Тој е политиколог, винар и сомелиер: Љубовта кон виното ја пренесува на сите околу него, па и од актери прави – сомелиери

808

Ристо Јордановски е политиколог, ама и винар. И енолог и сомелиер и најмногу од сѐ, вљубеник во вино. „Не е лесно да те прифатат кога си надвор од таа фела на високообразовани енолози кои тешко прифаќаат аутсајдери како мене“, вели тој. Секако дека е аутсајдер, тој е еден „обичен“ политиколог кој прави необично и одлично вино

Нашиот соговорник Ристо Јордановски е скопјанец со неготинско потекло,  политиколог, татко на две ќерки, сертифициран сомелиер и самоук енолог, винар кој прави одлични вина, особено она кое го пробавме додека бевме гости во неговиот Ено-бар, покрај Кејот на Вардар.

Каберне совињон, лимитирана едиција од 500 шишиња, раскошно црвено барик вино од 2019-та, одлежано 36 месеци во кое, се разбира, најпривлечен е вкусот, а причина за тоа е високата концентрација на танини во кожичката на грозјето.

„Не е лесно кога си надвор од таа фела на високообразовани енолози да те прифатат како самоук винар, аутсајдер во винскиот свет. Сепак, мислам дека кога ќе постигнеш резултат спакуван во шише, кој ќе им го презентираш на некој настан или вински саем, се добива поддршка, а со тоа и повеќе самодоверба и ентузијазам да се продолжи да се работи и да се прави уникатна приказна во винскиот свет“, почнува Ристо да ја раскажува својата уникатна винска приказна.

Всушност, станува збор за семејна приказна, онаа од дедо му по татко, Ристо сениор, кој во семејната куќа во Неготино правел ракија и вино за своја душа.

Приказната ја продолжуваат нашиот соговорник Ристо, кои неговите пријатели си го викаат Ице, неговиот помлад брат Јадран, кои сите го знаат како Пепо (за да биде приказната уште поинтересна и тој е дипломиран политиколог) и нивниот сега покоен татко Драги, инаку познат угостител во Скопје (Фешн кафе во ГТЦ, Журнал,…).

„Дел од фамилијата од таткова страна се од Неготино, кадешто веќе имавме винови насади наследени од дедо ми Ристо, некои се обновија, а се подигнаа и нови насади, се докупија некои нови парцели и одлучивме сериозно да почнеме да правиме вино кое ќе можеме со гордост да го понудиме на винскиот пазар. Инаку, моите први сеќавања за виното се од некои мои 4-5 години, кога го гледав дедо ми како во чашата со Кратошија во тоа време, си додава сечкани парчиња јаболко. Му беше забрането да пие вино во поголеми количини поради притисокот, па така, со јаболката имаше визуелно слика за полна чаша. Затоа и мојот прв контакт со вино беше токму преку парче јаболко натопено во вино“, се потсетува Ице.

А дека неговата винска авантура е всушност сериозна винска приказна, доволно зборува тоа што, иако самоук, Ристо постојано се образувал во оваа бранша, преку стручна литература, но и искуствено, дегустирајќи вина, во дружба со енолози и сомелиери, а и самиот е сертифициран сомелиер.

„Додека студирав политикологија во Прага, Чешка и како студент работев по ресторани и барови, ми се отворија видиците, се запознавав со вина од целиот свет, па пробував и најскапи француски вина, за кои во тоа време не ми беше баш јасно зошто имаат таква комерцијална вредност, но овие работи се учат, па така научив и јас. Во тој период од животот, се разбуди моето почитување кон виното, тоа доби една друга димензија и сѐ повеќе се инволвирав во винскиот свет. Виното си има и своја социјална димензија, па јас почнав сѐ повеќе да се дружам со другите винари и да „купувам“ знаење. На пример, со Антонио Брзанов, за кој слободно можам да кажам дека го сметам за мој ментор, потоа со Јордан Карталов и ред други кои произведуваат вино. Од 2014-та година, веќе со новите подигнати насади во старата семејна куќа во Неготино, решивме да си почнеме со свое производство, бидејќи дотогаш нашето Каберне ни го откупуваше „Тиквеш“.

