Што сѐ може да научите на пат од Скопје до Охрид?

1.100

Кој како си го запознал животниот сопатник, кој колку деца има, ама и кој колку килограми има, имал или сака да има. Нашиот нов пријател и возач на релација Скопје-Охрид го сподели со нас своето и искуството на својата сопруга, со исхраната по принципот на LCHF

Кога си барате превоз преку Фејсбук групи, можете да очекувате сѐ најлошо или сѐ најдобро, зависи каква ви е среќата.

Откако се „инфилтрирав“, поточно, ме „инфилтрираа“ во Фејсбук групата во која баш и не припаѓам, ако е судејќи по називот „Охриѓани во Скопје“, пред два дена си најдов превоз за Охрид.

Некако ми се чини и дека и моите случајни сопатници не ги исполнуваат баш критериумите за групава, ама важно се поврзавме. Имено, нашиот симпатичен и кроток возач, Гаго Лихвинцев е всушност скопјанец женет за охриѓанка и натурализиран охриѓанец до таа мера што не отстапува од охридскиот дијалект дури ни кога никој околу него не зборува на истиот. Вториот сопатник пак, Александар Стефаноски е нашиот познат оперски пејач со светска кариера, кој е, колку што разбрав, полуохриѓанец, а не живее ниту во Скопје, ниту во Охрид, туку во Швајцарија.

Како и да е, со моите сопатници се најдовме токму благодарение на оваа група за која напишале дека не е наменета само за организирање на превоз, туку „е креирана за да се имет сите Охриѓани кои се во Скопје на едно место и да се обратат за било каква помош, забава и слично“.

Супер, нели?

И целава приказна всушност не е за патувањето, иако, фала му на Бога, благодарение на тоа што имав среќа да ми се „паднат“ интересни сопатници, беше тоа прилично забавно патување во кое дознавме триста чуда едни за други.

Меѓудругото, за тоа како Гаго се запознал со сопругата. Се запознале на Фејсбук, а во живо се сретнале првпат во Скопје. Таму, поточно, на една клупа во градскиот парк во Скопје се случила и нивната судбинска средба на која сфатиле дека си се судени еден на друг.

И навистина, Гаго и Марија се во брак веќе 8 години, a пред 7 месеци нивното малечко семејство си го добило и најважниот член, нивната мала Анастасија.

Ама да се вратиме на она што за нас од „Арт кујна“ е најинтересно од сѐ, а тоа е начинот на исхрана на оваа брачна двојка, благодарение на кој Гаго ослабнал цели 32 килограми за само 3 месеци, а неговата сопруга ослабнала малку помалку и малку побавно, односно, 20 кг за 5 месеци. Ниту тоа не е лошо, нели?

„Јадев колку сакам, постојано бев сит и полн со енергија. И продолжив да се хранам на истиот начин. Всушност, сега овој начин на исхрана, мене и на мојата сопруга ни стана и начин на живот“, раскажува Гаго, но предупредува и дека овој инаку здрав начин на слабеење, не се препорачува за бремени жени.

Станува збор за исхраната позната како ЛЦХФ или Low carb, high fat (ниски јаглехидрати, високи масти).

Судејќи по она што ни го раскажа Гаго, LCHF диетата е практично одговорот што го барате доколку сакате добар начин да ги изгубите вишокот килограми без да се изгладнувате! Еве што значи тоа!

Иако се нарекува диета, тоа е повеќе план за исхрана кој има за цел да ги елиминира јаглехидратите од вашата исхрана и да вклучи масти. Помалку јаглехидрати значи побрзо слабеење, а како точно да го постигнете тоа ќе ви објасниме во текстот што следи.

Што е LCHF диета?

Не дозволувајте овие големи букви да ве збунат.

Кратенката LCHF доаѓа од англискиот термин low carb, high fat, што во буквален превод треба да означува диета со ниско ниво на јаглени хидрати и високо ниво на здрави масти.

Се нарекува и Бантингова диета по Англичанецот Вилијам Бантинг кој ја направи популарна.

Конкретно, оваа диета ја елиминира храната која е богата со шеќери, тестенини и леб, а вклучува многу здрави масти. Нема потреба да ги броите вашите калории и да ги намалувате порциите, само јадете во границите на дозволената храна.

Она што го нагласува LCHF диетата се протеини, здрави незаситени масти и многу зеленчук.

Можеби ќе бидете збунети околу тоа како исхраната богата со маснотии е добра за вашата фигура, кога речиси првото правило што го учиме кога станува збор за диета е да се држите настрана од мрсна храна.

Излезе дека сме научени погрешно!

Поточно, не нѐ научијле да разликуваме добри и лоши масти.

Најважно кај овој начин на исхрана е внесот на шеќер и скроб да се сведе на минимум. Можете да ја јадете сета таа вкусна храна колку што сакате, а сепак да изгубите тежина.

