Замислете си дека нашата планета е …јаболко! За важноста на почвата и за тоа како да го одржиме нејзиното здравје

155

Што појадувавте утрово? Житарки, јогурт, овошје? Дали сте размислувале за тоа од каде доаѓаат тие? Што е заедничко за сите нив? За сите треба плодна почва…А знаете ли дека кога ќе се изземат водните површини, пустините, премногу ладните, премногу топлите области, шумите, итн…дека остануваат само 10 до 15% од површината на нашата планета?

Минатата недела во Скопје, во организација на АРНО (организација за социјални иновации) и Земјоделскиот институт – Скопје, се одржа настанот за национален ангажман NATI00NS: Здрави почви + зелен бизнис = инвестиции во нашата иднина кој е вовед во Мисијата „Договор за почвата за Европа“ која е една од 5-те Мисии на ЕУ, која  води кон здрави почви до 2030 година.

Здравата почва е клучна за сите животно-одржувачки процеси на земјата. Поседува континуиран капацитет за да ги поддржи сите потреби на екосистемот, но за жал, поради човечките активности, вклучувајќи и антропогени климатски промени, често засилено со недостаток на разбирање или образование, се загрозуваат околу 2/3 од европските почви: земјоделски, природни и рурални.

Во таа смисла, за да укаже на тоа колку е значајна почвата за сите нас, но и колку мал дел всушност од планетата е употреблива како плодно земјиште, Ирина Јаневска од АРНО употреби метафора и ја спореди планетата со јаболко.

Што појадувавте утрово? Житарки, јогурт, овошје? Житарките за појадок се направени од семиња на култури како пченка, пченица, овес и јачмен. Овошјето потекнува од дрвја, грмушки и мали растенија. Јогуртот е направен од ферментирано млеко. За да се произведе млеко, кравите треба да јадат трева. Што е заедничко за сите нив?

На сите растенија им треба плодна почва за да растат! Дали знаете колку природно плодна почва има на нашата планета?

Метафората со јаболкото

Замислете си дека нашата планета Земја… е јаболко! И дури и ако нашата планета се вика Земја, колкав дел од неа е покриен со вода (океани и мориња)?

66% од планетата Земја е покриена со вода.

Тоа значи дека само една третина од планетата е копно!

И колку од копното не е покриено со земја? На пример, глечери, езера, градови и градови? 15% или 10%  мраз + 2% езера + 3% изградени површини. 

Тука се Гренланд и големите водни површини како Каспиското Море, но и мега-градовите на планетата.

Ова значи дека треба да отсечеме 15% од нашето парче јаболко (околу 1/8).

Обидете се да погодите… колку од планетата е покриена со многу високи планини? 6%.

Производството на храна е ограничено бидејќи е превисоко, земјата е премногу стрмна, а почвите се карпести и плитки.

Тука спаѓаат главните планински венци.Хималаите и Андите во Јужна Америка. Значи, треба да исечеме 6% или околу 1/20 од јаболкото.

Колку и каде е премногу ладно? На 15% од планетата.

Дали сте слушнале за пермафрост? – ова е почва која е секогаш замрзната. Тоа се териториите каде просечната годишна температура е под нулата, значи, премногу студено за култури. Ова одговара на регионите на студената тундра.

Треба да исечеме 15%, што е околу 1/8 од јаболкото.

На колкав процент од планетата е премногу жешко? На 2%.

Иако може да биде премногу ладно за растенијата – може да биде и премногу топло!

Тоа се местата кадешто просечната годишна температура е поголема од 28 C. Ова се најжешките места на Земјата – премногу жешки за да се одгледуваат култури.

Па така, треба да исечеме 2%, што е околу 1/50 или само мал дел од јаболкото

Колку проценти од планетата е премногу сува? 20%.

Освен почвата, на растенијата им е потребна и вода -колку од планетата е пустина?

Тоа се оние области кадешто просечните годишни врнежи се помали од 200 мм. Тоа се пустини – премногу суви за да се одгледуваат култури без наводнување.

Треба да исечеме 20%, што е околу 1/5 – прилично голем залак од нашето јаболко!

