Кромид, прегорен шеќер со млеко, слез, чаеви, облози и други природни лекови за кашлица

Фото: Pexels
674

Овие природни методи на лекување имаат докажана ефикасност и можат да бидат корисни сојузници кога се појавуваат непријатни симптоми на кашлица.

Кашлањето игра важна улога во чистењето на бактериите, надразнувачите и вишокот слуз од грлото, но упорната кашлица може да биде многу непријатна. Во продолжение дознајте како да ја смирите кашлицата кај возрасни и деца и што сѐ е ефикасен лек за кашлица.

Кашлицата е сосема природна и нормална појава бидејќи му помага на телото да одржува чисти дишни патишта. Сепак, упорната кашлица може да биде симптом на голем број здравствени состојби, како што се алергии, гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) и вирусна или бактериска инфекција која најчесто се поврзува со настинка, инфекција на синусите или грип.

Постојаната кашлица може да биде доста заморна бидејќи го исцрпува телото и често не држи будни цела ноќ и се чувствуваме како никогаш да нема да исчезне.
Поради можните несакани ефекти, повеќето лекари советуваат прво да пробате природни методи пред да посегнете по лекови без рецепт. Треба да бидете внимателни со нив, особено кога станува збор за деца и лица со медицински состојби или за постари лица.

Постојат различни видови на лекови како сируп за кашлица на база на декстрометорфан кој ја ублажува иритацијата, лекови кои содржат псеудоефедрин кој го смирува течењето на носот и кашлицата и ноќни лекови кои го ублажуваат јадежот во грлото и кашлицата кои содржат дифенхидрамин, кој припаѓа на класата на антихистаминици.

Делотворен лек за кашлица
Овие природни методи на лекување имаат докажана ефикасност и можат да бидат корисни сојузници кога се појавуваат непријатни симптоми на кашлица.

Маслиновото масло како лек за кашлица
Различни студии покажуваат дека екстра девственото маслиново масло има корисни антибактериски, антивирусни и антимикробни ефекти при инфекции и заразни болести. Кога се користи орално, создава заштитен слој и го подмачкува воспаленото грло, ја ублажува кашлицата предизвикана од иритација и го намалува непријатното чувство на скокоткање или гребење во грлото.

Ако страдате од напади на кашлање, особено навечер, земете една лажица маслиново масло пред спиење. За полесно да го голтнете маслото, можете да го комбинирате со мед, кој има и природни антибактериски и антиинфламаторни својства.

Природен сируп против кашлица направен од мед, лимон и маслиново масло
Овој едноставен сируп е одличен лек за кашлица за деца над една година.

Медот е ценет лек за болно и иритирано грло. Според една студија од 2021 година, медот може да ја ублажи кашлицата кај инфекциите на горниот респираторен тракт поефикасно од обичните супресиви за кашлица кои содржат декстрометорфан. Освен што ја потиснува кашлицата, овој природен сируп ја спречува и потребата од антибиотици.

Лимонот е богат извор на витамин Ц, кој го зајакнува имунолошкиот систем и го забрзува процесот на заздравување. Медот благотворно делува на кашлицата, додека сокот од лимон може да помогне при отекување на носната слузница. Маслиновото масло, пак, ја ублажува иритацијата на слузокожата на грлото и бронхиите.

Подготовка
Измешајте половина шолјичка маслиново масло со 1/4 шолјичка мед.
Додадете 1/4 шолјичка свежо исцеден сок од лимон.
Сè добро измешајте и чувајте го во чиста тегла.
Ќе добиете едноставен сируп за кашлица кој помага и за намалување на болките во грлото. Земете една лажица на секои неколку часа по потреба.

Горчицата ја стимулира циркулацијата на крвта со проширување на капиларите
Облози за градниот кош против кашлица
Кога се борите со настинка или друг респираторен проблем, белите дробови често се затнати со слуз што тешко се искашлува. Силната кашлица може да ја иритира чувствителната слузница на дишните патишта, што прави да чувствуваме гребење во белите дробови, да имаме тешкотии со дишењето и да се чувствуваме исцрпени. Затоа, потребно е да се исфрли заробената слуз за да се спречи развој на инфекција во белите дробови.

