Дали некогаш сте биле во Владимирово, Негрево и Пехчево? Ако ве носи патот натаму, задолжително посетете ги овие локални херои

850

Го посетивме Владимирово и ги прашавме селаните дали може да се изнајми куќа за престој и колку би чинело тоа, а тие ни рекоа: „Само одберете си куќа и ќе ви платат вас само за да ја одржувате“. Ова е селото во кое пред некоја година се врати нашиот познат хармоникаш и композитор Горан Алачки и изгради етно-културен центар кој беше последната станица од нашата целодневна прошетка низ Брегалничкиот регион

Можеби не е за фалење тоа што и после пола век живот, сѐ уште не сум ѕирнала во секое катче од нашава земја, која не е толку голема за да не може да се прошета  вдолж и попреку за толку многу години, ама голем дел од неа, за мене е сѐ уште неистражен простор. Вчера, откако со колешката се одвоивме од групата со која бевме да запознаеме дел од интегрираните туристички понуди за развој на активен, одржлив и рурален туризам во Брегалничкиот регион, се прошетавме низ Владимирово. Многу брзо стасавме до центарот на сите случувања, локалната продавница каде што владимирчани се снабдуваат со основните прехранбени продукти, но откако се затворил локалниот ресторан и единствено место каде што можете да седнете и да се напиете вода и кафе или барем да помуабетите со неколкумината останати повозрасни жители на ова село кои веднаш ќе ви ги објаснат приликите во родното огниште.

„Младите си отидоа, повеќе куќи зјаат празни и се оставени на забот на времето, а во секоја населена куќа живеат само по еден или најмногу двајца луѓе“, велат тие.

Ги прашавме дали може да се изнајми куќа за престој и колку чини тоа, а тие ни рекоа: „Вие да плаќате? Не, само одберете си куќа и ќе ви платат вас само да седите и да ја одржувате“. Беа изненадени што некој воопшто се интересира за престој во нивното село, па веројатно и не не сфатија сериозно.

Во нивните зборови се уверивме и сами откако прошетавме по речиси пустите улички. Двете жени, сосетки кои си јадеа оревчиња на куќниот праг, љубопитно не запрашаа кои сме, од каде сме и каде одиме. Очигледно не гледаат многу случајни минувачи, но никој не се изненадува кога ќе прашате каде е куќата на Горан Алачки.

А што знаеме ние за Владимирово? Мислам, освен што знаеме дека е тоа селото во кое пораснал овој наш познат хармоникаш и композитор кој од пред некоја година се врати таму? Да, знаеме дека е тоа родното село и на поранешниот министер за надворешни работи, Благој Ханџиски за кој, патем, не информираа дека се вратил во семејната куќа во селото, но и на Снежана Георгиевска, сопругата на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски.

Ова беровско село е познато и по тоа што секоја година, за празникот Илинден тука се одржуваат ,,Владимерски илинденски средби”, под организација на истоименото здружение и во тој период Владимирово е центар на културните случувања во Малешевијата. Горан Алачки, неодамна тука, на Китката, како што локалните жители го нарекуваат брдото од кое се простира најубавиот поглед на селото, направи и нов објект.

Станува збор за културниот центар „Колибите“, место каде што ќе се негуваат македонската музика, македонскиот фолклор, македонската песна, ќе се одржуваат разни културни манифестации: ликовни колонии, поетски читања, концерти.

Објектот има и пет апартмани, како и голема приземна просторија каде што на ова патување нашиот домаќин не нагости со повеќе специјалитети од овој крај. Според Горан, ова ќе биде културен центар во кој ќе има посетители од целиот свет. Тука тој веќе пречекал и неколку групи странци од повеќе држави од светот чии знамиња сѐ уште стојат закачени на ѕидот на старата куќа отспротива, кои две години по ред, благодарение на Камелија Левенска, инаку, исто така по потекло од Владимирово и братучетка на Горан, го изучувале и македонскиот јазик.

Дел од оваа прошетка беа и уште неколку интегрирани туристички понуди во Брегалничкиот регион кои се производ на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Владата на Швајцарија, координиран од Фармахем од Скопје.

Како дел од компонентата за развој на активен, одржлив, алтернативен и рурален туризам, во рамки на проектот во изминатава година се спроведоа активности за подобрување на туристичката услуга во регионот и внесување на нови како и подобрување на постоечките содржини кои се нудат. Заедно со тур операторите Balkan Prime Tours и Mountain experience се поддржани 8 различни даватели на услуги кои нудат автентични активности за туристи, без негативно влијание врз околината.

Поддржаните иницијативи вклучуваат: работилница за рачно изработен сапун од природни состојки http://mysoap.eu.mk/ во Мојот сапун, посета и престој во Едукативен центар за зачувување на природата во Негрево https://ecnegrevo.mk/ , ранч за коњи и терапија со животни Countryside retreat https://the-countryside-retreat.business.site/ , дегустација на сирење и престој на овчарска фарма Агро Чука, часови по традиционална музика во етно-културен центар Алачки во Владимирово, планински велосипедизам на Осогово и Малешево преку здружение на граѓани за развој на заедницата од Берово и хотел Градче  https://www.facebook.com/eurohotelgradce и апитерапија на пчеларска фарма Кладенче.

Премногу за еден ден, но одлична идеја за идни патувања и посети кај љубезните домаќини.