Лондонски штангли од македонски шеф во словенечка кујна

645

Овие лондонски штангли потсетуваат на „лења пита“, но во побогата верзија и со висок фил, директно од кујната на нашиот шеф со диплома од Факултетот за ликовни уметности

Повторно нешто вкусно од нашиот Диме Темков, уметник-графичар, но и врвен шеф кој живее и работи во Љубљана.  

Лондонски штангли со ореви и џем од кајсија. Кревки. Сочни. Пенести. Крцкави.  Слој од печиво со путер, слој од џем од кајсии, а одозгора дебел слој снег од белка од јајца со мелени ореви. И најодозгора, крупно сечкани ореви.

Состојки за тестото:

200 гр брашно

60 гр шеќер

120 гр путер

6 жолчки

5 гр прашок за пециво

1 ванилин шеќер

кора од лимон

прстофат сол

За премачкување на тестото: 6-7 полни лажици џем од кајсии

Состојки за филот:

200 гр мелени ореви

50 гр сечкани ореви

150 гр шеќер

6 белки

1 ванилин шеќер

прстофат сол

Тава за печење (32×22 цм) Обложете ја со хартија за печење или премачкајте ја со путер. Ако сакате малку подебели парчиња земете малку помала тава за печење (30×20 цм).

Приготвување:

Тестото се меси, најпрво со миксер (без претходно да се матат жолчките), потоа со раце. Смесата е доста леплива, но таква треба да биде. Кога состојките убаво ќе се соединат, тестото се става во плехот за печење намачкан со путер и со рацете се нанесува рамномерно во плехот. Се пече на 180°Ц околу 10 минути.

Во меѓувреме, изматете ги белките со прстофат сол. Постепено промешајте го шеќерот додека продолжувате да матите. Го матиме шеќерот да се растопи и снегот да биде густ и сјаен.

Ставете ги мелените ореви во снегот. Додадете по желба цимет и нежно измешајте.

Тестото се вади од рерна, се мачка со тенок слој од мармалад, а најгоре се додава филот од белки и ореви и се поросува со сечканите ореви.


Се враќа во рерна на истата температура околу 5 минути, потоа малку се намалува температурата и се пече уште 15 минути, додека белката убаво не се потсуши.
Кога ќе се излади внимателно се сече на мали парчиња.