Колку луѓе во светот денес се хранат со инсекти?

Фото: Unsplash
218

Поради витамините, минералите, есенцијалните масни киселини кои ги содржат, инсектите можат да бидат корисна состојка во функционалната храна, особено за оние кои внимаваат на внесот на протеини и помал број калории.

Употребата на инсекти во исхраната не е ништо ново, меѓутоа, ново е во западниот свет и тоа е причината што го привлекува вниманието на медиумите, индустријата и јавноста воопшто.

Инсектите, нивните јајца, ларвите, куклите и возрасните се јаделе уште од праисторијата, кога не постоеле орудија за лов. Денес е познато дека ги консумираат околу 3.000 етнички групи. Тие се јадат во Централна и Јужна Америка, Африка, Азија, Австралија и Нов Зеланд. Во Кина на секој чекор можете да најдете мобилни тезги на кои меѓу другото се продаваат најразлични печени инсекти наредени на стапчиња, а се служат и во ресторани. Пишувавме за тоа дека австралиските домородци, Абориџините, одредени ларви од инсекти и гасеници, како и медоносните мравки, ги сметаат за вистински деликатеси.

Европската комисија неодамна објави дека го одобрила третиот вид инсект за човечка исхрана, штурецот (Acheta domesticus).

Според податоците на ФАО (Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации), регистрирани се околу 1.900 јадливи видови на инсекти (од 1.000.000 видови во класата Insecta – најголемата група на животни), а во 2005 година имало две милијарди луѓе во светот кои консумираат инсекти.

Науката која се занимава со инсектите е ентомологијата, а исхраната на човекот со инсекти се нарекува антропоентомофагија. Во Европа и Северна Америка, сепак, тоа е сè уште табу тема, што не е чудно. Проблемот е што Европејците и Американците неволно гледаат на инсектите, па затоа почнале пропаганда и едукација на т.н. „Банкети на бубачки“, каде што може да се вкусат. На некој начин, постојат одредени сличности меѓу инсектите и морските плодови кои повеќето од нас ги јадат со сласт – како што се разни школки, лигњи, ракови, ракчиња, сипа, па дури и јајца од морски еж. Сепак, не ни е лесно да замислиме како би изгледале лицата на нашите гости кога би им послужиле, на пример, скакулци на скара. Луѓето кои биле во Африка и пробале пржени скакулци – не би ги одбиле бидејќи, како што велат, тоа е како да го вкусуваат најдобриот, крцкав помфрит. Во Европа сè уште нема таква традиција, или не е задржана, или пренесена од нашите предци, но сепак јадеме мед (производ на група инсекти). Италијанците јадат традиционално сирење од Сардинија casu marzu – formaggio marcio, т.н „Расипано сирење направено од овчо млеко со живи ларви од инсекти.

Неодамна, некои ресторани почнаа да експериментираат и на некој начин да ја тестираат понудата на нивните менија, па така еден канадски ресторан во Ванкувер служи штурци на скара, додека друг пица со штурци, а од нив се прави и суши.

Според исламските закони за исхрана, некои инсекти се забранета храна (харам), додека скакулците се дозволена храна (халал). Кај Евреите, инсектите не се сметаат за кошер храна, освен за неколку видови „кошер скакулци“.

Одлична алтернативна храна

Инсектите се дефинитивно одлична алтернатива на диететските протеини. Најчесто се споменуваат скакулци, гасеници, молци, пеперутки, свилени буби, брашнари и др.

Можеби не се суперхрана, но имаат завиден состав. Богати се со добри масти, содржат есенцијални масни киселини (линолеинска и линолна), витамини Б12 и А, минерали калциум, железо, цинк и манган. Процентот на протеини е од 30 до 60 проценти, во зависност од храната на која се одгледуваат.

Тие секако можат да бидат интересни за луѓето кои внимаваат на исхраната, внесот на протеини и помалку калории. Оние кои се алергични на морска храна мора да бидат внимателни, односно да се воздржуваат, бидејќи инсектите, како и морската храна, го содржат истиот протеин што предизвикува алергии!

Се проценува дека во 2050 година ќе биде потребна 60 отсто повеќе храна отколку денес за растечката популација на нашата планета. Речиси сигурно можеме да очекуваме новитети и промени во исхраната, сè повеќе „модерна храна“. Повеќе ќе се јадат разни алги, месо произведено во лаборатории за кое пишувавме, инсекти наместо месо од домашни животни итн.

Палета на производи од инсекти

Во Швајцарија, производите на база на инсекти веќе може да се најдат во супермаркетите како што е COOP. Изборот не е мал, има плескавици и ќофтиња од скакулци и штурци, а се најавуваат и други производи богати со протеини, витамини и минерали кои потекнуваат од месото од инсекти, како брашно, тестенини, грицки и сл. Се продаваат и цели инсекти, замрзнати или сушени.

Поради содржината на витамини, минерали, есенцијални масни киселини, тие можат да бидат корисна состојка во секоја функционална храна.

Потенцијално, инсектите можат да бидат добар извор на храна за домашни миленици, а некаде веќе се користат за исхрана на добитокот. Многу е важно одгледувањето инсекти да биде одржливо, да испушта многу помалку стакленички гасови во споредба со одгледувањето домашни животни, за нивното одгледување да не е потребна земја, да им треба многу помалку храна и вода отколку, на пример, на говедата или овците, како и помалку енергија за производство на иста количина на протеини!

Оваа нова гранка во земјоделството ќе го зголеми и бројот на работни места, особено во тропските предели, каде што може многу успешно да се одгледуваат инсекти. Во моментов, проблем е недостатокот на технологија за производство на големи количини, како и за сите фази на развој на инсектите, како и контрола на патогените, а ќе треба да се развијат добра стратегија и погони за таков вид на производство, како и привлечна храна од овие необични суштества.

Aspire Food Group е убедливо најголемата фарма за инсекти за органско производство на штурци. Тие се одгледуваат на површина од околу 2.500 метри квадратни, бидејќи на некои видови, како што е штурецот, им треба поголем хоризонтален простор, сличен на оној во кој се одгледуваат кокошките.