Велешанец направи протеинска замена за месо од наут и ларви од трут и нутритивна храна што трае со години без фрижидер: Ова е неговиот „шпорет“

1.744

Можеби сè уште немаме космонаути, но имаме човек кој кога би ги имале, би можел да ги снабди со високонутритивна храна обработена во неговиот лиофилизатор наречен Апико Про Најдовски кој, се разбира, го направил самиот. Тој се вика Благојче Најдовски, има 50 години, натпросечно висок коефициент на интелигенција, меѓународен експерт за пчеларство, спасувач на пчелите, изумител на функционална супер храна од лиофилизирани трутовски ларви и брашно од леблебија, „магионичар“ кој ја претвора водата во сува материја, иноватор кому само небото му е граница

Кога вчера (20.јуни), мртва гладна, право од работа отидов на прогласувањето на победниците на натпреварот „Зелени идеи“ кој веќе години со ред го организира „АРНО“, не знаев дека гласните звуци од мојот желудник кој брзајќи да стасам го оставив без ручек, ќе го смирам јадејќи храна која веројатно ја јадат и астронаутите во некоја вселенска станица таму горе, надвор од нашата планета.
Велешанецот Благојче Најдовски ме најаде со дехидрирани шумски плодови, меѓу кои боровинки од Солунска глава, капинки и мали шумски јагоди, чипс од дехидрирани млади тартуфи и замена за месо направено од брашно од македонски наут и лиофилизирани трутовски ларви спакувани во високонутритивна храна која брзо ме засити откако лакомо излапав и повеќе од што треба.

За Апико-Про и за Про-Најдовски

Благојче Најдовски беше еден од тројцата добитници на наградите за зелени идеи, со неговиот производ Апико-Про, иновативна алтернативна протеинска  функционална супер храна на база на инсекти за здрав живот за целото семејство.
„Ние нудиме нов пристап и технологија за производство на Apico-Pro кој е комбинација од растителни протеини (локално произведен наут кој е познат со векови на овие простори) и високо нутритивен прав од трутовски ларви  кој се произведува со сушењето на ларвите во услови на вакум со замрзнување на ултра ниски температури, познато и како лиофилизација“, ни објасни Благојче нагласувајќи дека оваа награда му претставува предизвик и потстрек да оди понатаму, односно, да отвори и стартап компанија преку која целата палета на производи кои ги презентираше на натпреварот, а дел од нив и на Фестивалот за биодиверзитет на Слоу фуд, на 18.јуни, ќе се најде на полиците на продавниците.

А него како да го обележале со презимето од денот на раѓањето. Најдовски (некој што наоѓа, односно, пронаоѓа, нешто како Прока Пронаоѓачот) е иноватор на повеќе иновативни производи, пчелар со 30-годишно искуство, трета генерација во семејството со сопствена пчеларска фарма, магистер по земјоделски науки, човек кој зборува 4 јазици, а тука не ги брои српскиот и хрватскиот, туку само англискиот, турскиот, рускиот и бугарскиот.
Во 2022 година има добиено награда за иновација на меѓународниот пчеларски саем во Белград за уреди за органска борба против вароата (паразитски грини), има работено во Федерација на Фармерите околу 20 години, а во исто време, повеќе од 15 години бил и уредник на единственото списание за земјоделство и рурален развој (Моја Земја) и неговата албанска верзија ТОКА ИМЕ во онлајн верзија наменета за земјоделците во Косово, Македонија и Албанија.

Тој е меѓународен експерт за пчеларство и се занимава со стручна едукација на пчеларите од Балканот на тема: Иновации во пчеларството, употреба на органски средства за борба против вароа деструктор, пчеларски маркетинг и добивање на производи со високо додадена вредност, протеинско гладување на пчелите во услови на климатски промени. Можел да живее во Ирска, во Италија и во Шведска, но останал тука. „Дома си е дома, а мојот пристап е како да направиш пари од нешто наше, нешто од ништо. И да знаете, не мора да имате имот на село за да правите храна“, вели Благојче.

