Вкусови ли се вкусови, гурмански маки големи! Како се најде еден супер-херој меѓу пет бестрашни жени и што ново вкусивме денес?

416

Слатко од капини, пекмез од шипки, малечки куглоф колачи, производи со тартуфи и најновиот хит од кујната на „Туф“, портокал со тартуфи, потоа вкусните „Бонита“ путери од јаткасти плодови, раскошните вина на „Јостела“, „В’к“ ракија, а особено женските изданија, ракија од лаванда и ликер од кафе и органските салати и зеленчуци од Орешани, сите заедно ни го разубавија денот и ја почнаа „Неделата на бестрашни жени“ во ресторанот „Гранче“. Меѓу нив, инфилтриран и тој, Васил, како бестрашна замена на неговата сестра Милица

На денешниот настан во рамките на „Неделата на бестрашни жени“ во ресторанот „Гранче“ (комплекс Мида, Скопје), на мини-пазарот на жени-локални производителки на храна и пијалаци, се најде и еден бестрашен маж. Станува збор за Васил Петрушевски, кој заедно со својата сестра Милица е оснивач на т.н. Зелена република/Green republic, бренд што тие двајца го развиле со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој.

Со оглед на тоа што Милица морала да биде на своето работно место, на денешниот женски настан бестрашно се појави тој, Васил, сам меѓу петте жени, инаку сите членови на Слоу фуд Водно.

Васил го знаеме и како компјутерџија, а неговата сестра за него си има и прекар. Го нарекува Прока Пронаоѓачот, бидејќи, како што ни раскажа во една пригода, по природа е многу инвентивен.

Овојпат, се чини дека уживаше во својата улога на супер-херој помеѓу петте убави и инспиративни жени кои заедно со него ги изложуваа своите производи.

Највозрасната меѓу нив е госпоѓа Мирјана Ангелеска која ги произведува убавите слатка од капини, слатко-луто од пиперки и мармаладот од шипки, а овојпат ни ги понуди и колачите што ги изработува нејзината снаа, мали куглофи со мак, вишни и кора од портокал, онакви слатки, да ги грабнеш и да бегаш.

Веднаш до неа, не по возраст туку со изложбениот простор за своите производи беше Валентина Митрова која постојано го збогатува со нови производи и онака богатото производствено портфолио на брендот „Туф“. Иако секогаш се тоа иновативни и ароматични производи со тартуфи, овојпат хит беше нејзиното најново дело-слаткото од портокал со тартуф.

Потоа, веднаш до Васил и зелените органски производи на Зелена Република, најмладата меѓу нив, Марија Димовска која со сопругот Антонио ја имаат семејната компанија „Бонита“ која се занимава со производство на органски путери од јаткасти плодови. При производството двајцата сопружници ги користат природните процеси за зачувување на квалитетот на производите, без да додаваат сол, шеќер, конзерванси, масла, вештачки бои и ароми.

И последни во „низата“, двете дами на кои капа им симнуваат мажите кои се сѐ уште подоминантни во производството на алкохолни пијалаци, но не во однос на квалитетот, туку во однос на нивниот број, Венера и Јуле.

Венера Гелебешева Крстиќ по професија е енолог и целиот свој живот го посветува на оваа нејзина животна пасија и голема љубов, прво работејќи како енолог во други винарии, а потоа и во нивната семејна винарија „Јостела“ која е лоцирана на патот кон ски центарот Кожуф, а која таа ја наследила од нејзиниот татко, инаку, еден од првите школувани енолози во државата.

И на крајот Јуле Динова која отпрва му била поддршка на својот сопруг Јорде Јованов во производството на домашната ракија позната под брендот „В’К“, а сега, како што знаат да се пошегуваат нивните пријатели и колеги, полека му станува и конкуренција. Имено, таа веќе направи бум со своето женско издание на „В’к“, ракијата од лаванда, а на денешниот настан имавме можност да го дегустираме и нејзиниот ликер со кафе. Јуле не се плаши да се впушта во постојано нови предизвици и експерименти, а за среќа, досега се сите успешни, па Јорде не мора да жали дека ракијата му отишла јабана.