Сликарска трпеза: Цветови кои не знаеш дали се за украс или за грицкање, колач за пола саат, вегетаријански бургери од леќа…

453

За готвачите постојано го употребуваме изразот, кулинарски уметници, ама кога ќе видите што сѐ може да направи една сликарка во својата кујна, ќе сфатите кој е вистински уметник, во ателје или во кујна, сеедно

Нашата домаќинка е сликарката Симонида Филипова Китановска, слободен уметник, во последниве години од нејзиното творештво речиси исклучиво посветена на акварелите. Постојано е некаде низ светот, кој ја препознава како авторка со посебен придонес за современата меѓународна ликовна сцена.

Нејзината инспирација е безгранична и не завршува во преубавата градина полна со растенија, дрвја, цвеќиња и птици, ниту пак се пресликува само на акварелна хартија, со боја и четка.

Да, да, инспирацијата не ја остава пред вратата и во ателјето, туку е подеднакво присутна и во нејзината кујна, само наместо бои и четки, тука „летаат“ тавчиња, тенџериња и други кујнски алатки. А што сѐ излегува од таму, знаат само оние кои имале чест да се најдат на трпезата приготвена за различни пригоди, по различни поводи или само онака, дека ѝ е ќеф.

Овојпат, за нејзиниот пролетен роденден трпезата е поставена под крошната на дрвјата во преубавата градина, а ѕвезда на масата се – спринг ролс цвеќенцата.

Кога ќе ги видите наредени на чинијата, не сте воопшто сигурни дали се за украс или (дај Боже) за јадење. И нема да знаете што попрво да правите, да ги сликате, да прашувате дали се за јадење или за украс или храбро да си ја наполните чинијата и едноставно, да грицнете малку.

И да, за јадење се и се навистина вкусни исто толку колку што се и убави за око.

Ако ја прашате како се прават, звучи како да се направени со леснотија. И веројатно е така за неа, ама не за секој, па ако немате нерви и уште поважно, ако немате „фат“, ич не се заморувајте.

Во спротивно, обидете се: земете оризови кори, исечете ги во облик на цвет и залепете ги една со друга со помош на сварен ориз… „Чрврчнете ги“ во врел зејтин неколку секунди и наредете ги на чинијата.

Освен преубавите цветови, софрата ја красат уште многу деликатеси, особено привлечни, ако сте вегетаријанец. Превкусни бургери од црвена леќа и полнети триаголници со зеленчук, во комбинација со вкусни сосови со домашни свежи билки од дворот, ориз со ракчиња, зелени салати, грицки и портокали, ама и крцкави крилца за оние кои сакаат да си мезат со ладно пиво, наместо да уживаат со розево вино.

И така, таман ќе помислите дека е време да станете и да си одите, ќе сфатите дека не сте ја виделе славеничката во последните 15 минути. Ја барате да се поздравите и ви велат: Симонида е во кујна, ја прави тортата. Молам?!

Нормално, се враќате назад!

Наскоро, пристигнува Симонида со старата добра америчка тава во која е роденденскиот колач стокмен со брзина на светлината, а со изглед и вкус од милион долари.

Значи, не се вели залудно „како јаготка на шлагот“….

Наскоро ќе ги добиеме и рецептите за некои од овие убавини и ќе ги споделиме со вас. И верувајте, сѐ изгледаше многу поубаво отколку на нашиве фотографии.