Некои јадења се повеќе од храна: Сутлијач е едно од оние кои будат носталгија

218

Некои јадења, повеќе од другите, се оние кои ви будат носталгија, па ги јадете дури и кога не ви се јаде само затоа што ве потсетуваат на детството и на љубовта со која ви ги приготвувале дома. Има ли некој кој не јадел сутлијач како дете?

Како деца мајка ни често ни правеше сутлијач, обично тогаш кога немаше време за нешто посложено. Потоа некако како да го подзаборавивме па почнавме да правиме чиа пудинзи и други новотии, ама секогаш кога ќе ни текне да си направиме или кога некаде ќе ме послужат со сутлијач. со задоволство го јадам.

Јадењата чија волшебна состојка е љубовта се обично оние кои ги паметиме уште од детството. Оние кои ни ги готвеа нашите мајки и баби, оние кои ни беа речиси секојдневје, чии мириси, вкусови, бои не потсетуваат на љубов. Затоа што ни ги подготвуваа оние кои најмногу не сакаат.

Сутлијачот секогаш ми беше омилен и секогаш го имаше истиот препознатлив мирис, вкус и совршена конзистентност и секогаш се служеше во исти, прилично длабоки едноставни бели чинии или во обични големи шолји за чај и за млеко. Слаткото млеко со ориз што го сакав од мала и трошка цимет одозгора, остана нешто што го сакам цел живот.

Ова јадење се подготвува и во други делови на светот, а го има дури и во инстант верзии, од онаа кога треба само да ја сварите готовата содржина од кесичката неколку минути во млеко, до готовата верзија во пластични чашки. Меѓутоа, ниту една од овие верзии немаат вкус на домашен сутлијач, ниту пак се близу до вкусот на сутлијачот на мајка ми.

Овојпат ние го направивме со слатко од зелени смокви наместо шеќер. И мајка ми правеше често вакви комбинации, па можеби затоа и овој вкус ми буди еднаква носталгија како и обичниот сутлијач со млеко, ориз, шеќер и цимет.

Она што ви е потребно за да подготвите 4-6 мали чинии сутлијаш е:

1 л полномасно млеко;
3 лажици шеќер;
нешто помалку од една шолја од 2 дцл бел ориз.
И секако, ако имате слатко од зелени смокви или пак некое друго, по ваш избор.

Пред да го сварите млекото, ставете го оризот да се свари. Изберете бел ориз, кој има многу скроб, што ќе помогне во згуснувањето. Оризот го готвите во сооднос 1:2 – речиси двојно повеќе вода од количината на ориз, затоа што оризот нема да го зготвите до крај во таа вода, туку само до одреден степен. Згответе го оризот на силен оган, но не гответе го до крај, туку само до половина пат. Оризот ќе се довари целосно во млекото. Не чекајте водата сосема да испари, туку додадете ги зовриените млеко и шеќер додека на дното од тенџерето со ориз има уште малку вода и продолжете со варењето со постојано мешање на пониска температура. Додадете од слаткото на крајот за да можете да го проверите вкусот.

Префрлете го сутлијачот во мали длабоки чинии или во шолји кои ќе ги исплакнете со ладна вода и оставете да се излади на собна температура. Потоа, ако не го изедете истиот ден можете да го ставите во фрижидер каде што може да трае два-три дена.