Знаете ли што е Бороџун? Боров сируп, сирупи од глуварче и врбовка за здравје и имунитет

1.990

„Посебно е чувството да ја имаш таа чест да бидеш дел од оваа еколошки чиста и здрава животна средина, во која овошјето има посебен вкус, билките кога ќе се наведнеш да ги собереш ти се смеат, воздухот при секоја твоја прошетка несебично ти ги исполнува градите, чиниш ќе препукнеш од здравје и свежина“, вели натурализираната беровчанка Емилија Пехчевска која со сопругот се занимава со производство на артикли од природни и здрави состојки

Емилија и Михајло Пехчевски се производители на повеќе од 50 артикли изработени од состојки од еколошки чиста и здрава средина во нивното место на живеење – Берово.

Тие дошле во Берово пред 8 години во потрага по поздрав живот за себе, а пред сè, за своите две деца.

Целиот асортиман од нивното производство, секој производ првично бил создаден за нивни потреби, а потоа и за продажба. Често се случува некој редовен конзумент или пријател да им нарача нешто и да им рече: „Ајде нешто поквалитетно одберете за мене“. Нивниот одговор е дека кај нив не постои повеќе или помалку квалитетно, се` што прават, го прават како за себе.

„Кога ќе ни се потроши нашето шише сок дома, отвораме друго кое е на рафт и е произведено за продажба.Произведуваме во мала работилница (Food Hub) уредена според НАССР стандардите за квалитет на храна, благодарение на “Мрежата за рурален развој на  Македонија“ со поддршка на „We Effect“, шведската агенција за меѓународна развојна соработка „Sida“ и ЛАГ „Малеш-Пијанец”. Но, на почеток не беше така. Производството го започнавме во домашни адаптирани услови. Честите прошетките кои ги правевме по Малешевските Планини, шуми и ливади секојдневно ја зголемуваа нашата радост. Посебно е чувството да ја имаш таа чест да бидеш дел од оваа еколошки чиста и здрава животна средина, во која овошјето има посебен вкус, билките кога ќе се наведнеш да ги собереш ти се смеат, воздухот при секоја твоја прошетка несебично ти ги исполнува градите, чиниш ќе препукнеш од здравје и свежина. Собирајќи и преработувајќи ги плодовите од природата за наша потреба, почнавме да сфаќаме дека би можеле да го зголемиме капацитетот на производство и дел од тоа да го понудиме за продажба. Така и почнавме. На почеток собиравме шумски јагоди, дива малина и капина. Беревме вишни, сливи и разни билки. Полека го  проширивме асортиманот и во еден период бројката надмина преку педесет артикли: боров сируп, сируп од глуварче, сируп од јаглика, багремов сируп, сируп од цветот на бозелот, разни сокови (сирупи) со шеќер и без шеќер, слатка, мармалади, чаеви, масла (мацерати), мелеми и други. Ја креиравме нашата Фб страна за домашно производство Беровски Еколошки Производи www.facebook.com/Berovsko, каде што почнавме да ги нудиме нашите производи. Денеска имаме скоро 33.000 следбеници“, раскажува Емилија.

Вели дека уште од првиот момент главна цел им била на конзументот да му се достави квалитетен производ, без никакви камуфлажи или импровизации.

„Нашата цел е задоволството на нашите конзументи и никогаш не се обидуваме да им утрапиме производ плус колку да направат поголем промет. Ги насочуваме кон производ од кој намногу би имале бенефит за својата состојба. Нашите цели се долгорочни. Знаеме дека задоволниот купувач ќе донесе уште други нови 10 купувачи. Производите ги праќаме преку карго низ територијата на целата држава. Соковите ги произведуваме преку соковници на пареа (дестилатори) и станува збор за високо концентрирани напитоци кои се конзумираат во мали дози. За секое овошје има студии кои ги определуваат неговите  корисни својства, но за тоа секако треба да одвоите време, да прочитате, анализирате…што секако многу го практикувам, вообичаено во доцните вечерни часови кога е потивко и сакам  да се одморам физички.

