Иде сиромаштија, време е за фриганство

Фото: Фејсбук
157

Според дефиницијата, фриганците веруваат дека модерното друштво е во социјална криза поради културата на конзумеризам па тие со својот животен стил не сакаат на ниту еден начин да ја поддржуваат таа потрошувачка култура. Затоа јадат исклучиво храна која е достапна бесплатно (остатоци од храна кои се фрлаат).

Како што пораснаа сите цени во маркетите, а со оглед на тоа што сите не очекува тешка зима и заради проблемот со недостатокот и цените на електричната енергија, изгледа дека сликата на луѓе кои копаат по контејнерите во потрага по храна, ќе ја гледаме многу почесто.

Иако, со оглед на новите трендови и термини со кои се соочуваме денес, кога станува збор за правците во исхраната (веганство и вегетаријанство, палео исхрана, хроно исхрана, исхрана со сирова храна, па и ова, најнеобичното, фриганството), веќе нема да бидеме сигурни дали сите оние кои досега ги гледавме како копаат по контејнери во потрага по храна, се сиромашни или се можеби приврзаници на фриганството. Или пак, од немајкаде и од срам, сега сите ќе почнат да се нарекуваат себеси фригани.

Што значи ова?

Изразот фриганство потекнува од англискиот freeganism што значи правец во исхраната кој заговара „бесплатна храна“.

Според дефиницијата, фриганците веруваат дека модерното друштво е во социјална криза поради културата на конзумеризам (потрошувачкиот менталитет на луѓето) и дека со својот животен стил не сакаат на ниту еден начин да ја поддржуваат потрошувачката култура. Затоа фриганците јадат исклучиво храна која е достапна бесплатно (остатоци од храна кои се фрлаат).

Целта на фриганите е да го канализираат однесувањето и желбата на луѓето и да прават добро преку начинот на кој консумираат. Многу фригани се дел од невладини организации и им помагаат на повеќето малцински групи преку нивната работа. Главните практики што ги спроведуваат фриганите вклучуваат: обид за дејствување против суровоста кон животните, кршење на човековите права и уништување на животната средина, како и против капиталистичкото искористување кое создава алчност, масовно производство и прекумерна потрошувачка.

Нуркање во контејнери

Многу фригани се хранат од контејнерите кадешто ја пронаоѓаат храната што е фрлена заради тоа што и е истечен рокот на траење, зеленчук и овошје кои се се уште јадливи, остатоци од фрлен леб…

Една од понеортодоксните практики на некои фригани е процесот на претворање на ѓубрето во намирници, познат и како „нуркање во контејнер“. Нуркањето во контејнер се однесува на враќање (главно храна) предмети кои се фрлаат иако се сѐ уште употребливи.

Некои фриганци ги земаат остатоците од храна од рестораните, додека некои, сепак купуваат храна во супермаркетите, но од онаа со понизок квалитет. Некои фриганци собираат и од плодовите кои паѓаат на земја. Често овие луѓе се соочуваат со проблем кога станува збор за прифаќањето на нивните навики од страна на останатите членови на општеството, а во некои земји се и притворани поради буричкањето по контејнери.

Терминот „freegan“ доаѓа од основачот на Food Not Bombs, која е невладина организација со седиште во Масачусетс, САД, но се рашири низ целиот свет и е активна повеќе од 30 години. Иако движењето постои во различни форми многу децении, фриганизмот и фриганскиот начин на живот се проширија низ целиот свет во средината на 2000-тите, но особено во САД, Обединетото Кралство и Австралија. Во средината на 2000-тите, фриганите го свртеа вниманието на светот кон прашањето за отпадот од храна, откривајќи ги прекумерните ефекти на капитализмот со изложување на местата за отпад. Невладините групи, како што е freegan.info во Њујорк, организираат обиколки на контејнери за да ѝ покажат на пошироката јавност каде се фрла најмногу добра храна и како можат да собираат храна.