Зоран Јовановски: Нема добра пица без петтата состојка-страста

812

Зоран Јовановски во своите академии во Шведска, во Македонија, а наскоро и во Србија, обучува пица-мајстори кои за само 5 дена се стекнуваат со потребното знаење и подготвени се да отворат своја пицерија или да се вработат во пицерија во кое било место на светот која бара мајстори токму од Accademia Pizzaioli.

Деновиве многу медиуми ја објавија веста дека нашиот најпознат пица МАСТЕР, Зоран Јовановски е поканет да биде судија на светски пица шампионат во Рим.

А тој, иако почитуван и со големо реноме во светот, кај нас, особено во Кочани каде што живее со семејството и со својот внук Максимилијан кој е причината заради која тој и се вратил во Македонија, повеќето од луѓето не знаат точно каков мастер имаме тука.

Јовановски во своите академии во Шведска, во Македонија, а наскоро и во Србија, обучува пица-мајстори кои за само 5 дена се стекнуваат со потребното знаење и подготвени се да отворат своја пицерија или да се вработат во пицерија во кое било место на светот која бара мајстори токму од Accademia Pizzaioli. Станува збор за светски познатата италијанска школа (Accademia Pizzaioli), која во Македонија ја донесе токму Јовановски кој е и сопственик на лиценцата.

Пред две години тој ја отвори Академијата во Македонска Каменица, а подоцна се пресели во Кочани, каде што семејството Јовановски, Зоран, неговата сопруга Елизабета и двајцата синови имаат и мал семеен бизнис и прават пици за носење.

Освен во Кочани, овој голем маг за пици  отвори академија и во Шведска, која  веднаш склучила ексклузивен договор  за обука на пица мајстори со компанијата Brödernas, која за неверојатно краток период отворила околу 70-80 ресторани, од кои во 30-40 имаат пици.

„Јас го направив нивното мени со 10-12 пици, а подоцна тие најбараната пица ја нарекле по мене – Zoran’s SM Pizza (Swedish pizza master). Оваа пица е и најбарана таму, бидејќи станува збор за пица со наполитанско тесто, но по шведски вкус. На неа има доматен сос, козјо сирење (Шевре), свеж аспарагус, многу малку моцарела, ореви и мед и круша“, објаснува нашиот соговорник.

Зоран работел секаде и вели дека повеќе го познаваат надвор од Македонија, отколку тука.

„На нашите академии правиме квалитетен кадар, создаваме само врвни мајстори,  па затоа постојано ни бараат луѓе насекаде, во ски-центри во Шведска, во Бугарија, во хрватските градови, во Италија, Норвешка. Бидејќи мојата академија со лиценца на Accademia Pizzaioli е единствена на овие простори, имам многу студенти не само од Македонија, туку и од странство“, вели тој.

Инаку, кога станува збор за академијата во Македонија, тука доаѓаат најразлични профили на луѓе, дури и поранешни директори на фирми, професори, доктори, камионџии, адвокати. Неодамна Јовановски ги обучил дури и првите студенти со оштетен говор и слух, сопственици на првото знаковно кафуле кое прво се отвори во Скопје, а подоцна се пресели во Битола.

„Околу 90 од луѓето кога доаѓаат во академијата се апсолутни почетници и токму тие се најдобри ученици и учат најправилно од самиот почеток. Учат како се прави тестото со индиректен замес на тесто, односно, така што тестото што се прави 1 ден однапред е практично еден вид на маја, 10-20 проценти од вкупната количина на тесто која се меси следниот ден и се меша со ова таканаречено предтесто. Обуката трае 5 дена, поточно, 40 часа, а учениците,  дури и тие кои првпат фаќаат тесто во рака, третиот ден веќе имаат насмевка на лицето“, тврди тој.

Со оглед на големиот интерес, наскоро ќе се отвори и третата академија под палката на Зоран, во Белград и со тоа, нашиот маестро ќе стане единствениот кој обучува студенти во дури три држави.

Ова е една од причините заради кои тој веќе се закитил со две златни, а очекува наскоро да ја добие и третата.

За академијата која треба да се отвори во Србија, веќе добил лиценца од директорот на Академијата во Италија, господин Енрико Фама.

Интересно е тоа што освен што како дете се плеткал во кујната и си играл со тестото што му го давала најмногу неговата тетка Магдалена, кога потпораснал имал само една страст, а тоа е фудбалот. Потекнува од Македонска Каменица, а од 17-годишна возраст играл фудбал за ФК Саса. По распадот на Југославија, отишол во Италија и таму првпат видел како се прави пица. Се заинтересирал, па почнал да го учи занаетот заедно со Италијанецот од Наполи, Антонио Тамаро и оттогаш, речиси три децении другарува со пиците.

Кога се вратил во Македонија, отворил пицерија во Кочани, во меѓувреме се оженил и добил два сина, но работата не го исполнувала бидејќи знаел дека ако го работи истото на друго место, тоа ќе биде повеќе ценето отколку кај нас.

