Сирење што не видело млеко! Како да препознаете што е млечно, а што – чиста хемија?

Фото: Freepik
6.229

Вештачките, евтини сирења, односно, кашкавали, кои не виделе млеко често содржат помалку протеини и калциум од природното сирење, како и сол, конзерванси и адитиви, а најлесно да ги „откриете“ е ако ја прочитате декларацијата на производот.

Лажните сирења, односно, кашкавали, по вкус и текстура наликуваат на вистински, но ако го погледнеме составот на ваквите вештачки производи, често ќе најдеме бројни нездрави состојки. Имитации на преработено сирење, односно, кашкавал често се користат во прехранбената индустрија поради нивната исплатливост, продолжен рок на траење и добри резултати на топење на повисоки температури. Тие обично се користат во лошите пицерии и рестораните за брза храна, додадени во замрзнати оброци и во некои грицки.

Вештачките, евтини сирења често содржат помалку протеини и калциум од природното сирење, како и сол, конзерванси и адитиви. Некои може да бидат богати со заситени масти и холестерол, кои се штетни за здравјето на срцето. Покрај недефинираните масти, скроб, бои и ароми, ваквите производи содржат и разни други „хемикалии“ кои долгорочно можат да му наштетат на здравјето. На пример, Е407 (карагенан), Е412 (гуар гума) и Е417 (тара гума) може да предизвикаат дигестивни проблеми и уште посериозни болести.

Сепак, замените за сирење не треба да се мешаат со квалитетните вегански сирења од растително потекло чиј состав е јасен. Иако може да им недостигаат одредени хранливи материи кои се наоѓаат во традиционалното млечно сирење, ако станува збор за вреден производ, нема да има штетно влијание врз здравјето.

Сирењето најчесто се прави од кравјо, козјо или овчо млеко, односно со згрутчување на протеините во млекото со помош на сириште. Квалитетното и затоа здраво сирење може да се произведува само од врвно млеко, а повеќето домашни сирења се произведуваат од свежо, сирово, непастеризирано млеко. Покрај тоа, во млекото мора да преовладуваат корисни бактерии, млечно-кисела ферментација.

Показател за неквалитетното сирење најчесто е цената, но најдобро се знае со читање на декларацијата и ситните букви на амбалажата. Природното сирење обично има кратка листа на состојки. За да бидете сигурни дека сте избрале сирење во кое навистина има сирење, мора да ја прочитате декларацијата на производот.
На пример, кашкавалот во листови што се користи за тост сендвичи често содржи мал процент млеко или сирење, огромен процент на масти и сол, а остатокот оди на сурутка, емулгатори, бои… со додавање арома, се добива одреден тип на кашкавал (чедар, ементалер и сл.). За разлика од природното сирење, не се спомнуваат корисните бактерии кои имаат корисен ефект врз здравјето на цревата, калциумот, здравите протеини и масти. Кога купувате кашкавал, секогаш е подобро да му дадете предност на оној во парче – претходно изренданиот кашкавал исто така, често содржи нездрави адитиви, а добро е да се биде сомничав и кон оној кашкавал кој е означен како „кашкавал за пица“.