Го знаеме како Гинисов рекордер за шопска салата и тоа, со рендано сирење: Димитар е скромен човек, горд велгоштанец и одличен готвач

1.605

Од средно електро-техничко, до факултет за гастрономија, од билкар до врвен шеф. Димитар Арнаудоски е третиот член на тимот готвачи на Слоу фуд Македонија кои ја претставија македонската гастрономија на саемот „Тера Мадре“ во Торино, а познат е и како Гинисов рекордер за најголемата шопска салата во светот

Димитар Арнаудоски е горд велгоштанец на кој иако традицијата му е длабоко врежана во генот, сака да експериментира и со нови техники, намирници и вкусови. Тој е скромен готвач со раскошен талент, а од неговите доблести е најголема онаа, дека има респект кон сите колеги.

„Не сум од тие готвачи кај кои егото е до таван, напротив, имам респект кон сите и сакам соработка со сите за доброто на гастрономијата“, вели нашиот соговорник кој заедно со колегите Зоран Мајновски и Пеце Клечкароски беше дел од тимот шефови на Слоу фуд Македонија кој готвеше на македонскиот штанд на настанот „Тера Мадре“ во Торино и одлично ја претстави македонската гастрономија.

„Бевме прекрасна екипа и ми беше огромно задоволство да работам заедно со колеги како Зоран Мајновски Спиди (искрено, тоа што постигнал тој досега, ние можеме само да сонуваме) и струшкиот алхемичар Пеце Клечкароски за кој немам доволно зборови за пофалба. Мислам дека дадовме максимум од себе според условите и намирниците кои ги имавме за да презентираме нешто автентично и наше и се надевам ќе имаме уште многу прилики заедно да работиме“, ја започна својата приказна нашиот нов познаник кој не воодушеви со својата умешност, но и со скромноста.

Токму тој е заслужен за тоа што Македонија пред пет години влезе во Гинисовата книга на рекорди за најголема шопска салата на светот која тежеше 220 килограми, со што ѝ ја одзеде оваа титула на Бугарија која го држеше дотогашниот рекорс со шопска тешка 86 килограми.

Димитар е велгоштанец, па кога се претставува со гордост вели дека потекнува од славното охридско село со најмногу доктори на науки по глава на жител, со околу 25 цркви, манастирот Св. Петка и место полно со историја.

„Сето тоа ми е врежано во генот и од тоа нема бегање. Колку и да сакаш да се оттргнеш, ти стои како сенка штом се кажеш дека си од Велгошти, а ние велгоштани било каде да сме се претставуваме типично од Велгошчи, па потоа додаваме дека сме од Охрид“, се смее Димитар.

Иако во неговото семејство нема друг професионален готвач, тој смета дека за неговиот професионален пат е најзаслужен нењговиот дедо чиешто име со гордост го носи, а кој бил еден од основачите и двигателите на охридскиот туризам после Втората светска војна и целиот работен век го поминал во познатиот „Палас“ и околните објекти кои во тоа време фигурирале под една фирма. За неговите афинитети за готвење е заслужно и „војничкото“ воспитување на неговите родители.

„Дедо ми го помина цел работен век на раководно место, како управител, па тука се крчкаше и мојот интерес кон оваа професија. Дедо ми беше и многу добар гастроном, гурман и хедонист, знаеше да направи јадења и да ужива во нив. Откако знам за себе сум се плеткал околу него низ домашната кујна, тој како пензионер, одгледуваше 15-тина кози, прасиња, па јас така и пораснав и така бев воспитан. Додека татко ми и мајка ми кои беа воени лица и работеа во државни претпријатија, беа прва смена на работа, се знаеше, во 15 и 30 масата треба да биде наместена и ручекот спремен. Тука со брат ми Гоце имавме војнички ред, се знаеше кој кога мести маса, кога готви…. сега се смееме на тоа, но тогаш се знаеше како е кога сте деца на воени лица“, раскажува Димитар.

Иако завршил средно електро, кога дошло време за запишување на факултет, се запишал на факултетот за гастрономска струка  во Охрид.

„Во тоа матно време околу 2002.година, како и сите студенти тогаш две години се трудев да положам некој испит повеќе, но во тоа време важеше она, со 100 евра во индекс одиш на испит и не се издржуваше. Затоа, мојата желба беше да заминам на студии во иста таква струка и имав избор тоа да бидат Опатија или Бургас и после добро направена домаќинска математика решив да заминам во Бугарија. Таму редовно и во рок ги полагав сите испити, а во 2006.година добив шанса да заминам преку Ворк енд травел во Луизијана, каде што работев собна услуга (рум сервис) и како батлер, што е искуство за цел живот. Токму таму се зацврсти и моето пријателство со моите колеги од Бургас, Ненад Тричков од Србија и Спасе Јанев од Радовиш со кои сега се изврзавме меѓусебе и со кумства и како неразделен пакет го повторивме истото патешествие во Луизијана и наредната 2007.година. Тоа што го видов и сработив таму во еден од најголемите казино ресорти во САД (Lauberge du Luc – Pinacle Entertainment ), овде за жал не можам да го имплементирам ни во најмала рака иако сум на некоја раководна функција во Хотел Гарден во Охрид. Ми останува само како идеја и стремеж да помогнам колку што можам и во мојата компанија во која сум веќе 10 години и на мојот град, затоа им стојам на располагање за било што што е поврзано со туризмот на оние кои го водат градот без разлика од која политичка страна доаѓаат, го препознавам она што го прават од срце за градот и она што го сработуваат колку да се рече“, вели Димитар.

Паралелно со студиите во Бургас, тој почнал да работи во професионална кујна како помошник-готвач во ексклузивен ресторан на самото шеталиште (Булевард), а со тек на време и целосно ја презел работата со онај дел од кујната каде се приготвувале традиционалните балкански јадења. Тоа траело скоро 3 години во текот на целите студии.

