Природа, трaдиција, семејство,…

145

„Чекор по корак“, збор по збор, нашиот љубезен домаќин Велимир Корак, еден од најдобрите винари во Хрватска, ни ја раскажа нивната навистина убава и успешна семејна приказна. Онаа за винарството како дејност која постои во семејството веќе со генерации, но и онаа поновата, нивниот фајн дајнинг ресторан отворен лани, токму на време за коронавирусот.

Кога имате добар водич и познавач, тогаш сигурно ќе ги најдете и вистинските соговорници и најдобрите во својата бранша. Така и ние, со помош на еден од најдобрите во својата бранша, агрономот Ивица Луетиќ кој е во оваа професија доволно долго за да ги познава сите кои сериозно се занимаваат со производство на храна и вино во Хрватска, се најдовме во една од најдобрите винарии, винаријата „Корак“. Прво што забележавме беше интересното совпаѓање на името, односно презимето на овие познати винари во Хрватска со она на нашата винарија „Чекоров“. И така, „чекор по корак“, збор по збор, нашиот љубезен домаќин Велимир Корак ни ја раскажа нивната навистина убава и успешна семејна приказна. Онаа за винарството како дејност која постои во семејството веќе со генерации, но и онаа поновата, за нивниот фајн дајнинг ресторан отворен лани, токму на време за коронавирусот.

Примарната дејност на имотот на семејството Корак е лозарството и винарството. Шест хектари лозови насади се наоѓаат на најдобрите позиции во целото виногорје, на јужната, југоисточната и југозападната страна на виногорските амфитеатри на Плешивица. Поради ограничената површина на лозови насади, тие се ориентирани на производство на вина со висок квалитет за пребирливиот пазар и винските сладокусци.

Главата на винаријата, господин Велимир Корак пораснал на семејните лозја на кои работеле неговиот татко, дедо и дедото на неговиот дедо, но со оглед на тоа што раснел во време на бившата југословенска држава кога, како што вели, родителите велеа: „учи за да не се мачиш“, тој прво дипломирал, а потоа и магистрирал на факултетот за агрономија во Загреб и се вработил како агроном.

„После 10 години, се вратив на семејниот имот и на семејната традиција и решив да го продолжам тоа што го правеле и моите претци со генерации“, вели господин Корак.

Во 2008.година Велимир Корак е прогласен за најдобар хрватски винар, а сега, сѐ повеќе, својата улога му ја препушта на помладиот син Јосип кој е енолог и кој занаетот, освен на факултет, го учел во најдобрите винарии низ Европа.

„Тоа и беше нашата намера, Јосип да ја преземе работата со семејната винарија и да ја продолжи традицијата. Секако, во работата се вклучени и сопругата, другиот син Бернард кој е шеф во нашиот новоотворен фајн дајнинг ресторан во склоп на винаријата и најмладата од нашите деца, ќерката Вера која го води маркетингот и сѐ што е поврзано со ресторанот и винаријата“, раскажува нашиот соговорник.

И навистина, додека зборуваме со господин Велимир, пијуцкаме од нивното фантастично пенливо вино, кое како што ни објаснија, е специфично токму за овој регион кој се наоѓа на само 30 минути возење од Загреб, секој од нив си ја работеше својата работа. Вера ги пречекуваше гостите кои доаѓаат со најава, главно странци, Јосип ги водеше во обиколка оние кои беа дојдени да ја разгледаат винаријата, а единствениот кој овојпат не успеавме да го запознеме беше оној кој и најмногу не интересираше, шеф Бернард Корак. Пред да стане врвен готвач, Бернард работел напорно и стажирал кај најдобрите готвачи во светот, па нивниот уникатен ресторан „Корак“ е презентација и на храброст и на иновација. И покрај ризикот заради коронавирусот, Бернард Корак ја подготвил својата прва вечера кон средината на јули минатата година во новоотворениот ресторан во рамките на винаријата, а интересот бил поголем отколку што очекувале.

Иако со години се занимаваат со вино, дури неодамна одлучиле да направат пресврт, откако, како што вели нашиот соговорник, сите кои доаѓале на дегустација на вина, барале и нешто да им се зготви.