Во 2006 веќе бев член на македонски вински клуб, а на свои 24-25 години отворив прва фирма за трговија со вино. Последниве години, со желба да направиме уникатни вина што ќе не диференцираат на пазарот, многу инвестиравме во опрема.

Покрај оние познати барик буриња имаме купено италијански глинени садови направени по нова технологија која овозможува зреење и развој на виното и кои во Македонија ги нема во ниедна друга винарија. Така успеавме да направиме навистина уникатни вина. Со оглед на тоа што овие глинени садови се во вид на сфери, брендиравме две од нашите вински етикети како Сфера. Станува збор за црвено вино „0Сфера Каберне“, одлежано во „клејвер“ садови, црвено вино со висок интензитет, уникатен профил на виното добиен токму поради тоа што не е созреано во дабови буриња, туку токму во овие италијански високо-технолошки глинени садови на clayver italia од кои на крајот излегува навистина уникатно вино.

Второто е таканареченото оринџ или амбер вино добиено со ферментација на грозјето во тие италијански глинени садови – Сфера Гевурцтраминер. Станува збор за тип на ароматичен траминец, сорта која дава ароматични и допадливи флорални вина“, објаснува Ристо покажувајќи ни ги овие сферични буриња кои нам ни изгледаат како кабини на вселенски летала.

А кога Ристо зборува за нивните вина, не ви останува друго освен да се задлабочите во дегустирањето и да уживате во овие неповторливи ароми и вкусови. Дека нашиот соговорник навистина знае да ги зарази сите наоколу со својот вински ентузијазам и љубов кон виното, доволно зборува и тоа што и од некои од неговите блиски пријатели, успеал да направи вистински винољупци и познавачи.

На пример, актерот Тино Костадиновски кој е негов близок пријател е веќе неповратно „забразден“ во винскиот свет, токму преку Ристо и вината од семејната винарија „Тестудо“.

Патем, ако се прашувате, името на винаријата (Тестудо) е всушност латински назив за желка, што е прекарот под кој семејството е познато во неготинскиот крај.

„Во Ено барот кој го отворивме во 2019-та година со цел да стане простор во кој ќе имаме можност да се запознаеме и со домашните вина од малите семејни производители и со оние од поголемите винарии, како и со увозни вина од Италија, Шпанија, Нов Зеланд, Калифорнија, дел од гостите се и глумци, музичари, новинари, луѓе од сите бранши. Епа меѓу нив е и Тино кој го сметам за мој студент. Иако се шегуваме на оваа тема, тој е навистина најсериозниот ученик на Ено бар кој покажува големи амбиции и капацитет за сомелиерство и за ценење на винската култура и има сериозни капацитети, на сериозно ниво да распознава сорти и стилови на вино и што е најважно, да си го дефинира својот вкус и сопствен вински индентитет. Такашто, на пат сме од глумец да го направиме сомелиер“, се смее Ристо.

А во Ено-бар е најубаво тоа што дел од понудата на вината е на чаша, па гостите можат да дегустираат повеќе вина, а тука се организираат и бројни тематски дегустации и презентации на вина, како и спарување на вино и храна.

„Имаме номатик машини, диспенсери на вино, па има можност да се служи вино во чаши. Исто така, вршиме обука на персоналот за да стекнат вештини и знаење и да можат навистина професионално да одговорат на сите прашања на нашите гости. Имаме среќа што во Ено-бар доаѓаат гости од секаде, од соседството и регионот,  Србија, Хрватска, Црна Гора, но и од Русија, Јапонија, Сингапур. Кога ќе ги пробаат нашите вина, тие покажуваат огромен интерес за продлабочување на соработката и се надеваме дека како производители, во планираниот нов објект во винаријата, ќе го зголемиме капацитетот и ќе може да почнеме да се профилираме и на меѓународните пазари“, вели Ристо.

И иако можеби како карактер делува токму онака како што е и семејниот прекар, Ристо е е далеку од бавен. Напротив, нивната семејна винарија Тестудо е далеку пред времето, барем кога станува збор за овие простори.