Сезер ага како горд Македонец на македонскиот штанд во Торино

273

Натурализираниот охриѓанец Акин Сезер, како дел од екипата на Слоу фуд Охрид на саемот за храна во Торино ги претстави традиционалните македонски производи во негова интерпретација: ајвар и лутеница со халапењо пиперчиња, макало од лук и артичока, џем од чери домати

На петтиот и последен ден на Тера Мадре Салон дел Густо 2022 во Торино, Италија беа претставени иновативните производи во делот насловен како „Алхемија на вкусови“. Тука, меѓудругите, се претстави и Акин Сезер, натурализираниот охриѓанец и омилениот охридски зет кој во оваа деценија откако живее во Охрид, стекнал многу пријатели и соработници, а станал и дел од конвивиумот на Слоу фуд во овој град.

На саемот во Торино, Сезер ага, како што милуваат да го нарекуваат неговите македонски пријатели, како горд Македонец ги презентираше традиционалните македонски производи збогатени со необични состојки кои им даваат еден малку поинаков, оригинален вкус и додадена вредност. На пример, големо внимание меѓу посетителите на штандот привлекоа неговиот ајвар и лутеницата збогатена со халапењо пиперчиња, макалото со лук и артичока, а особено слаткото од чери домати, сите произведени под брендот Sezer’s Organic Farm.

„Насмевката започнува на моето лице додека го берам зеленчукот од мојата рајска градина. Мирисите што излегуваат кога ќе почнам да готвам уште повеќе ми ја зголемуваат среќата, но она што е најважно, се интересни погледи на лицата на луѓето кои ги вкусуваат моите производи и позитивната енергија која се ослободува на крајот. Го фатив ова повторно денес во Торино. Добро ја работам оваа работа и вие ме поддржувате, ви благодарам“, рече Сезер по промоцијата на своите производи на македонскиот штанд, каде што лепчињата намачкани со ајвар, макало или со слаткото од домати, се разграбуваа со брзина на светлината, многу побргу отколку што тој и неговите помошници успеваа да намачкаат.

Сезер произведува навистина оригинални производи кои се разликуваат од оние на кои сме навикнати, но одлично се надоврзуваат на нив. Сите состојки ги произведува самиот на својата фарма за органски производи и постојано експериментира со семињата. Така, тој е и прв регистриран произведувач на артичока во Македонија, која одлично се вклопува во неговото макало со лук и му дава еден нов и поинаков вкус кој не ја загрозува популарноста на веќе добро познатиот и проверен бренд на макалата од брендот „Папа’с“, туку гордо стои покрај нив со својот сосема поинаков, „сезеровски“ печат.