Слоуфудовска дружба за роденденот на „Пирустија“

643

Кога ќе се здружат вакви вредни и креативни луѓе, што се вели, вистински домаќини, поборници за здрава, сезонска и локална храна, за зачувување на традицијата, ама не само на носиите, песните и ората, туку и на домаќинлукот и на природата, мераклии за јадење, за готвење, месење и одгледување на природна храна или накусо, членови на движењето „Слоу фуд Охрид“, тоа е навистина посебна слика и, како што вели Наташа Неданоска, навистина перфектен ден.

Наташа Неданоска чиешто четиричлено семејство (Наташа и Васко и двата сина, Христијан и Петар), веќе 12 години ја одржуваат семејната стара камена куќа во село Рамне, охридско, која ја реставрирале зачувувајќи го нејзиниот автентичен изглед, а веќе 10 години се занимаваат со мини сточарство, т.е. за нивни потреби чуваат и размножуваат животни и птици на нивната мала фарма. И тоа не е сѐ. Тие се дел од сѐ побројната понуда на рурален и автентичен туризам кои се нуди во нашата земја. А она што го нуди домаќинството „Пирустија Неданоски“ е навистина автентично, но и оригинално.

„Идејата се роди од можноста нашите деца да јадат здрава и свежа храна произведена во селски, еколошки услови, а потоа вклучивме и земјоделство во нашите активности, одгледувајќи зеленчукови насади. Се занимаваме и со подготвување на традиционална храна – конкретно, месени јадења како што се: пита, преснец, кошмишпите, ѓомлезе и омилениот комаТ.  Спецификата е во тоа што храната се пече под сач (вршник) на пирустија, од кадешто доаѓа и името на нашето домаќинство. Токму деновиве, поточно, на 17 август го прославивме и третиот роденден на Пирустија и годишнината од нашиот брак со Васко. Патем, кај вториов повод, станува збор за цели две децении“, се смее Наташа.

Покрај сите убавини што се нудат во оваа домаќинска куќа, од погледот на Охрид и на Охридското Езеро, до слаткото од охридски цреши, домашна вишновка и свеж зеленчук од нивната градина, Наташа ја негува и несебично ја споделува со сите кои сакаат и вештината за сукање и вкусот на традиционалната македонска кујна. Во домаќинската куќа „Пирустија Неданоски“, на нејзините часови „Учиме да сучиме“, таа досега обучила 300 лица.

Домаќините се потрудиле да ја зачуват и автентичноста на старата куќа, но и да ги вметнат сите неопходни елементи кои ќе ви овозможат пријатен престој, па од неодамна веќе нудат и изнајмуваат и соби. Имаат две соби, односно, одаи, како што вели нашата драга професорка по македонски јазик (да, да, освен што сука и пречекува гости, Наташа е и  професорка по македонски јазик и поетеса). Собите имаат по два кревети, еден брачен и еден единечен, а куќата има и стари симболични елементи, широки прозорци кои лесно ја внесуваат природната светлина внатре, ама и традиционален чардак на кој можете да уживате во прекрасниот поглед.

Домаќините се вистински мајстори кога станува збор за подготовка на домашна традиционална храна од локален и сезонски зеленчук и овошје и се важен дел и вредна карика од растечкото движење на Слоу фуд, како и дел од основачкото собрание на конвивиумот „Слоу Фуд Охрид“.

Токму нивните соборци, содружници, сограѓани и пријатели, се собраа во Пирустија и го прославија нејзиниот роденден баш така како што најдобро умеат, со убава храна, од сите по нешто – да има за секого. А за да биде денот перфектен, како што вели Наташа, „не треба многу, доволно е да дојде Марко од пицерија „Прова“ на гости со тесто за пица и додека сачот се грее да нафрла сецкани зеленчуци од бавча, збогатени со интензивен вкус на макало со артичока од органската фарма на Акин Сезер, донесено лично од Акин….. И така, освен добар залак, бидна и одлична дружба“.

„На здравје нека ни е на сите и за нови предизвици“, посака Наташа.

Епа наздравје и од нас и да им се множат годините на сите овие убави и вредни луѓе, а нека се множат и луѓето како нив.

.