Да ни тргне денот со нешто благо: Штангли со ореви

530

Како за некои кои постојано ја намалуваат количината на шеќер во десертите или барем се обидуваат да го заменат шеќерот со некоја поздрава варијанта, овие колачи се нешто невообичаено, нешто што го правиме еднаш годишно или дури и поретко. Не е дека не се вкусни….

Ако се обидувате да намалите со шеќерот и го правите тоа успешно веќе некое време, овие штангли ќе ви бидат веројатно премногу благи. За наш вкус, така е. Па како совет за оние кои ќе ги прават и како поука за нас за следниот пат, ставете помалку шеќер и помалку путер, а со оревите нема да згрешите дури и ако ставите повеќе.

Состојки:

За кората:
6 белки
160 г шеќер
200 г путер
100 г брашно
200 г мелени ореви

За жолтиот слој:
6 жолчки
100 г шеќер во прав

За филот со ореви:

100 г путер
100 г шеќер во прав
100 г мелени ореви
50 мл млеко


Приготвување:

Изматете ги белките со шеќерот додека не се зацврснат. Посебно се мати путерот, се додава просеано брашно и мелените ореви и оваа смеса се соединува со претходно изматените белки.

Добиената смеса распоредете ја во плех врз хартија за печење.

Печете ја кората додека не порумени во претходно загреана рерна на 180 степени (проверете со чепкалка за заби, приближно 20-25 минути).
Во меѓувреме, направете го кремот со жолчки. Добро изматете ги жолчките со шеќер и премачкајте ја кората, а потоа вратете ја во рерна да се суши, т.е се пече на 150 степени додека одозгора не се формира кора (кремот треба да остане светло жолт, па внимавајте да не се пресуши, т.е. да не потемни). Кога ќе се испече, оставете да се излади целосно.

За тоа време направете го кремот со ореви. Загрејте ги млекото и шеќерот и додадете ги мелените ореви. Оставете го кремот да се излади. Во изладената смеса додадете изматен путер и премачкајте го претходно испечениот двослоен колач. Одозгора поросете мелени ореви.

Добро изладениот колач исечете го на штангли.

Совет: Следниот пат во кремот од ореви додадете 50 г путер.