Петар Тутавац е творецот на бројни деликатеси, меѓу кои, прв негов популарен производ кој го направил како дипломска работа е познатата „Домачица“, а ги создал и првите грисини во поранешна Југославија
Чоколадираното чајно пециво „Домаќица“ во асортиманот на „Краш“ е уште од 1957 година и е еден од производите кој придонесоа за препознатливоста на оваа компанија како омилен производ на генерации на потрошувачи ширум регионот.
На пример, кај нас дома тие беа речиси задолжително присутни секогаш како резервна варијанта, ако немаме ништо домашно или ако дојдат ненајавени гости. До ден денес овие кекси ги спојувам според формата, „срце со срце“, триаголник со триголник, долгнавесто со долгнавесто и ги јадам како сендвичи.
Можеби и вие имате некој специфичен начин на кој ги јадете, но ако сте од генерациите кои пораснаа во поранешната држава, сигурно ви се многу добро познати. Дали некогаш сте се запрашале кој беше нивниот творец?
Тоа е Петар Тутавац, творец на „Домаќица“ и еден од авторите на рецептот за бисквитите „Плазма“ кој, како што јавуваат денес српските и хрватските медиуми, починал во Србија на 88-годишна возраст. Тутавац е творецот на бројни деликатеси, меѓу кои, прв негов популарен производ кој го направил како дипломска работа е познатата „Домачица“, а ги создал и првите грисини во поранешна Југославија.
Тутавац е роден во 1934 година во Подградина недалеку од Опузен (денешна општина Сливно), напиша минатата година „Слободна Далмација“, која тогаш ја објави животната приказна и разговор со Тутавац. На тринаесетгодишна возраст го завршил плетачкиот занает во Опузен и станал вешт плетач. Потоа неколку години плетел корпи во кои се носел леб, но младиот Петар не се задоволувал со тоа. Во 1949 година преку синдикатот се пријавил на курс за кексари во Загреб, кој го распишала фабриката Краш, каде заедно со уште еден студент го научиле занаетот за бисквити. Интересно е што тој бил првиот образован кексар во поранешна Југославија. Потоа отишол во војска, а по враќањето се вработил во „Краш“.
„Краш“ тогаш бил единствената кондиторска индустрија и сите останати што се појавија подоцна произлегоа од него, а Петар, покрај работата, го посетувал и високото училиште на „Краш“ за инженер кондитор во производство.
Она што е интересно е дека „Домаќица“ била негова дипломска работа и првенец во кондиторската индустрија. Овој бисквит подоцна доживеа различни варијации, но основата остана онака како што ја замисли Петар Тутавац во неговата дипломска работа уште во 1950-тите.
Не можејќи да го реши станбеното прашање за неговото семејство во Загреб, на крајот на 1958 година Петар се вратил во долината на Неретва во Чапљина, во фабриката „Ласта“, која во тоа време произведувала леб, наполитанки и медени погачи.
По пристигнувањето во фабриката како технички директор, тој почнал да го проширува производството, набавил нови линии и вовел нови производи, меѓу кои и штрудли од смокви.
Иако успешно го организирал производството, не останал долго во Чапљина и заминал во Лесковац во фабриката „Тома Костиќ“, каде ги направил првите соленки во Југославија, а од нивниот квалитет биле воодушевени дури и неговите италијански колеги.
Врвот на кариерата на Петар Тутавац се случил во Пожаревац. Таму ја основал фабриката за бисквити „Бамби“, чиј заштитен знак е лик од цртан филм на Дизни.
„Работејќи на производство на детски бисквити со брашно од соја за училишни кујни, размислував за нов производ кој би бил нешто сосема ново по состојки и поголема хранлива вредност. Идејата ја надополнив со знаење од американската стручна литература, а со усовршување и менување на рецептот на италијанскиот бисквит „Пласмон“, дојдов до оригинален производ со додатоци на витамини, минерали и комбинација од животински и растителни протеини. Така настана „Плазма“ на која израснаа генерации“, открил Тутавац за „Слободна Далмација“ минатата година.
Но, не поминало сè како што треба – имало проблеми и со Италијанците околу името на бисквитот, но Тутавац го решил и тоа. Се договориле да можат да ја произведуваат „Плазма“ но да не можат да ја извезуваат на италијанскиот пазар, а потоа тој побарал од Италијанците да не можат да го извезуваат својот „Пласмон“ во Југославија.
Тутавац не патентирал ниту еден свој производ.
„Тоа беа некои други времиња, кога знаењето не се криеше туку се споделуваше. Сè што правев, сите мои рецепти и производи, беа направени под името „Бамби технологија“. Отсекогаш сум верувал дека сето тоа му припаѓа на народот, дека со тоа се зајакнува социјалната сила и угледот на нашата земја на домашниот и светскиот пазар. Тоа беа времиња кога важеа некои други правила и односи меѓу луѓето. Добро ми е и вака, јас сум среќен човек“, изјавил тој во последното интервју за „Слободна Далмација“.