Српската ракија му се придружи на францускиот багет: Шљивовицата впишана на листата на УНЕСКО

Фото: Unsplash
115

Шљивовицата е запишана на листата на светско нематеријално културно наследство под името „Социјални практики и знаења поврзани со подготовка и употреба на традиционалниот пијалак од сливи – Шљивовица”, како елемент на нематеријалното културно наследство на Србија.

УНЕСКО ја запиша српската шљивовица на Репрезентативната листа на светско нематеријално културно наследство, јави дописникот на МИА од Белград.

Шљивовица на таа листа е запишана под името „Социјални практики и знаења поврзани со подготовка и употреба на традиционалниот пијалок од сливи – Шљивовица”, како елемент на нематеријалното културно наследство на Србија.

Како што соопштило Министерството за култура на Србија, одлуката за регистрација ја донел Меѓувладиниот комитет за зачувување на нематеријалното културно наследство на 17-та седница одржана во Рабат, Мароко.

Во 2021 година, Министерството за култура ја номинирало Шљивовицата за репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото, а номинацијата била подготвена од Центарот за нематеријално културно наследство на Србија при Етнографскиот музеј во Белград, со учество на носители на наследството, локални заедници, институции и невладини организации, здруженија, а предлагачи се Етнографскиот музеј во Белград и Народниот музеј во Чачак.

Вклучувањето на знаењата и вештините потребни за подготовка на шљивовицата во домаќинствата и неговата употреба во секојдневната и обичајната практика на Репрезентативната листа на УНЕСКО значително придонесува за зголемување на видливоста на нематеријалното културно наследство на национално и локално ниво, како и на меѓународната промоција на „живото наследство” на Србија, се наведува во соопштението.

„Номинацијата, која ги обединува културата на одгледување слива, традиционалните занаети, културата на исхраната и обичаите, како и печењето на шљивовицата и неговата употреба за време на приватни или јавни настани, ја одразува широката распространетост на елементот и најдобро покажува колку традиционалните вештини и практики може да се развиваат во модерно опкружување, зачувувајќи го неговото значење дури и во услови на развој на современото општество“, се додава во соопштението.

Во него се потсетува дека елементи на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО од Србија се и семејната слава (2014 година), коло – традиционално оро (2017 година), пеење со гусли (2018 година) и Злакуското грнчарство (2020 година).