Таа е најголем амбасадор на Македонија во Англија: Нејзината книга „Дома“ е вистинска ода на македонската кујна, полна со радосни приказни и вкусна храна

3.320

Што доаѓа во кутија за пица, а не е пица? Одговорот на ова прашање во Англија гласи вака: Тоа се моќните македонски пити со богат фил на Спасиа Динковски. Од наша гора, лист, што би рекле Србите. Сега излезе и нејзината книга со едноставно име: „Дома“, вистинска ода на македонската кујна

Денес (4 април 2024) излезе од печат книгата „Дома“ на нашата Спасиа Динковски, девојката која во последните четири години доживеа речиси филмски успех и стана славна речиси како членовите на кралското семејство во Англија. А Спасиа е всушност, од наша гора лист, што би рекле Србите.

Нејзините родители се Македонци, а таа е родена во Англија, но е поголема Македонка дури и од оние што си заминале оттука пред само неколку години, а покрај неа, научија за Македонија многу дури и оние кои не знаеја ништо.

Користејќи го знаењето кое се пренесувало од колено на колено низ нејзиното семејство, Спасиа направи беспрекорна формула и почна да ги продава своите огромни пити бурек преку Инстаграм, пакувајќи ги во кутии за пица и продавајќи ги низ градот. И сето тоа, во време на пандемијата со вирусот корона.

Оттогаш наваму, Спасиа направи многу. Ја отвори продавницата Mystic Burek со седиште во Лондон, во кое централно место зазема македонското знаме. Мисијата на Спасиа Динковски е да ги пренесе богатите вкусови и традиции на Македонија до колку што е можно повеќе луѓе, а нивниот круг се шири сам од себе, со пренесување на приказната за нејзината храна од уста на уста, но и прераскажана во тамошните медиуми кадешто е таа навистина чест гостин.

Спасија е искусна готвачка, која работела 15 години во професионални кујни во Лондон и САД. Беше избрана за едно од „50 нешта што ги сакаме во светот на храната“ на списанието Observer Food Monthly, за еден од најдобрите лондонски поп-апи од страна на магазинот Eater, а за неа пишуваа и во Тајмс, магазинот Олив, Тајм Аут, Телеграф и Гардијан.

И затоа не е чудно што сега, ако некому во Англија му го поставите прашањето: Што е тоа што доаѓа во кутија за пица, но не е пица, ќе ви одговори: Една од моќните македонски пити богати со фил на Спасиа Динковски. А нејзиниот бизнис со бурек на нејзин оригинален начин се родил во моментите кога копнеела по вкусната пита со сирење и јајца на нејзината баба Славка.

Книгата на Спасиа во која, можеме да се пофалиме, и ние имаме замешано прсти, е вистинска ода на македонската кујна, вклучувајќи го и бурекот.

„Полна со свежи и иновативни рецепти за јадења што не се пропуштаат, „Дома“ разиграно експериментира со традиционалните вкусови, притоа создавајќи уникатен и модерен поглед на храната од овој досега неистражен регион. Покрај повеќето рецепти има и убави и искрени приказни за храната од целата земја кои нудат уникатна слика за енергичната кулинарска и културна историја на регионот и живописни слики од модерна Македонија. Отклучете ги вкусовите на ова евокативно катче на Југоисточна Европа со оваа автентична и современа регионална книга за готвење од една од ѕвездите во подем на балканското готвење“, пишува во најавата за книгата на Спасиа нејзиниот британски издавач.

Во неа ќе најдете и ќе препознаете и многу оригинални ликови и места кои Спасиа ги посетила и ги засакала во текот на своите посети на Македонија, додека паралелно ги пишувала приказните за книгата и склопувала пријателства кои траат. Тука се Тони и Фросина од популарната скопска кафеана „Фросина“, Давид од „Кози, млеко, планина“, Наташа од селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ и многу други.

Повеќе за книгата ќе најдете ТУКА.