За протеинското гладување на пчелите

Најдовски е професионален пчелар и последниве неколку години има направено многу иновации.
Во 2020 година, кога поради климатските промени, односно, поради недостаток на протеини (немаше полен во природата), имаше голема смртност на пчелите, во соработка со бугарскиот професор Пламен Христов, Благојче почнал да размислува што можат тие да направат за пчелите, за да го пребродат овој период. „Во светот, како протеинска храна на пчелите им се дава соја, но таа е 99 отсто ГМО и е увозна, ја купуваме од Америка. Мене ми текна дека нејзиниот роднина, наутот кој расте во Македонија, значи, наш е и е трипати поевтин, можеме да го ставиме наместо соја. Со професорот година дена истражувавме и направивме храна за пчели која се состоеше во основа од леблебија и од други микро и макроелементи. Имавме потреба од лиофилизатор, сушара која работи на минус 40 степени (машина за сушење со вакуум замрзнување) со која се прават вакцини и храна за космонаути, па јас, со оглед на тоа што имам широко образование и со помош на руска литература заедно со сознанија од западната цивилизација ја направив самиот. Ме чинеше 5000 евра, а станува збор за комплексна машина во која можете да направите храна за астронаути. На пример, сушени јајца кои можат да стојат 25 години на собна температура, дехидрирано овошје, па дури и сладолед кој потоа може да стои на собна температура 20 години“, објаснува нашиот соговорник додавајќи дека е тоа всушност и храна за астронаути.


„Астронаутите кои одат на вселенски мисии и остануваат во вселенска станица и по една година, имаат потреба од лесна храна која ќе биде нутритивно богата. Поентата е направи хранлива храна која не содржи вода па затоа и е лесна и така се дошло до заклучок дека најдобар начин да се направи тоа е лиофилизацијата или поедноставно кажано, сушење со замрзнување на минус 40. На овој начин се добива квалитетна и богато нутритивна храна која го задржува вкусот, формата и текстурата, но нема вода и од 10 килограми од која било храна ќе добиете 1 килограм.
Прво ја направивме храната за пчели, вештачки полен, произведен во лабораториски услови (се прави како погача која пчелите ја јадат), а потоа видовме дека има можност да се направи истото и за луѓе“, објаснува нашиот иноватор.

Протеинска храна за вегетаријанци

Најскапа храна во исхраната на човекот е таа што има протеини и масти, па затоа Најдовски направил нешто што може да биде замена за месо

Над 95 проценти од оваа високонутритивна храна е мелена леблебија, а лиофилизираните ларви од трутови немаат ниту мирис ниту вкус, но се компонента која во комбинација со наутот дава навистина еден комплетен производ.
Благојче објаснува дека најскапа и најхранлива храна која може да ја купите во Македонија е матичниот млеч кој се консумира во милиграми и се користи за здравје, а млекото од трутовите ларви е по состав многу слично на матичниот млеч и во микроколичини ја збогатува леблебијата и таа станува комплетна храна која ќе чини помалку од кое било месо, а од неа ќе можат да се прават дури и плескавици.

Нивниот производ е уникатен и немаме сознанија за сличен производ на пазарот, а она што е иновација кај овој производ е супституцијата на матичниот млеч со трутово млеко кое е слично по состав, но за разлика од матичниот млеч финалниот производ е евтин, висококвалитетен производ за секојдневна употреба.
„Веќе е развиен и иновативен метод, т.е. метод на ладен синџир за собирање на трутови ларви од пчеларник до негова преработка“, вели Благојче.

За наутот, ларвите и еколошките придобивки

„Аpico-Pro е иновативно решение за целосно нов прехранбен производ кој е наменет за сите членови на семејството, а за негово производство се користат локални ресурси. Тој е здрав високо нутритивен производ произведен на база на локално произведен наут (Cicer arietinum L.) кој е втора по важност мешунка на глобално ниво. Се консумира низ целиот свет, претставува одличен извор на протеини, како и масти, влакна и јаглехидрати и со своите хранливи својства е еден од најдобрите растителни извори на протеини што може да се произведува локално. Отпорен е на суша и е погоден за одгледување во услови на климатски промени. Сам си ги задоволува потребите за азот од воздухот преку симбиотска фиксација на азот и може да фиксира до 140 кг азот на хектар од воздухот па оттука за негово одгледување не е потребна употреба на азотни вештачки ѓубрива, што е особено важно во услови на енормно високи цени на ѓубривата.
Од друга страна, користиме трутови ларви од медоносна пчела, кои се нуспроизвод на пчеларството, трутовите се машки пчели и нивната примарна улога е да се парат со матицата, а трутовите ларви нудат можност на пчеларот да генерира дополнителен приход од екстракција и преработка на трутови ларви. Една кошница може да произведе до 4 килограми трутови ларви без да го намали приносот на мед. Производството на трутови ларви е еколошки одржливо затоа што не бара ресурси во форма на земјоделско земјиште и има потенцијал да ги замени животинските протеини“, објаснува тој.

Но, ова не е се во палетата производи на овој интересен и вреден човек кој вели дека има енергија колку за 20 луѓе, па последните три години одлично функционира работејќи по 10 часа дневно.
И да, за крај, онака, како десерт, го пробавме и неговиот мед измешан со мелени лиофилизирани боровинки од Солунска глава. Што да ви кажам, освен „Оф Боже, каква е оваа убавина!“