За првпат во светот, крафт пиво сoединето со врвно хрватско вино: приходите од сите 225 литри одат за хуманитарни цели

Фото: Sasa Buric/Cropix (Слободна Далмација)
159

Хрватите направија темно пиво одлежано во барик-буре во кое претходно лежело вино Дингач, а во производството на оваа лимитирана серија влегле и 4 килограми црно чоколадо

Сè почнало како што обично почнува секоја добра приказна – случајно. Група љубители на пиво поминале една зимска вечер зборувајќи за квалитетот на пивото, за начините на кои тоа може дополнително да се облагороди, да се направи различно и посебно.

„Додека разговаравме за нашите идеи, мене и на мојот пријател Марио Радиќ Филиповиќ ни падна на памет „Дингач“. Зошто пивото да не одлежи во барик буре во кое претходно се чувало нашето врвно вино“, открива за хрватскиот портал „Слободна Далмација“, Здеслав Бензон, за кој велат дека е таму најдобар познавач на пивото меѓу лекарите и најдобар доктор меѓу познавачите на пивото.

Не поминало долго време од идеја до реализација. Контактирале со винарот Ивица Радовиќ од Пељешец. Го прашале дали ќе им помогне, тој се согласил и толку…

„Тука нема голема мудрост. Го преточив виното, го ставив празното буре во автомобилот и тргнав кон Сплит“, вели винарот, а потоа додава:

„Виното надвор, пивото внатре“. Темното пиво, кое го крстиле „Мрка“ е прво во светот соединето со „Дингач“.

Пивото има 7,5 отсто алкохол и 27 единици горчина.

Во бурето од 225 литри, колку што има сега и од ова пиво, кое е лимитирана серија, стареело осум месеци на околу 5 степени Целзиусови. Велат дека пивото што го добиле е нешто што е уникатно по вкус, мирис, арома и по самата хармонија и комбинацијата на Дингач и стаут пиво.

Производителите решиле да го спакуваат пивото во шишиња и да го продадат по промотивна цена, а секоја куна потоа да оди во Жупаниската лига за борба против ракот.

„Во процесот на подготовка на пивото било користено и чоколадото од Доминиканската Република, со 99 отсто какао, а за таа количина биле потрошени четири килограми“, открива познатиот хрватски производител на крафт чоколадо Маринко Бишкиќ..

Оние кои го пробале „хуманитарното пиво“ коментираат дека е нешто најдобро што пробале досега.