„Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“
Кога бев мала, на Велики четврток баба ми не будеше такашто по лицето ни го тркалаше првото црвено јајце кое го имаше офарбано тоа утро.
Велеше: „црвено, бело, дебело“! И сѐ беше добро додека не потпораснавме и почнавме сѐ потешко да се будиме за да одиме на училиште, а и почнуваше да не нервира она „дебело“.
Потоа баба ми почина, па мајка ми се обидуваше да ја продолжи традицијата, ама ние веќе не бевме оние мали, слатки дечиња, туку бевме веќе тинејџери кои ги нервира сѐ живо, а не пак некој да им поминува со јајце по лицето и да им вели „црвени, бели и дебели“.
И така почна да ги фарба јајцата сѐ подоцна, а потоа веќе и не стануваше рано наутро во четврток туку најчесто ги фарбаше сите јајца во сабота, кога не одеше на работа.
Ете толку од традицијата.
Но бидејќи сега сѐ се враќа, да потсетиме дека според традицијата, првите три велигденски јајца или барем само едно црвено јајце се вапсуваат токму на Велики четврток, пред изгрејсонце.
Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото за бериќет и за стоката. Бидејќи сега дома сите имаат миленици наместо стока, третото јајце наменето го за нив, за кучето, мачето и, се разбира, за бериќет, односно, за повисока плата.
Ако сте од оние среќници кои се вратиле или пак за првпат сега отишле да живеат на село и самите си одгледуваат зеленчук или пак чуваат домашни животни, за нив важи тоа старото правило, третото јајце да биде за стоката и за бериќет од земјата.
Обичаите велат дека домаќинката не треба да биде гладна кога започнува со вапсувањето на јајцата. Треба да касне макар еден залак леб, зашто, наводно, доколку вапсува на празен стомак, таквите јајца не носат радост, туку би можело оној што ги вапсува да биде несреќен и болен. Сега наместо залак леб, можете да си направите нешто модерно, на пример, смуди од овошје и растително млеко.
Сепак и во вапсувањето јајца, како и во сите други нешта најважна е добрата мисла. Така, штом излезат првите сончеви зраци на Велики четврток, домаќинката наместо да пцуе со полузатворени очи што станала толку рано, или нека ги вапсува јајцата како што треба, со добра мисла или нека чека да дојде сабота. За поминувањето по лицата на домашните изговарајќи ги три пати зборовите: „црвено, бело, дебело“, домаќинки наши, сами си знаете што имате дома по креветите.
За симболиката на црвеното јајце
Вапсувањето на јајцата за Велигден е еден од најасоцијативните обичаи за самиот празник, и всушност, претставува симбол на животот и на раѓањето.
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта Христова и на спасението. Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден.
Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа сведочи Светото предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со поздравот Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!
Тајната вечера и предавството
Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Исус Хистос тогаш ги востановил двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („…Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам…“, Јован 14, 13 – 14). Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на Црквата.
Се спомнува и миењето на нозете на апостолите што го направил Сам: „Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13; 14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од дванаесеттемината најблиски Христови ученици.
За Велики петок, денот на страдањата и смртта на Исус Христос, црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење, освен за немоќните и старите.
Веста за воскресението в сабота на полноќ ќе ја објават свештениците и архиереите на богослужбите во сите цркви и манастири во сите православни цркви во светот.
Како да ги вапсате јајцата со природни бои
За да постигнете прекрасна црвена боја на јајцата за Велигден, не ви требаат бои од кесички, можете да користите нешто што веќе го имате во кујната.
Природното боење на јајцата е најбезбедниот начин да ги декорирате вашите велигденски јајца и целосно да ја елиминирате употребата на купени бои со потенцијално штетни материи, а сепак да добиете убави и интензивни бои.
Постојат неколку начини природно да се обојат јајцата во црвено и иако некои наведуваат повеќе начини, меѓу кои дури и фарбање со компот од вишни, малини или со сок од калинка, сметаме дека тоа би било премногу ексцентрично и скапо, па ги препорачуваме следните два начини:
Со голема количина лушпи од кромид
Со цвекло
Ви требаат уште:
2-4 чаши вода (во зависност од тоа колку јајца ќе боите и колку од лушпите или цвеклото ќе користите)
1,5 лажица бел оцет
големо тенџере
пластични чаши
Инструкции
Истурете ја водата во тенџерето и загрејте ја додека не зоврие, а во меѓувреме додадете ја храната што ја користите за бојадисување на јајцата.
Кога ќе зоврие, додајте оцет и оставете да се готви покриено околу половина час.
Потоа извадете ги лушпите или цвеклото, во зависност од тоа што сте одбрале за фарбање, со лажица со дупчиња.
Потоа натопете ги варените јајца и оставете ги внатре додека не ја достигнат саканата нијанса. За посветли бои ви треба помалку време, за појаки и потемни секако повеќе и оптимално е да ги оставите да отстојат барем половина час.
Потоа извадете ги и наредете ги на картонот од јајцата да се исушат и имајте на ум дека дури тогаш ќе ја добијат вистинската боја.