Тирамису, македонска верзија
Оваа верзија на тирамису ја нарековме македонска затоа што за кремот наместо 500 грама скапо маскарпоне, употребивме 250 грама маскарпоне и 250 грама несолена урда. Следниот пат ќе пробаме само со урда. Од белките што ќе ви останат направете си и едноставни колаченца со кокос
Повеќето рецепти за тирамису се со сирови јајца, варијанта која не ја сметаме за многу безбедна, па одбравме да го свариме на пареа кремот од жолчки, а наместо да ги матиме белките, од нив направивме вкусни колаченца со кокос, а за тирамисуто употребивме шлаг од кесичка.
Исто така, наместо маскарпоне сирење кое е прескапо, ставивме 250 грама маскарпоне и исто толку несолена урда. Ако имате вкусна несолена урда, тогаш маскарпоне воопшто не ви треба.
Рецепт за тирамису
4 жолчки
100 грама шеќер во прав
500 грама маскарпоне или урда или комбинирано
250 мл слатка павлака или изматете 1-2 шлага по упатството од кесичката
2 поголеми пакувања пишкоти (48 парчиња)
3 дцл инстант кафе (2 големи рамни лажици кафе)
малку рум
Приготвување:
Измешајте ги жолчките со шеќер во прав и ставете ги на пареа додека не згусне…околу 15-20 минути. Кога ќе се олади додадете го сирењето и изматете малку. Посебно изматете ја слатката павлака (или шлагот), додајте ја на претходната смеса и измешајте убаво.
Потопете ги пишкотите на кратко во изладеното кафе во кое се додава малку рум и наредете во некој сад два реда по 12 парчиња и врз нив ставете дел од кремот, па повторно пишкоти и остатокот од кремот. Најгоре наросете какао во прав за декорација.
Рецепт за колачите од белки и кокос
4 белки
200 г кокос
100 г шеќер во прав
лешници по желба (за секое колаче по еден)
Приготвување:
Изматете ги белките, па полека додавајте го шеќерот постојано матејќи. На крајот додадете го кокосот и измешајте со лажица.
Врз хартија за печење ставајте по една лажица од смесата и во секое колаче ставете по еден лешник. Печете во загреана рерна на 170 степени околу 15 минути.