„Тоа најпрвин го правеше жена ми, но потоа сфативме дека нема смисол, па решивме да го направиме ова професионално, исто како со вината“, вели тој.

Во ресторанот вечерите се служат од среда до петок, а во сабота и недела се отворени за ручек. Бидејќи капацитетот е релативно мал, до максимум 20 гости, како што вели господин Велимир, тие се построги и од самите ковид-мерки. Едноставно, не сакаат да отстапуваат од стандардите што ги имаат поставено, а ги поставиле високо. Според сопственикот, г. Велимир Корак, со кого разговаравме за време на обиколката на винаријата, неговиот син Бернард не работи со особено скапа или егзотична храна. Напротив, храната е локална, зеленчукот е од нивната градина или од соседите, полжавите ги собираат во нивното лозје, па и инспирацијата доаѓа од непосредната околина.

„Ја почитуваме автентичноста во сѐ што правиме. Во виното, храната и во животот. Нашите вина не се производ на модерната технологија, туку се резултат на синергија помеѓу она што ни го дава природата, традицијата и модерното знаење. На надморска височина од 350 до 400 метри одгледуваме бели сорти грозје како Ризлинг, Совињон, Шардоне и Пино Гриџо, како и црвени сорти грозје како Пино Ноар и Сирах. Произведуваме вина што го одразуваат целиот спектар на стилови (мирни, пенливи и портокалови вина)“, објаснува г.Корак.

Нивниот имот, винаријата, ресторанот и семејната куќа, се наоѓаат на врвот од еден рид со поглед на околните лозја и сето тоа го гледавме додека уживавме на терасата со чаша пенливо вино и нивниот оригинален чипс од стар кисел леб направен со домашен квасец.

Винаријата „Корак“ произведува 50 илјади шишиња вино годишно. Бели, црни мирни и пенливи вина кои ги прават доста винари во регионот со оглед на тоа што станува збор за регион кој е можеби најдобар во Хрватска за пенливи вина, а тие пак, вели г.Корак, се барани во продажбата.

Самиот тој, нема некое омилено вино, иако, заради работата, секој ден пие вино, но тоа се мали количини, колку за проба или за уживање со некој убав семеен ручек, инаку, сѐ зависи од друштвото, пригодата и од храната.

„Има полесни начини да се заработат пари отколку да се работат лозја. Не е секоја година иста, некоја е до солзи, некоја пак е голема среќа, но тоа е живот“, искрен е господин Велимир.

Во Македонија бил многу одамна, додека сѐ уште била дел од Југославија, но имал можност да ги испроба и новите македонски вина кои вели дека многу пријатно го изненадиле, особено вината на малите винарии.

„Секако, македонските вина се разликуваат од нашите, моќни се и посилно структурирани, со оглед на местоположбата и сортите се поинакви, сепак, Македонија е југ, па она што е типично за Македонија не може да се спореди со нашите вина. Кај нас обично странците го сакаат шардонето и сметам дека е тоа најдобро во Хрватска, иако и Македонија има добро шардоне, но затоа ако сакате најдобар ризлинг и пенливи вина мора да дојдете на Плешивица“, се смее тој.

Нивните вина последниов период не одат на меѓународни натпревари, но не значи дека тоа нема да се случи идните години.

„Ние сме мала винарија па не се бориме за меѓународниот пазар, но имаме мал извоз за Швајцарија, Холандија и Полска. Порано додека бев јас повеќе вклучен во работата, учествувавме на натпревари во Хрватска, во 2008 година бевме винарија на годината, но понекогаш, кога ќе дојдете до некое ниво, едноставно ви е доста од тоа. Но, можеби младите ќе продолжат, ќе видиме“, вели нашиот соговорник, кој и покрај успехот на своите вина и многупати докажан квалитет почитувани од познавачите и трошен во најдобрите ресторани во земјата, е сепак скромен и едноставен и во однесувањето и во животот во кој сега му се најважни внуците, внукот од шеф Бернард и двете близначки од Јосип.