Тие се одлични готвачки и отвараат ресторани на 80 и кусур: Запознајте ги бабичките за кои годините се навистина само бројка

Фото: Nonna Dora‘s Pasta Bar/Facebook
1.168

Покрај тоа што суверено владеат со кујните, овие бабички во Њујорк отвараат ресторани, споделуваат рецепти и градат заедница околу чинија добра храна.

Ако прашате кој било готвач или слаткар што го одбележало и како ја започнал својата кариера, големи се шансите да ви каже дека во тоа замешала прсти силна женска личност, најчесто баба, нана или нона, сеедно како и да ја викаат. Што и да мислите за овие изјави, факт е дека омилената активност на многумина беше плеткањето околу нозете на баба, игрите со брашно и тесто и гледањето што се случува во тенџерето. Топлината во кујната на баба можеби изгледа како клише што предизвикува носталгија кај нас, но токму ова е главниот адут на два многу посебни ресторани во Њујорк.

Адолората „Дора“ Марзовила го отворила својот прв ресторан на Менхетен во пролетта 2022 година. Не би било ова некоја вест ако г-ѓа Марзовила немаше 86 години и ако секое утро не правеше свежи тестенини за гостите во ресторанот. Израсната во италијанскиот регион Апулија, нона Дора емигрирала во САД во раните 1970-ти и работела како шивачка до нејзините 50-ти. За прв пат, таа се впуштила во угостителските води нудејќи му на својот син да прави свежи тестенини за неговиот ресторан I Trulli. Сите рецепти и техники кои ги користи во кујната се резултат на богато животно искуство, а по затворањето на I Trulli на почетокот на минатата година, таа одлучила дека не може да седи дома, туку мора да продолжи со својата страст.

Денес, за потребите на сопствениот ресторан, Nonna Dora’s Pasta Bar прави дури 19 видови свежи тестенини, а на менито има многу традиционални италијански специјалитети кои брзо ги освоија срцата на њујорчани. Незапирливата нона Дора повремено одржува работилници за правење свежи тестенини, а добрите критики во бројни медиуми покажаа дека гостите знаат да го ценат квалитетот на вистинската домашна храна. Не само тоа! Њујорчаните можат да ѝ нарачаат и свежи тестенини и сосови за дома, во форма на вакумирани пакувања кои доаѓаат со рецепт за тоа како да се подготват, на пример, њоки или таљатели.

Друг пример за тоа како годините се само бројка може да се најде и на другата страна на Њујорк, поточно на Стејтен Ајленд. Енотека Марија на почетокот изгледа како типичен италијански ресторан, но овој ресторан е многу повеќе од тоа. Имено, неговото мени постојано се менува, како и готвачите кои подготвуваат храна за гостите на ресторанот. Оваа група на весели жени ја нарекуваат „баби на светот“, а нивното готвење доведе до тоа ресторанот да стане толку популарен што без резервација неколку недели однапред, веќе не е можно да се добие маса, а речиси секоја вечер гостите ја наградуваат готвачката со силен аплауз. Една од бабите што готви е Марија Џаланела, која 88-те години од животот не ја спречуваат да ги засука ракавите и да подготви гозба за целиот ресторан во огромни тенџериња во кујната на ресторанот. Има повеќе сличности меѓу неа и Дора од почетокот на приказната отколку што некој би помислил на почетокот – и двете емигрирале во 1970-тите, и двете работеле како шивачки, но за разлика од Дора, која има ресторан, Марија слушнала од нејзината ќерка пред десет години дека има ресторан каде готвачите се менуваат и каде постарите дами се вистинските ѕвезди на кујната. Со текот на годините, проектот се развил и вклучува „баби“ на возраст од 50 до 90 години, а тие доаѓаат од целиот свет, така што гостите можат да ги вкусат специјалитетите на Бразил, Аргентина, Италија, Германија, Грција, Египет, Индија, Хонг Конг и така натаму.

Иако во почетокот ресторанот бил замислен како траторија посветена на италијанските корени на самиот сопственик, тој се претворил во нешто многу подобро, а потрагата по „нона“ од различни култури го претвори во возбудливо место каде што гостите доаѓаат да се потсетат на искуството од одење кај баба на ручек. Денес гостите можат да ги пробаат класиците на италијанската кујна и јадењата на гостинската „нона“, а атмосферата на прифаќање и само малку носталгија, порциите смеа и одличната храна се одличен показател дека вистинскиот талент за гостопримство не познава години.