Шеф Љупчо Гиевски, добитник на награда за животно дело која неодамна му ја додели хуманитарната организација „Ангелчиња“, е скромен човек со нескромно искуство и знаење од областа на гастрономијата. Особено е познат по приготвувањето на македонска традиционална храна, но и по тоа што готвел за луѓе како принцот Чарлс, фудбалерите на Реал-Мадрид, емирот од Катар, но и за нашиот Тоше Проески чие омилено јадење била тавата со батаци и ориз
Нашиот соговорник шеф Љупчо Гиевски е добитник на наградата за животно дело која му ја додели хуманитарната организација „Ангелчиња„ (ХОА) на 15-годишниот јубилеј од Интерфест фуд.
Вели дека има уште две години до пензија и работен стаж од полни 40 од кои 26 години е на истото работно место, како шеф на кујна во хотелот „Александар Палас“.
Таму пак, со оглед на тоа што речиси сите големи светски имиња од различни бранши, биле гости на овој хотел, готвел и за принцот Чарлс и за емирот од Катар и за последниот премиер на СФРЈ, Анте Марковиќ, за екипата на Реал Мадрид, но и за многу други.
„Од моето долгогодишно искуство сум заклучил дека најскромни се „најголемите“ луѓе, а за мене пак, сите се исти. Дали некој бил принц, крал, претседател на држава или најпознат спортист на светот, или пак најобичен човек, не ме интересира. Затоа и кога некој ќе ми рече да направам нешто како за некојси познат и славен, секогаш велам дека за мене се сите исти, сите си плаќаат и сите добиваат подеднакво квалитетна храна“, вели овој скромен човек кој најмногу од сѐ внимава на тоа да не излезе нескромен во зборувањето.
А за него зборуваат делата и другите луѓе. Гиевски е еден од најпочитуваните во оваа професија, готвач од стар ков, во смисла дека е неуморен, принципиелен и одговорен во својата работа поради што и, за разлика од повеќето од оваа бранша, останал толку долго на истото работно место.
Неговото родно село е место со најмногу готвачи во Македонија
Животот му почнал во 1962 година во кумановското Агино село за кое вели дека е веројатно единственото село со толку многу познати готвачи, меѓу кои Благоја и Бранко Тасевски, кои на времето, додека работеле во „Панорама“, готвеле и за Јосип Броз Тито.
„Сите тие познати готвачи ни беа соседи и беа блиски со моите, а поради Бранко Тасевски многу од нас помладите, тргнавме по тој пат. Бранко замина во Пула, па таму отвори свој ресторан и кога ние го слушавме и ја следевме неговата приказна добивавме желба и самите да направиме нешто слично.
Така и јас се запишав прво во средното угостителско „Лазар Танев“ во Скопје, а потоа и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Како млад и јас го печев занаетот во „Панорама“. Таму пак секој ден имаше по 300 луѓе кои нарачуваа а- ла- карт, а ние трчавме, работевме и се докажувавме, па и по два дена не си одевме дома“, се смее нашиот соговорник потсетувајќи се на своите почетоци.
А животот не му бил воопшто лесен. На негови 36 години останал вдовец кога починала неговата сопруга на само 32 години, а тој од стрес добил шеќер кој потоа си носел со себе многу реперкусии врз неговото здравје. Сепак, со помош на бабите, неговата и мајката на неговата сопруга, ги одгледал своите две деца, ќерката Александра која е економистка и синот Стефан кој тргнал по неговите стапки. Сега од двајцата има вкупно четири внуки (Јована, Бисера, Софија и Јана) и е најсреќен кога сите ќе се соберат во семејната куќа во неговото родно село и кога тој приготвува храна за сите.
„Јас уште од мал сум се плеткал во кујната и од мал сум знаел да си направам сам јадење, а син ми Стефан кој сега има 32 години, е во кујна со мене уште од пелени и од секогаш велел дека сака да биде готвач. Така веќе 12 години и тој е дел од мојата екипа во „Палас“. Еднаш посака да оди да си ја проба среќата во Хрватска и иако му нудев да му најдам работа бидејќи сум пријател со најдобрите хрватски готвачи, тој сакаше да се снаоѓа сам. Отиде и се врати побогат со едно животно искуство, но ја сфати мојата филозофија дека работата таму за 1500 евра, според обемот и начинот на живот додека си таму како сезонски работник, е еднаква на нашите плати од 700-800 евра тука“, објаснува шефот додека зборуваме за разликите во генерациите и за тоа дека денес младите мислат дека знаат сѐ, додека во времето кога тој почнувал, егото било помало, а почитта кон постарите поголема.
За македонската традиционална кујна и тавата со ориз и батаци за нашиот Тоше
Иако е најпознат по домашната кујна, шеф Љупчо не застанал тука, туку низ годините се надградувал и учел, станал меѓународен судија, а бил наградуван и со неколку Гран-При награди на меѓународни натпревари.
„Ги следам трендовите, но во ниту еден момент не ја заборавам домашната кујна.
