Дали во листовите кашкавал воопшто има кашкавал?

Фото: Freepik
288

Од што се навистина направени листовите од топено сирење што ги купуваме во маркетите, а најчесто ги користиме за сендвичи? Анализите покажале дека повеќето од анализираните производи содржат помалку од 50 проценти сирење.

Секој од нас барем еднаш купил вкусни листови топено сирење што може да се најдат во супермаркетите. Но, колкумина од нас всушност читаат што пишува на декларацијата и дали ова „сирење“, односно, кашкавал, е направено од млеко како и сите други или од нешто друго. Еве ја приказната за тоа кој прв дошол на идеја да го направи овој производ.

Сигурно знаете дека листовите кашкавал се задолжителен дел од хамбургер или чизбургер. Ова се оние прекрасни листови од кашкавал кои убаво се топат. Исто така, од нив се прават и сосот начос и сосовите за тестенини. Накусо, овие листови имаат многу широка примена, најпрвин во Америка, но одамна веќе и во нашите продавници.

На почетокот на 20 век, „Monroe Cheese Company“ од Монро, САД, имале голем проблем во една фабрика во Пенсилванија, каде започнале да прават сирења според примерот на швајцарските. Повеќето сирења биле во несоодветна форма или надуени, па управата барала решение како она што е шкарт да го врати во продажба.

Проблемот бил решен во 1918 година од Швајцарецот Емил Фреј, кој бил главниот мајстор за сирење во споменатата фабрика. На почетокот, сè додека профитот не бил толку важен или можеби сè додека не се појавила конкуренцијата, ова сирење (Velveeta) се правело од сирења од таа фабрика, кои не биле идентични со моделот, па затоа оделе на понатамошна обработка. Сепак, со текот на времето, тие почнале да менуваат една по една состојка и да бараат се поевтина и поевтина варијанта.

Денес многу компании прават вакви листови кашкавал. На некои пакувања дури и не пишува сирење, туку пишува само сендвич или тост со гауда или ементалер, а со анализата на примероците се покажало дека повеќето вакви производи содржат помалку од 50 проценти сирење.

Преработените сирења се прават од еден или повеќе видови сирења кои остануваат во процесот на производство. И освен тие 50 проценти сирење што ги содржат, другите состојки се вода, маснотии, емулгатори и вештачки бои за производот да изгледа што е можно подобро. Ова сирење има двојно повеќе сол од обичното сирење. А маснотии? Ги има повеќе отколку во кој било друг млечен производ.

Преработените производи пак како што се меките сирења („зденка“) и топените сирни намази, содржат растителни масти, претежно палмино и кокосово.

Овие масла се многу популарни, но содржат многу заситени масни киселини кои во прекумерни количини му штетат на здравјето на срцето и крвните садови. Бидејќи сирењето содржи многу масни киселини, не треба да изненадува што 100 грама од овие производи содржат во просек 15 грама масни киселини, а препорачаната дневна доза е 20 грама. Покрај заситените масни киселини, овие производи содржат големи количини сол. На 100 грама, тој е помеѓу 2,3 и 3,6 грама, во зависност од производителот. Се препорачува да не се консумираат повеќе од шест грама сол на ден за да се намали ризикот од развој на висок крвен притисок. За деца, препорачаната дневна доза е уште помала, затоа не треба да им ги даваме премногу често овие производи.

Конечно, овие производи содржат и емулгаторски соли кои им даваат карактеристична конзистентност и подобар вкус. Овие се различни соли на фосфорна киселина (фосфати и полифосфати) кои во прекумерни количини можат да му наштетат на здравјето на коските, затоа треба да ги избегнуваме.

Според сето што е наведено погоре, овие производи треба да се избегнуваат или да се консумираат само повремено.