Оттаму, со седумгодишно искуство на пица-мајстор зад себе, заминал во Грција, на островот Крит и нашол работа во пицерија уште истиот ден. Подоцна му се придружило и семејството и останале таму цела деценија. Тој работел како пица-мајстор, а неговата сопруга како готвачка.

Некаде во 2010-2011 година, кога во Грција имало финансиска криза тој се вратил назад во Италија. Потоа заминал во Норвешка, па во Шведска. Таму се запознал со омилените шведски пици.

„Во Шведска, пица број 2 е пицата Хаваи, со ананас, кашкавал и шунка, а пица број 1е кебап пицата, за кои, во Наполи, ако ги понудиш некому, може и ќотек да јадеш“, се смее Зоран, но продолжува да раскажува дека со сето свое разновидно искуство увидел дека има всушност многу пошироки знаења и искуства од кој било Италијанец.

„Кога после Шведска отидов во Наполи и секако, се видов со мојот колега и пријател Антонио, инаку врвен италијански мајстор и тој ме праша каква е таа пица со ананас и банана, сфатив дека моите искуства се навистина широки дека треба да почнам да го пренесувам своето знаење. Така и отидов во Академија Пиацоли во Италија, за да се здобијам со меѓународен сертификат и да станам инструктор.

Првична идеја ми беше да отворам филијала на Академиа Пиацоли во Шведска, но излезе прво да отворам филијала во Македонија, а потоа и во Шведска. Причината за моето враќање во Македонија беше мојот внук Максимилијан кој сега има три ипол години и уште од двегодишна возраст врти тесто заедно со дедо и има омилена пица, Маргарита“, вели дедо Зоран.

 А ако почнете да го прашувате маестро Зоран за деталите околу обуките и пиците, може само да посакате и самите да научите нешто. На пример, околу видот на брашното од кое се прават пиците, брашното тип 00, кое е специфично затоа што е еластично и лесно растегливо. Околу доматите кои се ставаат на пицата, а се специјална сорта од пределот на Везув во околината на Наполи, за моцарелата, свежиот босилек и така натаму.

Секако, ако сте во близината на ваков мајстор, не можете да не научите, па така, иако не со неговата страст, одлични мајстори се и неговите синови, а за сопругата вели дека е толку добра што би можела да се натпреварува во женската лига на пица-мајстори, но не е заинтересирана за натпревари. Затоа пак, ако ве интересира кој е најголемиот критичар на еден ваков мастер-шеф, одговорот во случајов е – неговата жена.

Инаку, на 25 и 26 април Зоран ќе биде судија на светскиот пица шампионат кој ќе се одржи во Рим, но ќе биде и ментор на македонски и српски натпреварувачи кои ќе се натпреваруваат со околу 250 пица-мајстори од целиот свет. Македонскиот тим во состав од Дејан Трајанов Чеде, Синиша Чамџиќ и Хисен Таири) ќе се натпреварува во три категории – Пица Наполитана, Пица Класика и Мистери Бокс (Mistery Box). Зоран ќе му биде ментор и на единствениот српски натпреварувач Дамир Карпузи, кој ќе се натпреварува во категоријата Пица Наполитана.

Самиот Зоран учествувал на повеќе светски првенства и ги оставал далеку зад себе дури и италијанските мајстори. Учествувал и на натпревари во Шведска, каде што има освојувано први и втори места, во Монголија, каде што на голем кулинарски натпревар од 700 натпреварувачи од цел свет, освоил прво место и така натаму. И секаде каде што одел, одел сам, па затоа е сега особено среќен зради тоа што Македонија за првпат ќе оди на еден натпревар како тим.

„Италијанците можеби си мислат дека се најдобри, но на многу натпревари сум бил подобро рангиран од Италијнците кои не влегле ни во првите четири. Не велам дека немаат врвни мајстори, но не треба да се генерализира бидејќи не  се сите такви. На пример, има една пицерија „ Da Michelle“ во Наполи која е популарна затоа што таму снимала филм Џулија Робертс, па туристите чекаат дури по 3-4 часа за да јадат таму пица, иако отспротива, прават многу подобра пица“, се смее нашиот соговорник.

Во меѓувреме, многу пицерии и ресторани од секаде во светот ги следат академиите на Јовановски, па тој, иако не е агенција за вработување, заради своето име кое го изградил надвор од границите на нашата држава и секако, заради реномето на Академиа Пицоли, им помогнал на многумина да си го најдат својот пат и своето место во светот. Во меѓувреме, иако човек ќе рече, сигурно му здодеало, нашиот соговорник си јаде пица барем 3-4 пати во неделата, а омилена му е истата како и на неговиот внук-Маргарита. „Нема добра пица без петтата состојка – страст“, порачува Јовановски.