Голем број неодамнешни, висококвалитетни научни студии докажуваат дека LCHF го олеснува слабеењето, а во исто време овозможува полесна контрола на нивото на шеќер во крвта. И тоа е само почеток.

Што треба да се јаде: месо, риба, јајца, сите зеленчуци кои растат над земјата и природни, здрави масти (како на пример, свинска маст или путер).

Што треба да се избегнува: шеќер и скробна храна (како леб, тесто, ориз, мешунки (грав, грашок, боранија и компири).

Јадете кога сте гладни и јадете додека не се заситите. Тоа е толку едноставно.

Добрите масти всушност придонесуваат за здрав и брз метаболизам. Кога ќе ги исфрлите шеќерите од вашата исхрана, телото може поефикасно да ги согорува насобраните масни наслаги. Тоа го прави благодарение на фактот што помалиот внес на шеќер значи помалку инсулин во крвта, хормонот кој е одговорен за таложење на маснотии. Така сте на добар пат да се ослободите и од целулитот.

Храната што ја јадете треба да биде, ако е можно, сирова или барем обработена што е можно помалку. Непотребно е да се каже дека треба да избегнувате индустриски преработена храна ако сакате диетата LCHF да функционира, нели?

Се разбира, тука треба да имате доволно контрола над себе и да знаете кога навистина сте го задоволиле гладот ​​и кога само продолжувате да јадете и покрај тоа што повеќе не сте гладни.

Не би било лоша идеја да се обидете да го намалите и вашиот апетит, или барем она што изгледа како апетит, но всушност не е вистинска потреба за храна.

Правила за исхрана

LCHF забранета храна

Па, кога веќе е толку добро, време е да дознаете како да се префрлите на исхраната со LCHF.

Правилата се дека јаглехидратите треба да ги ограничите на оптимална количина од 20 грама.

Со други зборови, избегнувајте храна која содржи шеќер и скроб. Ова ги вклучува вештачките и природни засладувачи кои можете да ги користите во чај или кафе наместо шеќер.

Ниту едно тесто и тестенини не доаѓаат предвид, но ниту ориз, житарки, компири, слатки компири, цвекло, грашок, мед, енергетски пијалоци и рафинирани масла (од соја, пченка, шафран и сл.), но и маргарин и овесни снегулки.

Што се однесува до овошјето, можете да го јадете, но треба да ја ограничите неговата употреба бидејќи содржи шеќер. Ако навистина сакате да јадете овошје на дневна основа, побарајте ги оние со малку фруктоза, како што се боровинки и други бобинки.

Алкохолот исто така не се препорачува кога станува збор за диетата LCHF, особено пиво, коктели и вино, иако чаша црвено вино овде-онде е доста прифатлива.

Зеленчукот е генерално дозволен, но одредени зеленчуци треба да се користат умерено. На пример, не треба да јадете повеќе од половина главица кромид по оброк. Исто така, треба да се ограничите на 1 или 2 домати, 1 морков, 1 пиперка и сл. по порција.

LCHF дозволена храна

Сега, кога ги опфативме правилата за забрана, ајде да кажеме и што е дозволено.

Значи, кои се намирниците кои содржат многу добри масти и малку или воопшто не содржат јаглехидрати?

Ги има доволно за да не се чувствувате како да сте на диета, а ја покриваат секоја група на намирници.

Можете да ги јадете речиси сите производи од животинско потекло, бидејќи се богати со протеини.

Тоа значи дека се земаат предвид месото (црвено, пилешко, говедско, итн.), како и јајцата и полномасните млечни производи (од павлака, сирење и јогурт до путер).

Што се однесува до рибата, диетата LCHF ги дозволува сите риби во исхраната, но особено советува да се јаде што повеќе масна риба, како лосос, туна, сардина и пастрмка. Рибата е одлична и поради рибиното масло кое содржи многу незаситени масти.

Можете да користите и масла, особено се препорачуваат маслиново масло, масло од авокадо и кокосово масло.

Зеленчукот исто така е генерално дозволен, освен ако не содржи премногу јаглехидрати. Тоа значи дека можете да ги јадете практично сите, брокула, прокељ, зелка, пиперки, домати, краставици, спанаќ, карфиол, печурки и друг зеленчук.

Од овошјето, како што веќе рековме, дозволената храна за LCHF се боровинки, јагоди, малини, капини и други бобинки, но и авокадо. Дозволено е и јаткасто овошје (бидејќи содржи многу здрави масти), затоа одлучете се за бадеми, ореви, кикирики и семки од тиква.

Конечно, дозволени ви се сите суви и свежи зачини, па можете да ги користите за да ги направите вашите јадења постојано разновидни. Да не зборуваме како некои од нив можат да влијаат на слабеењето.