Откако решил да се врати во својот град и веќе со некое искуство стекнато надвор, а со желба да помогне за развојот на туризмот, иако конкурирал на неколку места во познати големи хотели во Охрид, бил одбиван, како што вели, најчесто заради непотизам и корупција.

„Една идеја која тлееше во мене излезе на површина и ја отворив првата професионална продавница за здрава храна во Охрид, тоа бесе ВИТАСПРИНГ, која остана како бренд и по затворањето. Функциониравме цели 10 години. Јас после втората година паралелно се вработив и во ресторанот Острово во Св. Наум, (како да одев по стапките на дедо ми, судбина или не, не знам, но тој бил управител во 70-тите во тој ресторан) каде работав како касиер, па помошник  при менаџирањето и така цели 4 години. Нашата продавница за здрава храна беше прва таква, а со тек на време почнавме да работиме и со билки кои се типични за овој регион, поточно, за Галичица. Сами ги беревме, сушевме, пакувавме и ги продававме билките со целосно објаснување и совети како да се користат, за што беа задолжени мајка ми и татко ми, а јас бев логистика и сѐ што треба околу средувањето на билките до краен производ. Благодарение на тоа ја запознав планината која цел живот била и е над мојата глава, сите места за кои уште како дете дедо ми ми раскажувал и точно на кое место какви билки има. Тој ги познаваше и користеше секојдневно, буквално водевме дневник со датуми и периоди која билка на кое место може да се најде, кога е берба на истата, и карактеристики како се користи и кои се придобивките“, се потсетува Димитар.

Но, по отварањето на големите маркети во Охрид во кои има цели оддели за здрава храна со цени кои тие како мала продавничка не можеле да ги издржат, ја затвориле фирмата.

Сепак, знаењето што го стекнал за билкарството му останало, па многу од билките кои растат на Галичица тој ги користи како зачини во традиционалната охридска кујна, од диво нане, рузмарин, маточина, чубрица, мајчина душица, бобинки од смрека, див босилек, див аспарагус и сите шумски плодови  дренки, капини, јагоди, диви смокви.

Како готвач работи непрекинато 10 години во охридскиот хотел „Гарден“, каде што, како што вели, со целосна доверба и лојалност меѓу него и сопствениците (фамилија Бакрески), одлично функционираат.

„Токму од тие причини иако сум имал еден куп понуди за многу други објекти и овде и во странство, останувам тука. Според мене, не е секогаш пресудна финансиската понуда, туку има нешто и во позадина што треба да те привлече и да те направи среќен“, вели тој.

Освен што оваа работа се покажала како одличен избор за неговиот професионален развој, била и место каде што пред 10 години  се запознал со својхата сопруга Ивана, кога таа започнала да работи како рецепционерка во истиот хотел.

„Со сопругата функционираме под ист покрив и дома и на работа, што искрено, не е секогаш позитивно, особено кога имаш и домашни обврски со мали деца“, признава Димитар.

Тој и сопругата имаат две деца, малата виолинистка Верица која е крстена по името на неговата баба Вера, жената која, како што вели, била до последно посветена на внуците, па тој сакал барем некако да ѝ се оддолжи за сѐ што правела за него и решил на овој начин да ѝ го продолжи името и синот Матеј.

„Верица е веќе трето одделение, а паралелно е и 3-та година во музичко основно школо на виолина, има дарба од Бога и останува само да работи на тоа и за сега супер ѝ оди …Кога готвам по дома, а да бидам искрен тоа не е многу често, бидејќи најчесто ѝ го препуштам на сопругата, Верица се интересира што правам, како и кои намирници и зачини ги ставам.. Во 2021, во екот на короната се роди нашиот најмал член, Матеј, а за неговото име одлучи Верица“, раскажува гордиот татко Димитар.

Тој има мислење и за Охрид и охридската туристичка понуда, а врз основа на своето речиси 20 години активно и професионално учество во истиот.

„Охрид плови како кајче без весла, без платно, без пента (по охридски кажано), односно, талкаме и само глумиме туризам, година по година, сезона по сезона само се прават некои стратегии за наредните 10, 20 години и така секоја втора година излегува некој труд како стратегија за наредните неколку години. Со почит кон поединци кои навистина неуморно се залагаат да подобрат нешто на туристички план за градот, многумина само се статисти и се присутни за фотосесии…. најважното прашање кое секогаш го поставувам јас е кој туризам Охрид го презентира и го води, елитен или масовен, културен, спортски, здравствен, црковен, планински, езерски… и уште еден мал милион други, КАКОВ? Тоа е дилемата буквално на сите, дури и на стручните лица и експертите за туризам во градов, но досега нема конкретен одговор на ова“, вели тој.

За него болна тема е и стручното туристичко угостителско училиште во Охрид кое вели дека е срам за градот кој е столб на туризмот во Македонија.

Димитар е секојдневно ангажиран со организација на кујната во хотелот каде што работи, а работата му е динамична и секако, стресна и одговорна до максимум, но го исполнува тоа што секојдневно пробува нешто ново, експериментира и во соработка со многу колеги од други градови и држави постојано учи многу нови работи.

„Оваа професија нема крај и не постои нешто како: знам или научив сѐ“, вели тој и додава дека за него завршена работа не е само кога ќе се заврши со подготовка на храната, туку кога ќе се добие и повратна информација од крајниот клиент, гостинот.

Секогаш е отворен за соработка и совет дури и од луѓе кои не се професионални готвачи, бидејќи вели дека од секого може да се научи нешто ново, па и критиките и забелешките ги прифаќа со раширени раце.