Барик, трпезно, буке, карактерно,… Сѐ од најдобрите семејни винарии на винскиот салон во Битола

275

„Slow Wine салон 2022“ кој не очекува во сабота (3 декември) во Битола, има за цел да ги презентира и да ги промовира производителите на вино, кои пак ќе ги презентираат нивните вински приказни и ќе ни понудат на дегустација вина направени во нивните мали семејни винарии, вина направени со вистинска страст. Во пресрет на овој настан, еве го нашиот мал вински речник па, да се преслушаме…

Секој кој некогаш требало да донесе вино за некоја вечера или да купи вино за своите пријатели кои се љубители на добра капка, знае дека светот на виното е полн со можности и стилови. Сепак, опишувањето на виното не е едноставно, ниту е лесно да се дефинираат неговите карактеристики, па секој треба да знае некои основни термини за вино. Бидејќи, како и секоја страст или хоби, учењето за виното нуди нов свет полн со убави искуства. Особено сега, во пресрет на уште едно убаво винско искуство кое не очекува во Битола – SLOW WINE 2022, вински салон Битола.

Салонот има за цел да ги презентира и промовира производителите на вино, кои ќе ни ги презентираат нивните вински приказни и ќе ни понудат на дегустација вина направени во мали семејни винарии, вина направени со вистинска страст.  На ова издание на винскиот салон „Slow Wine салон 2022“ ќе се дегустираат над 200 етикети на вино и дестилати, како и бројни деликатесни производи..

„Не си бил во Битола, ако не си прошетал на Широк сокак. Не го познаваш македонското вино ако не си ги запознал малите семејни винарии. Оваа променада од архитектура, луѓе и убавина е како новиот бран на винари кои ќе го исполнат нашиот салон со позитивна енергија и вкусови“, велат организаторите.

Доброто вино ја зачинува речиси секоја прослава и дружење, а уживањето во вино и друштво е одличен начин за истражување на вкусовите и стиловите додека комуницирате со пријателите. Секако, подоброто познавање на виното го олеснува купувањето, а знаењето за виното го отвора патот за развој на сетилото за вкус и мирис. Ако развиете свесност за тоа што пиете, ќе ви биде полесно да најдете слични вина и да разберете зошто виното варира по регион, година и некои други фактори.
И конечно, учењето за виното може да биде личен предизвик и извор на задоволство. Можноста за постојана потрага по вкусни вина е задоволство, како за вас, така и за многу други луѓе со кои ја споделувате љубовта кон виното.

Мал речник со термини за вино што секој треба да ги знае

Алкохол: тој е природен нуспроизвод на процесот на ферментација, дава чувство на сладост за да се балансираат киселините и танините во виното.

Барик: име за дрвени буриња со различни волумени, обично 225 л, во кои се произведува вино по истоимената постапка. Со одлежување на виното во овие буриња, во него се случуваат сложени процеси на естерификација и екстракција на танински и ванилински материи од дрвото и оксидација.

Буке: ова се сите оние мирисни состојки во виното што ги чувствуваме со сетилото за мирис. На пример, грозјето има примарен мирис, но има и други мириси, како земја, сено, овошје, ароматични билки… Со оглед на тоа што дел од мирисот исчезнува при ферментација, терминот арома се користи за млади вина, а буке за постарите.

Дегустација на вино: Колку и да им завидуваме на сомелиерите за нивната вештина, дегустацијата подразбира големо знаење за правилно да се оцени виното – од познавање на сорти, различни ароми и вкусови до професионален опис на виното.

Декантирање на виното: тоа е процес на внимателно преточување на виното во сад за да се отстрани талогот (вински каменец) и да се овозможи виното да има подолг контакт со кислород пред консумацијата, со цел подобро да се развијат аромите.

Десертни вина: исто како што кажува нивното име, тие се слатки и се пијат после оброк. Во нив се додава алкохол (најчесто бренди) за да се задржи нивото на природни шеќери кои се користат за време на процесот на ферментација.

Хармонично вино: тоа е добро избалансирано, хармонично вино во кое сите основни карактеристики се избалансирани, па ниту една не се истакнува.

Карактерно вино: се однесува на карактеристиките на поднебјето од кое доаѓа, бидејќи секое има одредени специфичности.

Лесно вино: она со ниска концентрација на танини и помал процент на алкохол, питко и со пониски енергетски вредности во споредба со тешките вина.

Младо вино: не поминало низ целосна технолошка обработка, туку само делумна или цела ферментација, поради што се нарекува младо.

Органско вино: многу популарно во последниве години и означува вино направено од грозје одгледувано без вештачки адитиви за одржување на квалитетен род.

Пенливи вина: се карактеризираат со значително влијание на карбонизацијата, која се јавува како природен дел од ферментацијата. Имено, по ферментацијата, во виното се додава јаглерод диоксид, а нивото на карбонизација може да се види на етикетата на која пишува дали виното е слатко или суво.

Трпезно или лесно вино: без разлика дали е црвено, бело или розе, тоа се вина кои имаат содржина на алкохол од 14 проценти.

Слаткост: шеќерот природно се наоѓа во грозјето, што ја зголемува тежината и јачината на вкусот и на тој начин ја одредува текстурата на виното.

Танини: фенолни соединенија што се наоѓаат во кората, лисјата, семето и лушпата на грозјето. Иако најчесто се поврзуваат со црвените вина, може да се изразат и во некои бели вина, обично оние кои се мацерирани и оние кои созреале некое време во дабово буре.

Популарни бели вина

Шардоне: има овошен, малку масен, кадифен вкус кој не е типичен за сувите вина.

Мускат: вино со овошен вкус, многу често е и доста слатко.

Пино Гриџо: има едноставен, лесен, сув и киселкаст вкус.

Ризлинг: главно сладок, со интензивен овошен вкус.

Совињон бланк: има сув и киселкаст вкус, со ароми на билки и тропско овошје.

Популарни црвени вина

Каберне Совињон: карактеристично тешко црвено вино со примеси на билки.

Мерло: има овошен вкус, но во него се чувствуваат и зачини. Сепак, полесно е и со помалку танини од Каберне Совињон.

Пино ноар: деликатно и свежо вино, со помал процент од танини со овошни ароми.

Станушина – автохтон вид на грозје кое се одгледува само во Македонија. Погоден за производство на многу квалитетни вина.