Колку oд земјиштето е покриено со тенки и слабо развиени почви? 3%.

Имено, на растенијата им е потребна одредена длабочина на почвата за да растат нивните корени и да складираат вода кога не врне.

Често, младите почви, плиткоста, каменоста или бариерата за корените го ограничуваат одгледувањето.…Треба да исечеме 3%, што е околу 1/30 – уште едно мало парче од нашето јаболко.

Колкав дел од планетата Земја е покриен со солени почви? 3%.

Растенијата не можат да растат ако почвата има премногу натриум, вар, гипс, силициум диоксид. Тоа се областите каде што присуството на соли и други соединенија го ограничуваат растот на културите.

Сепак, некои од овие површини може да се користат за пасење и непрехранбени производи. …Треба да исечеме 3%, што е околу 1/30 – уште едно мало парче од нашето јаболко.

Колкав дел е песоклив? 2%.

Песочните почви не содржат многу хранливи материи потребни за културите

и за разлика од глинените почви, тие не ја задржуваат водата многу добро.

Тука станува збор за песочните почви во суви клими. Овие почви што не се одводнуваат може да предизвикаат проблеми во сушните сезони и суши.

…Треба да исечеме 2%, што е околу 1/50 – уште едно мало парче од нашето јаболко.

Колкав дел е покриен од иглолисна (четинарска) шума? 10%.

Шумите обезбедуваат дрва, складираат јаглерод и обезбедуваат важни живеалишта што треба да ги зачуваме. Исто така, многу шумски почви не се погодни за интензивно производство на храна.

Ако ги изземеме овие области под умерени иглолисни шуми со генерално кисели почви, значи дека треба да намалиме 10%, што е 1/10 – повеќе отколку што мислат луѓето.

Колку од земјиштето е премногу влажно? 2%.

Повеќето растенија не можат да растат ако почвата е многу влажна долго време. Тресетите се важни живеалишта и складираат јаглерод.

Тука спаѓаат почви кои се трајно натопени или заситени со вода во значителни временски периоди. Потребна е дренажа за одгледување на култури на овие почви. Сепак, многу од овие области се важни еколошки.

…Треба да намалиме 2%, што е околу 1/50 – уште едно мало парче, но локално, ова може да биде навистина значајно.

Колкав дел е покриен со тропски почви? 10%.

Многу тропски почви се многу кисели, содржат големи количини на алуминиум и железо, мали количества на органска материја, што го отежнува одгледувањето храна.

…Треба да исечеме 10%, што е 1/10 – уште еден голем залак од јаболкото. Посевите може да се одгледуваат во овие почви, но потребно е внимателно управување за да се спречи ерозија и губење на хранливи материи.

Значи, после сето ова, уште колку земја остана? Само околу 10-15% од површината!

Во Европа всушност имаме доста среќа.

Сепак, ситуацијата во другите делови на светот не е толку добра. Дел од површините може да се користат за одгледување храна, но бараат дополнителен напор (вода, ѓубриво, вар, итн…)

Да се нахранат 9 милијарди луѓе!

НО! Почвите се плитки…

…како кожата на планетата.

Обично на длабочина помала од 2 метри!

Значи ние всушност, зборуваме само за кожата на јаболкото!

Ова мало парченце ја претставува целата природно плодна земја на планетата што може да се користи за лесно одгледување храна.

А да не забораваме, тука се и заканите за почвата…климатски промени, запечатување, ерозија, контаминација, лизгање на земјиштето, зголемување на соли, намалување на органската материја, губење на биолошката разновидност, набивање…

Тоа значи дека преостанатата почва е под притисок и постојано се грицка/рони (ја снемува)“, објасни Јаневска додавајќи дека после сето ова, опстанокот на човештвото се заснова на одржливо управување и ефективни практики за зачувување на се што е од суштинско значење за одржување на плодноста на почва. Затоа, ако не за вас, пред да ја наполните почвата со хемиски ѓубрива и пестициди, визуелизирајте го ова кожиче што останува како единствена подлога за да се обезбеди сигурна, безбедна и нутритивна храна за нас и за идните генерации.