Во тоа може да ни помогнат облозите од горчица. Горчицата ја стимулира циркулацијата на крвта со проширување на капиларите. Нанесувањето облог на градите помага да се отворат дишните патишта, што го олеснува кашлањето и ослободувањето на слуз.

Состојки:
1 лажица ситно мелено семе од горчица (синап)
4 лажици брашно
малку маслиново масло.
Подготовка
Сомелете го семето од синап во ситен прав и додадете брашно.
Истурете малку вода и измешајте за да направите паста што не треба да биде премногу густа или премнгу течна.
Нанесете тенок слој од пастата на памучна крпа и накапете малку масло врз пастата.
Ставете го облогот на градите и покријте го со ќебе или со термофор и држете го 15 минути. Кога третманот ќе заврши, избришете ја пастата со топла, влажна крпа и избришете се. Добро загрејте се и одморете се.

Билни чаеви за кашлица
Чајот со мед може да ја смири и излечи кашлицата и болките во грлото за краток временски период. Пијте топол чај за хидратација и зајакнување на имунолошкиот систем.

Корен од бел слез
Лисјата и коренот на растението бел слез имаат долга историја во народната медицина за лекување на болки во грлото и за сузбивање на кашлицата. Истражувањата потврдуваат дека белиот слез, со своите антивоспалителни и антиоксидантни својства и високата содржина на слуз, може да ја ублажи иритацијата предизвикана од кашлањето.

Истурете две лажички корен од бел слез во чаша топла вода. Покријте и оставете го прво да се излади. Колку подолго коренот на бел слез е натопен во вода, толку повеќе слуз ќе има чајот. Пијте по две шолји чај дневно.

Иако растението генерално се смета за безбедно, коренот и листовите од бел слез не се препорачуваат за деца.

Гаргара со солена вода
Иако овој лек изгледа едноставен, гаргарањето со солена вода може да помогне да се смири иритираното грло кое предизвикува кашлица. Во една мала студија објавена во American Journal of Preventive Medicine, едноставното гаргарање со вода ги олеснува симптомите на инфекции на горниот респираторен тракт, го крати времетраењето на симптомите како кашлица, па дури и спречува појава на инфекција.

Измешајте половина лажичка морска сол со чаша топла вода. Гаргарајте 2-3 пати на ден по потреба.

Лек за кашлица за деца
За деца постари од шест месеци, најдобар сируп против кашлица е сирупот од кромид. Кромидот е природен експекторант и може да помогне во чистењето на белите дробови од затнување бидејќи ги разредува секретите. Одамна се користи во народната медицина против настинка бидејќи содржи витамин Ц и фитохемикалии кои го зајакнуваат имунитетот и ја зголемуваат ефикасноста на витаминот Ц во организмот.

Сирупот најдобро е да се подготвува свеж секој ден и се чува во фрижидер.
Состојки:
1 голем црвен кромид
3 лажици шеќер во прав (по можност кафеав).
Подготовка
Излупете го кромидот, исечете го на големи кришки, ставете го на мала чинија и посипете со шеќер.
Оставете да отстои малку за да се ослободи сокот.
На секој час давајте му на детето по една кафена лажичка од добиениот сок, односно сируп. Сирупот има убав сладок вкус што го сакаат малите деца.

Прегорен шеќер со млеко за кашлица
Сигурно веќе сте слушнале за овој народен лек против кашлица кој користи прегорен шеќер во комбинација со млеко. Тој е вистински мелем за белите дробови и болките во грлото. Има смирувачки ефект врз целото тело и го забрзува закрепнувањето. Познато е под името „карамел млеко“, а многу лекари сè уште го препорачуваат како ефикасен лек за кашлица.

Самиот карамелизиран шеќер го поттикнува искашлувањето, а млекото од карамела го забрзува созревањето на секретите и ја ублажува болката и гребењето во градите и грлото при силна кашлица.

Подготовка
Во тенџере ставете 2-3 лажички кафеав шеќер и ставете го на тивок оган.
Мешајте додека не се растопи и порумени, внимавајте да не изгори.
Додадете чаша млеко.
Оставете го млекото да зоврие и веднаш тргнете го од оган.
Пијте го овој убав напиток додека е уште топол. Навечер, пред да си легнете, ќе ви го опушти телото и ќе ви помогне побрзо да заспиете. Овој стар лек на нашите баби е корисен лек за кашлица и за деца и за возрасни.