најголемата поддршка за оваа моја работа. Гледаат дека уживам и напредувам во тоа што го работам и творам. Тие се моите најдобри пријатели, секогаш се искрени, да ми дадат совет и поддршка и благодарение на нив јас сум тука кадешто сум. Голема поддршка на моите почетоци ми беше и сѐ уште ми е Зоран Јовановски – Паламаро, кој несебично го споделуваше  своето знаење со мене и секогаш ми даваше искрени совети. Исто така имам многу голема подршка и од еден од најдобрите во својот занает, мојот драг пријател и слободно можам да кажам, брат, шеф Виктор Настески. Секогаш е тука за мене, за совет и за каква било подршка која многу ми значи. Исто така имам голема поддршка и од Дејан Христовски (Деки 4 сезони). И сега знаеме да направиме заедно по некоја пица и да си споделиме искуства“, вели нашиот соговорник.

Енис бил учесник и на светскиот пица-шампионат во Римини, Италија, кадешто се натпреварувал во Pizza Classica и покажал одличен успех.

„Во февруари годинава имав чест да ја претставам нашата држава на натпреварот во Римини, Италија и бев многу горд поради тоа, но и го оправдав.

Мојот нов предизвик е следната година да ја покажам мојата уметност во подгоговка  на Пица Наполитана на светскиот Caputo Cup во Наполи. Пресреќен сум бидејќи ќе го претставам моето знаење и нашата држава Република Македонија најдобро што можам“, најавува нашиот соговорник кому омилена пица му е Маргарита.

Енис има и свои идоли во оваа бранша. Еден од нив е Антонио Старита, легендата на Наполитанската пица и Џино Сорбило.

Како и сите вредни и умешни кулинари и Енис има доста понуди за работа надвор од Македонија и не ја исклучува можноста, ако му се отвори пат за некоја подобра понуда, да ја прифати. „Секој тежнее кон подобро, зарем не е така? Иако и во мојата Македонија одлично се градам и работам во еден од најреномираните ресторани кадешто сум одлично прифатен од сите“, вели Енис.

А тој, со оглед на тоа што е сѐ уште многу млад, има и една огромна желба.

„Сакам еден ден да отворам ресторан, кадешто ќе можам слободно да креирам свое мени и да ги прикажам моите квалитети и моите неодоливи пици. Воедно, кадешто ќе можам и да го споделам мојот заенает со идните генерации и помлади пица-мајстори кои би работеле со мене. Имам визија како ќе изгледа мојот ресторан и дефинитивно, ќе биде поразличен од сѐ што постои кај нас“, раскажува Енис со голем жар.

Паралелно со својата работа, тој постојано држи и обуки за пица-мајстори и за нивно усовршување.

„Курсот за пица-мајстори вклучува обука за подготовка и дозирање на основните состојки за правење квалитетно тесто за пица Наполитана, пица Класика, Пинса Романа, како и техники за правилно мешање, развој и обликување“, вели Енис кој не престанува да се усовршува и да учи од повозрасните и самиот.

„Имав таа чест да бидат во една од најстарите пицерии во светотот L’аntica pizzeria da Michele, но и да бидам единствениот Македонец кој имал можност да направи пица во оваа пицерија, благодарение на моите пријатели Џенаро Џиаме од Италија и Петрит Мехмети од Косово, кој работи во истата пицерија“, се пофали на крајот младиот маестро.