Први во Македонија почнавме да произведуваме сок (сируп) од плодот на бозелот (Sambucus nigra)  од кој има голема лепеза на здравствени придобивки. Додека сите мислеа дека „ќе ги отруеме луѓето“ јас знаев дека научните и медицински студии кои што ги имав во рака се релевантен извор на информации и го кажуваа токму спротивното. Благодарение на мојата долгогодишна научно-истражувачка работа имам големо искуство во изнаоѓање на извори со релевентни информации. Токму затоа сум внимателна и секогаш барам повеќе извори кои ќе ми ја потврдат информацијата.

Да понудиш производ на луѓе за кој знаеш дека може да предизвика позитивни или негативни ефекти е сериозна и одговорна работа. За тоа мораш постојано да се едуцираш и информираш. Дури и слаткото има препорачана доза колку може да се изеде дневно или наеднаш“, објаснува Емилија.

Пред повеќе од една година тие регистрирале и своја трговска марка БОРОЏУН под која моментално имаат палета од три производи без додаден шеќер: боров сируп, сируп од глуварче и сируп од врбовка. Како засладувач користат природен засладувач направен од органско грозје (маџун), па оттаму и името Бороџун.

„Овие производи во моментот ги продаваме директно преку нашата веб страна, неколку онлајн платформи за продажба и во преговори сме со некои дуќани за здрава храна во Скопје и останатите градови. https://www.berovskiproizvodi-malesevo.mk/

Глуварчето го собираме од најчистите предели на Малешевијата. Во производство се користи целата билка (вклучително и коренот), таа е силен имуностимулатор и детоксикатор.

Боровиот цвет го собираме самите, исклучиво од бел бор (Pinus sylvestris) и е посебно корисен  за респираторни проблеми.

Врстата на врбовка што ние ја собираме е позната по латинскиото име (Epilobium  angustifolium) и е за уринарни проблеми (золемена простата, високи тумор маркери..).
Ова се наши оригинални производи, иновации  кои се спој на традицијата и современото.

Посебно сакам да напоменам, дека по овој пат чекориме сами без никаква финансиска помош и поддршка од државата, преку големиот број на задолжувања и кредити. Повиците за финансиска  помош секогаш се со услови од кои барем еден од нив не успеваме да го исполниме. Тешко се доаѓа до средствата за кои интензивно се зборува дека стојат на располагање. Би требало малку повеќе да се поработи на тоа поле“, раскажува нашата соговорничка.

Во нивниот дом не постојат машки и женски обврски. Сите обврски се заеднички.

„Ниту една жена не може да постигне успех и да стане успешен претприемач без помош од нејзиниот сопруг. Ние двајца сме едно цело, одлуките се носат едногласно и заеднички. Доколку постојат спротивставени ставови, предлогот или се става на stand by или целосно се отфрла

Освен производството на нашите производи, ние немаме друг дополнителен ангажман. Ова е нашиот единствен извор за егзистенција и единствена целодневна преокупација.
Нашите работни активности траат 16-20 часа. Често се шегуваме на своја сметка велејќи: „Ние стануваме еден час порано за да имаме 25 часа на располагање“.
Во приватниот мал  бизнис за сопственикот не постои ниту одмор, ниту пак работно време. Наутро откако ќе заминат децата на училиште веднаш се вклучуваме на турбо. Раскреваме по дома, ги проверуваме и евидентираме пораките со нарачки, ги подготвуваме производите за праќање преку карго, и откако ќе завршиме со тоа продолжуваме со производство. Се разбира, потоа следуваат домашните обврски: готвење, миење, работа со децата за училиште итн. На крај, повторно продолжуваме со работата во производство, додека не држат нозете.

Во периодот кога е сезона за берба на билки и плодови, тогаш заеднички се организираме со децата. Доколку се на училиште, откако ќе се вратат подготвени ги чекаме за да заминеме на берба. Така на пр. бербата на глуварче или на боров цвет се случува во април и мај, па така мораме да се организираме со нив.
За време на летниот распуст, припремите ги правиме навечер за да можеме рано наутро заеднички да тргнеме на берба/собирање на билки и шумски плодови“, ни објаснува таа.

Емилија и нејзиниот сопруг се дел од Слоу Фуд заедницата и бидејќи  неколку години во Малешевијата нема конвивиум на Слоу Фуд, апелираат до сите заинтересирани малешевци кои ќе ја прочитаат нашата статија да ги контактираат, бидејќи во моментот интензивно работат на изнаоѓање на членство и формирање на конвивиум Слоу Фуд Малешево.