Време е за зимници: Нешто од нешто да направиме, како мажи сме станале

Фото: Pixabay
185

Вака некако си зборуваа пред некој ден две сосетки во зградата каде што се нашите работни простории. Зборуваа за зимници…

„Здраво, што правиш?“

„Еве, до пазар бев, изгор скапо е, ама купив некое кило пиперки. Нешто од нешто да направам зашто како мажи сме станале“.

Вака некако си зборуваа пред некој ден две сосетки во зградата каде што се нашите работни простории.

Се прашувам, дали е навистина така? Веројатно да. Сѐ помалку луѓе, читајте – жени, прават зимници, ама од друга страна пак, има сѐ повеќе такви на кои правењето зимница им стана и извор на егзистенција. Сѐ повеќе домашно подготвени, како за своја душа, ајвари, пинџури, малиџана, слатка и мармалади и други чудесни нешта, ни се на дофат на рака само ако посакаме нешто традиционално, домашно и вкусно, без да си ги засукаме ракавите.

И, се знае, ако не сакате да се замарате со правење зимница, ќе си го отворите паричникот и ќе си купите од тие што егзистираат од тоа.

А сега е време е за ајварки.

И навистина срце ме здоболе кога ги видов оние кои ги ифрлил револтираниот земјоделец, незадоволен од откупната цена.

И не е првпат, сега се истураат пиперките, претходно се истурале праски, грозје, домати, лубеници и што уште не, па овие слики на незадоволни и гневни земјоделски производители кои ги фрлаат своите производи затоа што не успеале да ги пласираат на пазарите, не ни се непознати.

Ниската откупна цена која им ја нудат откупувачите, за нив е поразителна, па затоа очајно бараат помош од државата и закони со кои ќе им се решат проблемите.

А луѓето се секогаш расположени за коментирање, па покрај оние кои сочувствуваат со земјоделците и плукаат по државата, има и такви кои сметаат дека наместо да фрлаат, производителите треба да си застанат на тезга и сами да си ги продаваат производите.

Но веројатно не е решение ниту едното, ниту другото. Едноставно е недозволиво да се фрла здрава храна, а не се разбираме баш како функционира тоа со поголемите производители на земјоделски производи, со откупи и прекупи. Сепак, знаеме дека во светот има различни ефикасни решенија за ваквите проблеми. На пример, зошто да не се здружат повеќе производители на иста сорта, во случајов, пиперки-ајварки и да се договорат кога ќе дојде трговецот, да му понудат иста цена?

Наместо тоа, земјоделците чекаат државата да ги реши проблемите, да изготви заштитена цена на производот и слично и сите заедно постојано се вртат во круг.

А освен што е греота за производите што се фрлаат на буниште, греота е и за фрлениот труд. Иако пак, од друга страна, ако си размислам од позиција на купувач, зошто наместо да ги фрлат, не ги продадат под цената што си ја замислиле. Верувам дека купувачи тогаш ќе има на претек. Којзнае, ако не се изгор скапи, можеби ќе се врати домаќинлакот па сите ќе засукаат ракави. Епа не се пропуштаат ајварки ако чинат околу 25-30 денари килограм. А ако помножат со 15 тони, па можеби сепак и ќе им се исплати трудот. Мислам, наместо да се фрла.

А сега, со овие цени, ќе биде како што велат сосеткиве од почетокот на текстот: Да направиме нешто од нешто, да не биде дека и ние сме станале како мажи!