Вегански панфорте колач

Фото: Pexels
295

Оваа празнична сезона направете здрав италијански панфорте колач – без шеќер и млеко

Дали ви снема идеи за празнични десерти и колачи? Барате нешто погодно што не бара многу од вашето време? Најдовме рецепт за вегански панфорте колач кој инаку, потекнува од Италија.

Панфорте потекнува од 13 век, од регионот на Тоскана, поточно од градот Сиена. Токму затоа се нарекува и колач од Сиена или панфорте ди Сиена.

Најпрвин го направила една калуѓерка за манастирот. Тој прв панфорте бил всушност леб од мед, кој калуѓерката го подготвувала со додавање на разни зачини, како цимет, морско оревче и црн пипер.

На почетокот, панфорте можела да си го дозволи само елитата бидејќи бадемите, зачините и кората од цитрус биле многу скапи.

Главната улога во колачот панфорте ја имаат какаото, јаткастите плодови и сувото овошје и разните зачини. Неговата текстура потсетува на овошни колачи, а најмногу плени со својот мирис кој се чувствува оддалеку.

Традиционално, панфорте се подготвува со многу мед, но бидејќи ова е вегански рецепт (да, да, веганите не јадат мед), наместо мед се користи јаворов сируп.

Вкусно, крцкаво и здраво

Навистина не можете да згрешите со овој десерт бидејќи кој би можел да одолее на миризливи зачини, сушено овошје, јаткасти плодови и какао – и сето тоа во еден колач.

Во споредба со другите празнични колачи, овој, освен што е исклучително вкусен и крцкав, е и доста здрав бидејќи содржи хранливи материи од јаткастите плодови и сувото овошје, а вклучува и здрави масти.

Исто така, доколку сте чувствителни на глутен, можете да подготвите и варијанта без глутен – во тој случај вообичаеното пченично брашно заменете го со нешто без глутен, како хељда или бадеми.

Она што го прави панфорте посебен е фактот што може да се чува долго време – ќе остане свеж до три недели ако однапред го испечете, изладите и чувате во сад со капак (можете и да го завиткате во проѕирна фолија).

Токму тоа го прави совршен подарок за вашите гости или сакани за време на празниците.

Вегански панфорте – рецепт

Состојки:

310 гр мешани потпечени јаткасти плодови, излупени и исечкани
280 гр мешано сушено овошје по желба (на пр. кајсии, ананас, манго, суво грозје, брусница)
90 гр зашеќерена кора од цитрус – портокал и лимон
4 лажици какао во прав
1 лажичка цимет во прав
1 лажичка мешавина од зачини во прав (ѓумбир, каранфилче, коријандер, морско оревче)
100 гр пченично или безглутенско брашно по избор
120 мл јаворов сируп или агава
100 гр кокосов шеќер
3 лажици маслиново масло
120 мл зовриена вода

Приготвување:

Доколку немате потпечени јаткасти плодови, испечете ги пред да почнете да го подготвувате колачот. Наредете ги во плех и печете 5-7 минути во рерна загреана на 180 Целзиусови степени.

Потоа извадете ги и истријте ги со чиста крпа за да им ја отстраните лушпата. Исечкајте ги.

Намалете ја температурата во рерната на 170 степени Целзиусови. Намрсете го калапот за колач со дијаметар од 30 цм и обложете го дното со хартија за печење.

Во голем сад измешајте ги јаткастите плодови и сувото овошје, зашеќерената кора од цитрус, какао во прав, зачини и брашно.

Во мало тенџере загрејте ги маслиновото масло, кокосовиот шеќер и јаворовиот сируп и мешајте на умерен оган додека не се растопи кокосовиот шеќер. Потоа додадете врела вода.

Мокрите состојки се мешаат со сувите состојки додека да се соединат.

Смесата префрлете ја во калапот за панфорте и добро притиснете со лажица или влажни прсти.

Печете околу 25 минути или додека не забележите дека работ на колачот полека почнува да се крева.

Оставете го панфортето да се излади околу 10 минути во калапот, а потоа извадете го прстенот и извадете го.

Нека се излади целосно и по желба поросете го со шеќер во прав. Меѓутоа, доколку сакате уште поздрава верзија, наместо со шеќер во прав, поросете го колачот со малку сирово какао.

На собна температура или во фрижидер, оваа торта може да ви трае неколку недели, а можете и да ја замрзнете – во тој случај ќе ви трае до 6 месеци.