Не сака никој да му се меша во тестото: Домашни јуфки и лазањи со вкус на лук, вргањ, блитва, куркума

rbt
1.787

Немам големо производство бидејќи работам сам, па едвај успевам да ја задоволам побарувачката и само во Битола, а не пак да се ширам повеќе. Но тоа е затоа што работам сам. Незнам дали е тоа суета, егоизам, ама кога станува збор за тестото, не сакам никој да ми се меша, вели Ѓорѓи Тошев, производител на традиционални домашни тестенини

Битолчанецот Ѓорѓи Тошев е магистер по педагошки науки, работел како учител во школо, извесен период во невладини организации, менувал повеќе професии и на крајот, пред година ипол, почнал сопствен бизнис.

Произведува домашни тестенини за кои, оние што ги пробале, велат: Вакви тестенини нема да најдете во блиската продавница, туку само кај Ѓоко, во Паста Делиција.

„Кога сте на крстопат и размислувате кој сум, што можам да направам, каде можам да успеам, сама ми се наметна идејата за правење тестенини. Секогаш кога моите родители правеа дома кори по битолски, или како што велите вие во Скопје – јуфки или во Охрид – губи, јас уживав да им помагам, а и потоа, кога правев за моето семејство, тоа никогаш не ми беше тешко, па затоа и некако нормално ми се наметна идејата да почнам и професионално да се занимавам со производство на домашни тестенини“, раскажува Ѓоко.

Тој, со поддршка од сопругата Наташа, направил работилница и започнал со изработка на овие тестенини по рецептот кој се пренесувал во неговото семејство од генерација мна генерација.

„Секоја домаќинка си ја знае мерката за домашните тестенини кои порано, традиционално се правеа во многу домови, па така и моите дома. Логично беше да ги правам по рецептот по кои ги правеа и моите родители и претци, па многумина во нив го препознаваат и вкусот на корите кои се правеле и во нивните домови. Иако, не се задржав само на него, туку и го надградив. Имено, од секогаш, дури и кога не работев професионално, сметав дека тестенините треба да се вкусни и сами по себе, без никакви додатоци и сосови, па затоа почнав со додавање на вкусови во самата изработка на тестото, додавав куркума, лук, црвен пипер, вргањ, блитва, така што самите тестенини си имаат вкус само кога ќе се сварат во вода“, вели нашиот соговорник.

Нему му се омилени оние со лук, а на неговата сопруга тие со вргањ кои ги сакаат и повеќето од неговите клиенти, па затоа и први се трошат.

Во нивниот дом, секои тестенини со нов вкус се дегустираат или во кругот на семејството, со синот и ќерката, или почесто во поширок круг на пријатели кои потоа даваат своја оценка и мислење.

„Немам големо производство бидејќи работам сам, па едвај успевам да ја задоволам побарувачката и само во Битола, а не пак да се ширам повеќе. Но тоа е затоа што работам сам. Незнам дали е тоа суета, егоизам, ама кога станува збор за тестото, не сакам никој да ми се меша и кога ќе ми речат, ајде да земеме некој да вработиме, постојано одбивам. Немам доверба во никого освен во себе“, искрен е Ѓорѓи кој и на сопругата не ѝ дозволува да му се меша во месењето, туку само во пакувањето на производите и некои други работи кои немаат врска со изработка на тестото.

Неговата работилница е опремена по сите стандарди и функционира со  одобрение за производство на храна, а работи со проверени состојки кои исто така ги имаат сите одобренија и потребни декларации.

„Ја сакам оваа работа и навистина се пронајдов во ова. Во петоците и саботите излегувам и на пазар во Битола и тој контакт и комуникација со луѓе, со купувачи или само минувачи, ми е навистина скапоцен. И најубаво од сѐ ми е тоа што комплетно стојам зад производите што ги продавам, бидејќи знам што има во нив и како се изработени па можам да гарантирам за вкусот и квалитетот“, вели тој.

Дома кај нив, се разбира, многу често јадат тестенини, иако, со оглед на тоа што секогаш им се на располагање, дури и на децата им се веќе по малку преку глава, ама ако не за друго, тогаш за дегустирање не ги одбиваат.

Сопругата вели дека ѝ одговара тоа што сопругот не сака да му се меша во тестото, бидејќи е и онака доволно ангажирана на своето работно место во РЕК Битола, па му помага само приквечер заради пакувањето и евентуално, со продажбата на настани од типот на Салонот на Слоу фуд. Иако брендот постои само година ипол, има редовни муштерии кои си нарачуваат директно од Ѓорѓи, а засега можат да се набават и во неколку маркети во Битола.

„Поголем дел од купувачите ги купуваат тестенините заради децата, затоа што повеќето деца сакаат тестенини. Токму затоа, наменски, за децата, направив и едни тестенини со какао. Продажбата на сите овие вкусови кои сум ги направил досега се одлични, како и повратните реакции од муштериите, а тоа ме прави многу среќен“, вели нашиот соговорник кој е сигурен и дека неговите родители кои се веќе починати, сигурно би биле среќни затоа што ја одржува семејната традиција.