Трикови за готвење со оцет – зошто не ги знаевме порано?

Фото: Unsplash
3.672

Оцетот е навистина скапоцена намирница, ни помага да ја чуваме храната подолго, го прави оризот повоздушест за време на готвењето, им помага на компирите и јајцата да останат компактни… Пробајте ги овие совети и нема да зажалите!

Повеќето од нас имаат алкохолен и јаболков оцет во оставата, како и вински и ацето балсамико. Покрај вообичаеното – зачинување на салати, маринирање зеленчук, правење разни преливи за салати и секако користење на алкохолниот оцет за чистење (а во последно време има и онлајн рецепти за природен омекнувач со оцет!), постојат уште бројни начини на кои можеме да ги користиме овие намирници во готвењето, а не се толку познати.

Пробајте некои од овие совети и ќе бидете воодушевени, а потоа оцетот ќе стане незаменлива состојка во вашата кујна.

Мешавина со оцет – одлична замена за матеница
Дали правите печива, а една од состојките во рецептот е матеницата која ја немате дома? Ако имате малку оцет, тогаш тоа нема да биде проблем.

За ова најдобро ќе послужи алкохолниот оцет. Во чаша ставете една лажица оцет и наполнете ја до врвот со млеко. Добро измешајте и оставете ја смесата да отстои 5 минути. Тоа е се!

За поширање јајца
Сите сакаме поширани јајца и многу е полесно да ги подготвиме, односно да добијат совршен облик ако во зовриената вода за поширање додадете лажица оцет. Задолжително користете алкохолен оцет за јајцата да не добијат боја.

Како помага оцетот во овој процес? Помага белката да остане компактна, поради што јајцето пржено во мешавина од вода и оцет изгледа поубаво и уредно.

За повоздушест ориз
Готвењето совршен ориз не е лесно, а доколку не сте искусен мајстор за готвење ориз, додавањето на лажица оцет во водата во која се готви оризот ќе биде вистинско откровение. Киселината од оцетот ќе разгради дел од скробот во оризот, што ќе му помогне полесно да ја апсорбира водата за време на готвењето. Ова ќе ви даде ориз кој е повоздушест, што го ценат љубителите на оризот.

Овој совет е особено корисен кога се готви кафеав ориз од цело зрно бидејќи ќе го скрати времето за готвење (на кафеавиот ориз обично му треба двојно повеќе време за да се свари од белиот ориз).

За продолжување на рокот на траење на храната
Како што употребата на оцет при киселењето на зеленчук го спречува неговото расипување бидејќи оцетот ги уништува бактериите, истото важи и за зачувување на некои намирници. На пример, за кашкавалот во вашиот фрижидер да не мувлоса премногу брзо, покријте го со кујнска крпа натопена во алкохолен оцет. После тоа, завиткајте го во хартиени салфети, ставете го во пластична кеса со патент или во сад со капак и чувајте го во фрижидер.

Овошјето и зеленчукот потопете ги во мешавина од оцет и вода на 10 минути, а потоа ставете ги во фрижидер или употребете ги за готвење.

Омекнете го тврдото месо
Измешајте оцет и вода во сооднос 1:2, избоцкајте го месото за смесата полесно да навлезе во внатрешноста. Во овој раствор месото можете да го чувате околу два часа, а доколку сакате истовремено да го ароматизирате месото, можете да додадете зачини по избор и малку масло.

Го отстранува непријатниот мирис на риба од вашите раце
Дали сакате да готвите риба и морски плодови, но не ви се допаѓа непријатниот мирис што го оставаат на вашите раце? Кога сапунот и водата не се доволни, пробајте мешавина од оцет и сок од лимон.

Измешајте шолја оцет со ¼ чаша сок од лимон, додадете малку детергент за миење садови и добро измешајте и оставете да отстои околу половина час. По половина час потопете ги рацете во растворот и почнете да ги триете и за неколку минути непријатниот мирис ќе исчезне.

Тврдо варените јајца полесно се лупат
Лупењето на лушпата од тврдо варени јајца понекогаш е вистински проблем, лушпата се крши, со неа испаѓаат парчиња од јајцето… Ако додадете малку оцет во водата во која ги готвите јајцата, лушпата ќе омекне и подоцна ќе можете полесно да ја излупите. За овој кујнски трик можете да користите и јаболков оцет.

Гответе ги компирите во мешавина од оцет и вода
Знаете како некои компири остануваат цврсти по готвењето, а некои почнуваат да се распаѓаат? Ова се должи на количината на скроб што некои сорти компири го содржат повеќе од другите. За да ви останат цврсти компирите при варењето, ставете една лажичка оцет во водата во која ќе ги готвите, но дури откако ќе помине половина од времето за готвење.