Во фалсификуваниот мед се додава дури и жива сода: Европската пчеларска асоцијација ги повика земјите-членки да се борат против лажниот мед на пазарот

Фото: Pexels-Pixabay
213

Европската комисија неодамна објави дека речиси 50 отсто од увезениот мед е лажен. Европската пчеларска асоцијација ги повика земјите-членки да се борат против лажниот мед на пазарот, а купувачите да ја набавуваат оваа намирница директно од пчелари од најблиската околина.

Експертскиот тим на Европската пчеларска асоцијација (ЕБА), ги повика сите земји од ЕУ итно да го решат проблемот со фалсификуваниот мед, бидејќи пчеларството е под закана. Како што наведоа, поради сѐ посилната нелојална конкуренција и пазарен притисок на фалсификуваниот, т.е. лажниот мед кој ја преплави Европа, пчеларите масовно губат интерес за чување пчели.

Доколку овој тренд продолжи и во наредните месеци, Европа ќе остане без пчели, бидејќи пчелите не можат да преживеат без пчелари. Медот може да се увезува, но тоа би довело до драматично зголемување на цената на храната, до натамошен раст на инфлацијата и уништување на здравата исхрана на нашето население, се наведува во ова соопштение испратено до Европскиот парламент, раководството на ЕУ, како и националните пчеларски здруженија на Европа. Од ЕБА порачаа и дека е важно потрошувачите да го изберат европскиот мед, односно оној што географски се произведува на таа територија, бидејќи тоа им помага на пчеларите да го задржат интересот да се занимаваат со овој бизнис.

„Дивите опрашувачи се десеткувани со интензивното земјоделство, а медоносната пчела одеднаш стана единствениот опрашувач и тоа ќе биде случај само сѐ додека пчеларите имаат симболичен интерес за одгледување пчели.

„Без пчелари нема пчели, бидејќи без нив тие би исчезнале за неполни две години поради дејството на пчелните паразити кои нема да има кој да ги контролира“, се наведува во оваа објава. Од Европската пчеларска асоцијација велат дека Европејците знаат дека европските пчелари ги следат правилата на традиционалното производство, се грижат за пчелите и доставуваат безбеден мед со највисок квалитет до потрошувачите. Тамошните прописи обезбедуваат високи хигиенски стандарди за производство на мед, а пчелите не се третираат со антибиотици и други средства забранети во Европа, така што е исклучена можноста за загадување на медот.

„Медот произведен во географската област на Европа содржи антиоксиданти, минерали и пробиотски бактерии кои се очекувано повеќе прилагодени на нашето тело. Овој производ е со неспоредливо подобар квалитет и арома од увозните медови, поради неговата чиста природа и вода. Затоа изборот на европски мед го подига квалитетот на сите домашни земјоделски производи кои бараат опрашување, бидејќи опрашувањето не може да се увезе како медот“, наведуваат во овој апел.

Пчеларите од европските земји (и од ЕУ и надвор од ЕУ), да потсетиме, ја основаа Европската пчеларска асоцијација (ЕБА), која се бори за квалитетот на медот и отстранувањето на фалсификатите од пазарот, заштитувајќи ги и потрошувачите и пчеларите преку одбрана на автентичноста на европскиот мед. ЕБА бара да се воспостави единствен метод за утврдување на природноста на медот на европскиот пазар. Медот што не го направиле пчелите не е мед.

Европската комисија неодамна објави дека речиси 50 отсто од увезениот мед е лажен. Потрошувачите имаат најголема гаранција за квалитет кога набавуваат мед директно од пчелари од најблиската околина. Доколку оваа храна се набавува во продавница, треба да внимаваат на земјата на потекло, бидејќи најбезбедниот мед е од територијата на географска Европа.

„Повеќето фалсификати се обичен шеќерен сируп со адитиви, пчелите обично не го ни виделе тој лажен мед, тој служи само за да ги измами потрошувачите и за профитирање на фалсификаторите. Фалсификуваниот мед носи ризици по здравјето на потрошувачот, бидејќи во текот на фалсификувањето во него се додаваат дури и жива сода (жива или каустична сода), вештачки ензими (кои се додаваат и во таканаречениот вегански мед, кој всушност не постои, бидејќи нема мед без пчели), му се додаваат вештачки вкусови, вештачки бои, шеќери со низок квалитет. Во таквиот лажен мед нема никаква биолошка вредност што пчелниот мед му ја дава на човечкото тело и поради што го јадеме. Затоа пчелните производи сè поуспешно се користат во апитерапијата (гранка на комплементарната медицина базирана на наука и богата традиција)“, наведуваат од здружението.