Злата, двојни злата, сребра и бронзи: Голем успех на македонските вина на BIWC 2024

Фото: Unsplash
185

Црвени, розе, бели, портокалови, од најтешки до најлесни, дефинитивно, имаме вина со кои можеме да се гордееме.
Доказ дека тоа не е само моето лаичко мислење на необразован енофил, туку дека навистина имаме со што да се гордееме, е и годинешната берба на медали на 13-тиот Балкански меѓународен натпревар и фестивал за вино

Ако некој ме праша кои вина ми се омилени, имам еден навистина долг „вински диџеј сет“.

Веќе можам да кажам дека сум испробала голем број вина од македонските винарии кои само придонесуваат за зголемување на мојата енофилија.

И иако ова кај мене повеќе звучи како дијагноза, отколку како познавање, сепак станува збор за голема љубов.

И на секоја следна дегустација, секое следно вино од македонските винарии мислам дека е токму тоа – тоа вистинското.

Црвени, розе, бели, портокалови, од најтешки до најлесни, дефинитивно имаме вина со кои можеме да се гордееме.

Но доказ дека тоа не е само моето лаичко мислење на необразован енофил, туку дека навистина имаме со што да се гордееме, е и годинешната берба на медали на 13-тиот Balkans International Wine Competition and Festival, што се одржа оваа година во две држави Турција и Бугарија.

На пример, нашиот пријател Ѓоре Захарчев и неговиот Прокупец, се вратија од таму со двојно злато.

„Прокупецот е балканска сорта на грозје од која само 2 винарии во Македонија активно произведуваат вино, од кои едната е нашата винарија (Винарија Захарчев) и исто толку винарии во обид за производство на вино од истата.

За многумина сорта со различни имиња и називи за различни региони, а за нас автохтона сорта со која ја започнавме нашата приказна пред десетина години.

За многумина препознатлив по високите танини (народски кажано она што ја собира устата), а за винските експерти една неоткриена приказна од која се произведуваат добро избалансирани вина и вина со полно тело (високи танини, висок алкохол карактеристичен за црвените вина, високи вински киселени и многу овошни ароми на црвено овошје, како и одличен вкус и завршница)“, велат со гордост и со право од винаријата Захарчев.

А можеме да се гордееме и сите ние бидејќи македонското вино се искачи високо на светската винска карта.

Така, во силна винска конкуренција со над 1.200 вински етикети презентирани од винариите од Турција, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Грузија и од Украина, македонските винарии освоија вкупно 162 награди.  

Најдобро органско вино на Балканот за 2024 година е „вранец“ на винаријата „Брзанов“ од Скопје.

„Среќен сум што објавувам дека ‘вранец органски еликсир 2020’, без сулфурен диоксид, е најдобро органско вино на Балканот за 2024 година. Ова е нашата втора награда за трофеј по најдоброто суво црвено вино 2021 за ‘занаетчиска сира 2016’“, објави Антонио Брзанов, сопственик на винарницата  „Брзанов“.

Дополнително македонските винарии на овој натпревар освоија 3 двојни злата, 47 златни медали, 69 сребрени медали и 40 бронзени медали.

Винаријата Лазар освои трофеј за домоделно бело, а трофеј за најдобро регионално вино освои Винарија Илиев.

Македонски семејни винарии и на овој вински натпревар се покажаа во одлично издание, освојувајќи 81 награда што е половина од вкупната бројка на наградени македонски вина.