Поточарка, билка која расте само на чисти места

1.093

За нејзината нутритивна вредност најдобро говори фактот што содржи поголема количина железо од спанаќот, повеќе калциум од млекото и повеќе витамин Ц од лимонот и портокалот.

Поточарката, како што кажува и нејзиното име, е билка која расте во области со чиста вода, покрај потоци, реки и извори и ѝ припаѓа на фамилијата на зелките.

Се смета за еден од најстарите видови на зелен зеленчук познат на човекот, а се користела и како храна и како лек уште многу одамна.

Хипократ ја препорачувал за терапија на хематолошките пореметувања, а денес е познато дека поточарката претставува богат извор на бројни витамини и минерали како што се витамините А, Ц, Е, К, минералите: калциум, калиум, манган, цинк, магнезиум и железо.

Поточарката содржи бројни фитохемикалии, растителни влакна и се смета за нискокалорична супер храна. Таа може да се употребува како додаток на јадењата, во супите и соковите, но и како свежа салата. Идеална е за одгледување под пластеници и во зима и е единствена билка која не може да расте во загадените области и се смета за сигурен показател на чиста природа.

Сепак, со текот на годините таа била подзаборавена и дури од неодамна почнала повторно да се употребува во кујната како храна и како лек.

Неодамна официјалното меѓународно истражување ја прогласи оваа лисната зелена билка за моментално најздравиот зеленчук на планетата, односно за намирница број 1.

Поточарката го стопира и намалува оксидативниот стрес и го засилува антиоксидативниот ефект. Влијае врз размената на хемиските соединенија во нашиот метаболизам и ги регулира пореметувањата кои настануваат.

Ја чисти крвта, освежува, го поттикнува апетитот, го прочистува целиот организам.

Во народната медицина има голема примена во лекувањето и тоа во свеж облик и во облик на свеж сок, но само во сооднос 1:5 (еден дел сок и пет делови вода), и не секојдневно бидејќи може да предизвика воспаление на желудникот и ждрелото и да ги надразни бубрезите. Сокот од поточарка е омилено средство за надворешна употреба при кожни заболувања.

Научните истражувања говорат за стопирање на растот на туморот и метастазите (експериментирано со животни) ако екстрактот од поточарка се инјектира за помош во лекувањето на кардиоваскуларни болести и стопирање на карциномот на дојка. На пушачите им се препорачува салата од поточарка која одлично делува и ги спречува штетните последици од пушењето.