Бидејќи, каде и да сум бил досега, секаде најпрвин се трошат токму македонските традиционални јадења, а потоа сѐ друго. Сум ја претставувал македонската кујна во Маниса, Турција, милионски град и сум спремал храна за 1000 души, исто и во Истанбул, Опатија, Дубаи, Кавала,…Секогаш и секаде имало голем интерес за македонската кујна. Бев и со Тоше (Проески) кога ја претставуваше Македонија на Евровизија и таму исто така со мојот тим спремавме храна за 1000 луѓе, гости од секаде.
„Омилено јадење на Тоше му беше ориз со батаци и на барање на мајка му го спремивме тоа и кога му правевме 40-дневен помен во Крушево, за 400 гости и плус 2000 сендвичи за останатите посетители“, раскажува шеф Љупчо кој и ден денес се растревожува и се растажува додека се потсетува на Тоше.
Сепак, ревносно одговара на нашите прашања за неговте искуства со бројните славни гости од светот за кој имал можност да готви.
На пример, вели дека принцот Чарлс бил доста скромен во своите барања, јадел само македонска кујна, пинџур и гравче, но не јадел многу за разлика од емирот од Катар на кој по четири пати дневно му качувале во апартманот цела полна количка преполна со храна и со македонски специјалитети.
„Поголемите луѓе се секогаш поскромни во своите барања. Не можам да не ги споредам, на пример, нашите спортисти со оние кои се поголеми ѕвезди од нив, како на пример, со фудбалерите од Реал Мадрид. Тие се секогаш далеку поскромни, иако генерално, храната им е иста, задолжително јадат супа, тестенини, многу салати, пилешкото е неизбежно, како и мисиркино и телешко, а од колачи најмногу јадат посуви, како куглоф, штрудла.
За Анте Марковиќ пак, (последниот премиер на поранешната СФРЈ) секое сабајле во 8 часот правевме за појадок тавче гравче“, раскажува шефот.
Вели дека парите никогаш не му биле приоритет, туку многу поголемо задоволство му причинуваат признанијата за тоа што им го зготвил на луѓето.
На пример, во времето на претседателот Ѓорѓе Иванов, кому му беше на гости претседателот на Чешка, им послуживме потаж од брокула и карфиол кој беше пола бел, а пола зелен, но и други специјалитети за кои накрајот добив огромен аплауз од сите 100 души кои беа на вечерата. Ми честитаа и громогласно ми аплаудираа, а јас се чувствував како вистинска ѕвезда“, се смее тој, иако, додава, готвењето е сепак екипна работа. Никој не може да зготви сѐ сам за толку многу луѓе.
„Среќен сум затоа што имам одлична екипа, добри работници, готвачи и помошници кои сѐ додека се покрај мене, не се плашам од ништо. Затоа секогаш стојам зад својот персонал зад она што тие го прават“, вели шефот.
Гинисов рекордер за гравче
Гиевски е познат и како готвачот кој постави Гинисов рекорд за готвено гравче и тоа двапати.
„Првиот пат, во 2010, по иницијатива на Стојан Дастов (сопственик на МТМ телевизија), направивме 3 тони и 300 грама грав, но само 7-8 месеци потоа нашиот рекорд беше урнат од Американци. Затоа во 2012 година решивме да направиме посериозна разлика и го зголемивме казанот за уште еден метар па сваривме 5 тони и 600 грама гравче, рекорд кој сѐ уште не е урнат“, ни раскажува Гиевски.
А за тоа дека овој човек навистина ужива во својата работа зборува и тоа што со леснотија спрема менија и за 10 и за над илјада луѓе. Самиот пробува од сѐ што се готви, како и секој добар шеф на кујна, но после напорен ден, кога ќе си оди дома, за себе знае да си отвори и само една конзерва сардини.
Вели дека неговиот син и наследник во професијата Стефан е малку посрамежлив од него, но подеднакво добар во работата која ја работи со истата љубов која му ја пренел неговиот татко.
Секое утро им прави појадок и им готви ручек на своите две ќеркички, па тие се хранат секогаш со вкусна домашна храна или, како што му велат на дедо им Љупчо кога ќе ги праша што ручале дента – „манџа бе дедо, што друго“!
За разлика од него, ќерката на шеф Љупчо, Александра, нема афинитети за готвење и работи како економистка.
„Без навреда, не сакам да ги омаловажам моите колешки, но светот е едноставно таков, мажите преовладуваат и се подобри шефови на кујни од жените“, се смее тој.
Шеф Љупчо никогаш не одбил ниедна нарачка па не го направил тоа дури ни кога требало да готви полнети пиперки за екипата од Си-Ен-Ен, само за да може нивната претпоставена, инаку, голема обожавателка на полнети пиперки да види како ги спрема.
Видеото го снимале точно на полноќ.
Шеф Гиевски е и заштитно лице во неколку реклами, па можете да го видите како рекламира ножеви, тави, но и домашни производи од познати компании за храна.
Тој е потпретседател на Гастромак и човек со навистина големо искуство, но и човек кој сѐ уште си вели – има уште многу работи што сакам да ги направам и уште многу работи кои можам да ги направам. Имам и четири бајпаса, ама не се давам“, завршува нашиот интересен соговорник иако има уште милион случки за раскажување.