Три нијанси на портокалово: Крем супа од тиква, батат и моркови

238

Оваа прекрасна крем супа од тиква, сладок компир и моркови, е фантастична комбинација која може да го замени и главниот оброк. А трите портокалови плодови од кои е направена и секој посебно се доволно здрави, па замислете тогаш колку се здрави кога ќе се спојат

Оваа крем супа од тиква ни ја послужија на еден настан на Слоу фуд, во ресторанот „Ореов лад“ во Сарај. Можеше слободно да биде и главно јадење бидејќи беше толку јака и вкусна и здрава што може слободно да биде и ручек. Уште ако си додадете некое крцкаво препечено лепче, не ви треба ништо друго.

Бидејќи и тиквата и слаткиот компир (батат) и морковите се полни со здрави состојки, кога ќе се здружат во една ваква вкусна порција, ќе добиете обилен оброк полн со хранливи материи, а сепак не многу калоричен.

Тиквата содржи високо ниво на антиоксиданти и каротен и особено високо ниво на витамин Ц и Е. Со своите лековити својства е идеална во борба против срцеви заболувања, како превентива од рак, катаракта и мозочен удар. Содржи и калиум кој е важен за функцијата на срцето, фосфор и калциум кои влијаат врз коските и забите, железо кое е важно за крвта и манган кој ја чува кожата.

Последниве години кај нас почна да се употребува во исхраната и слаткиот компир. Иако не е дел од нашата традиција, кога веќе добро вирее, зошто една толку здрава намирница да не стане дел од нашето секојдневје.

Особено ако се има предвид дека него секојдневно го консумираат жителите на Окинава кои важат за едни од луѓето со најдолг животен век во светот. Слаткиот компир е богат со растителни влакна и антиоксиданти и една студија објавена во списанието „Интерна медицина“ во 1994 година, покажала дека луѓето што консумирале сладок компир имале низок крвен притисок и немале проблем со вишок килограми. Речиси ретко кој од нив имал срцеви болести, удари или некоја друга од современите болести. Бататот е богат со растителни влакна, витамин Ц, калиум, витамините Б3, Б5 и Б6, манган, магнезиум и бакар. Портокаловиот вид сладок компир, оваа боја ја добива поради тоа што во неговиот состав има бета каротен, што во исто време е и пигмент и антиоксидант. Богат е со протеини, кои се одлични во борбата со вишокот килограми. На организмот му нуди големо количество витамин А чиј недостиг во организмот на светско ниво води кон слепило кај децата.

И на крајот, но не помалку важна е третата портокалова состојка во оваа супа се морковите, кои ги ставаме во се, од супи, манџи, салати. па до десерти. Колку што имаат широка листа за тоа на кој начин можат да се употребат во исхраната, толку е долга и листата на здравствени придобивки.

И тие се богати со витамин А, хранлива материја од суштинско значење за добар вид, поточно, морковите се полни со бета каротени што последователно се претвораат во витамин А во нашиот црн дроб. Бидејќи бета каротените не можат да се произведат во телото, мора да се добијат од исхрана, а со оваа супа ќе добиете навистина одлична доза. Инаку, не е случајност што „каротен“ звучи како „карот“ („carrot“). Зборот потекнува од 19-тиот век, од германски научник кој го кристализирал каротенското соединение од корени од моркови. Бета каротенот е еден од повеќе од 600 каротеноиди, кои се пигменти што ја даваат бојата на жолчките од јајцата, доматите, овошјето, темно зелените листести зеленчуци и некои типови на морска храна. Познати по заштитата од ултравиолетово зрачење, морковите се исто забележани поради нивната улога што ја играат во превенција на срцеви заболувања и мозочен удар, во превенција на инфекции кај исеченици и гребаници, во одржување на млада кожа и во чистење на дебелото црево и исфрлање на токсините.

Калциумот, фосфорот и магнезиумот во морковите помагаат во изградбата на силни коски и здрав нервен систем. Потрошувачката на калциум е од суштинско значење, особено за здрав срцев мускул. Фосфорот е од суштинско значење за омекнување на кожата и зајакнување на забите, косата и коските, додека на магнезиумот можеме да му бидеме благодарни за неговата улога во ментален развој, дигестија на мастите и апсорпција на хранливите материи. Морковите исто нудат и бројни придобивки заради содржината на калиум, витамин Ц и Б6, бакар, фолна киселина, тиамин и магнезиум.

И конечно, еве еден рецепт за вашата супа од трите најпортокалови и најздрави плодови.

Состојки:

500 г тиква

2 поголеми моркови

1 среден батат

1 главица кромид

50 г путер

8оо мл вода

100 мл млеко

павлака за украсување

сол, црн пипер

Приготвување:

Исечкајте го на ситно кромидот, а морковите, бататот и тиквата на тркалца и коцкички. Пропржете ги на путер, кромидот, морковот, бататот и тиквата, па ставете ја водата.
Нека се крчка околу 20 минути, а потоа додадете го млекото и зачините. Се заедно ставете во блендер и измиксајте. Ако ви е многу густо можете да додадете млеко. По желба украсете со павлака.
5.Добиената супа ставете ја во чинии и украсете ја со малку магдонос и павлака за готвење