Французи ѝ бакнувале раце, си гледале на кафе со милијардерка од Детроит

1.049

Александра Печалева е битолчанка по сите тертипи: стокмена, насмеана, вредна, енергична и иако вели дека е сега поопуштена, сѐ уште не може да се ослободи од перфекционизмот во работата и од чувството дека сама најубаво ќе ги излупи пиперките за ајвар, најубаво ќе ја намести трпезата, најдобро ќе ги завитка сармите и најсрдечно ќе ги пречека гостите. Па така, речиси сѐ си прави сама

На конференцијата „Хероини во туризмот“, нашата соговорничка Александра Печалева ја најавија како локална хероина. И навистина е хероина, кога ќе се земе предвид дека за овие неколку години откако ќерка ѝ на игра на смеа „ја претворила“ во некој вид на туристички работник и промотор на македонското гастрономско наследство, во својот двор херојски пречекала и нагостила повеќе од 3000 туристи.

Се договоривме да се видиме на кафе во Скопје, каде што живеат ќерката и зетот, додека внучето Јаков си расте во дворот на баба, пардон, на нана Сандра и дедо Тони, во Битола.

Нејзината ќерка Ивана е главен виновник за тоа што Александра денес е вклучена во туристичките тури за странците кои вклучуваат посета, односно, ручек или вечера кај локално семејство.

Сега, 4-5 години од првите гости кои ги пречекала во својот двор во центарот на Битола, веќе има искуство со голем број странци кои ѝ биле на гости и ги испробале нејзините вкусни специјалитети во домашна атмосфера и еден куп интересни приказни и анегдоти.

Сѐ почнало кога еден ден ѝ се јавила нејзината ќерка Ивана, инаку, дел од тимот на Балкан прајм турс, тур-оператор за дојдовен туризам.

Мамо, ќе дојдеме на кафе со групата, оти поминуваме низ Битола.

„Колкумина сте? 25-26 луѓе?!“

„Добро, дојдете, и така имам спремено за роденденот на брат ти некои работи, имам што да ги послужам“.

„Не бе мамо, само на кафе ќе дојдеме, ќе ги послужиш со слатко и со пунч и толку“.

Договорот паднал и за 2-3 часа групата Французи веќе била на вратата.

Најстариот меѓу нив држел во рацете голема азалеа која ѝ ја подариле и таа и ден денес ја чува.

Но наместо само кафе, слатко и пунч, гостопримливата Сандра ги пречекала со наместена трпеза со најразлични деликатеси од кои повеќето ѝ биле подготвени за роденденот на синот. Кога дознала дека еден од гостите наскоро има роденден, таа без размислување ја извадила и однапред подготвената сладолед-торта за роденденот на синот и дефинитивно ги освоила Французите кои на заминување ѝ ги бакнувале рацете, презадоволни од она што го вкусиле и доживеале во дворот на ова битолско семејство.

Само две недели подоцна Ивана повторно ѝ се јавила и ја прашала дали сака да угости уште нова група туристи.

Иако прво не сакала, кога слушнала дека се Јапонци ѝ се видело интересно, па веднаш се фрлила на подготовки. „Овојпат“, ѝ рекла Ивана, „понудата е деловна и ќе добиеш за ова и финансиски надомест“.

„Молам? Не, не, јас пари не сакам, како тоа на гости пари да им земам“,била шокирана Сандра, но Ивана ѝ објаснила дека не може поинаку, затоа што тие сакаат да ја вметнат како дел од својата туристичка понуда за странците и дека ако сака да биде дел од тоа, мора да почне да размислува и на тој начин.

„Се согласив, направив сѐ што треба, ја поставив трпезата и дојдоа гостите на врата. Беа 25 луѓе, ама мислам мравки да беа, ќе беа побучни и ќе ги слушневме како чекорат. Толку беа тивки, ама и некако без израз на лицата. Масата беше полна, немаше што нема, а тие само кружеа низ дворот и сликаа. Јас очекував некаква реакција и веќе се покајав што се согласив бидејќи ми беше навистина стресно тоа што кај нив не гледав никаква емоција, никаков израз на задоволство, па мислев дека нешто не е во ред и дека не се задоволни.

По фотографирањето, седнаа на масите и почнаа да јадат.Со оглед на тоа што ги испразнија пајнците, знаев дека им се допаѓа. Тогаш ја извадив овошната торта  на која го имав направено знамето на Јапонија. Кога ја видоа, конечно, почнаа да реагираат, да ракоплескаат и да тропаат со нозете, а јас конечно се опуштив“ раскажува Сандра за своето второ искуство со странските гости.

Идејата за знамето на тортата ја прифатила од нејзиниот кум кој е поранешен кошаркарски тренер и кого на овој начин го пречекале домаќините кога бил во Хрватска, па оттогаш Сандра често го прави тоа.

Иако вели дека е сега поопуштена отколку порано, во смисол дека не е толкава ситничарка и перфекционистка кога станува збор за педантност, за готвење и декорирање, нам не ни се виде баш така.

На пример, кога ѝ предложивме следниот пат кога ќе доаѓаат туристи, да го темпираат правењето ајвар во дворот баш тогаш за да ги вклучат во лупењето пиперки, па и ним да им биде забавно, а неа да ѝ ја олеснат работата, се насмеа и и призна дека не сака кога другите ѝ лупат пиперки бидејќи обично оставале многу семки. Инаку, ни ја прераскажа и случката кога имале гости од Шпанија, а во дворот се пржел ајварот, па тие распаметени од мирисот инсистирале и самите малку да го мешаат.

Дека Александра е навистина специфична, зборува и тоа што вели дека сите садови по употребата првин ги чисти, ги мие, па ги става во машината за садови, а исто така и не сака никој да ѝ се меша додека готви, освен внукот Јаков кој секогаш се вртка околу неа и, како што вели, не само што не ѝ пречи, туку ѝ дава уште повеќе сила. Откако има домашен миленик, една прекрасна хаска, децата кои никогаш не смееле да седнат со пижамите во дневна или со облеката во спална, тоа сѐ уште не смеат да го прават, но на нејзината хаска ѝ е дозволено сѐ. Единствената помош што ја дозволува и ја добива е пазарењето од страна на соопругот и симнувањето на чиниите и приборот за јадење од страна на синот, сѐ друго вели, самата најубаво си прави. Од готвењето, до редењето на трпезата и декорирањето на дворот.

И ништо не ѝ е тешко, само сака задоволни, нагостени и најадени гости.

Таа сега веќе 4 години еА дека е навистина креативна зборуѕва и тоа што Таа Таа домаќинка на туристи од повеќе држави низ светот и сите ги пречекува во дворот на својата семејна куќа во центарот на Битола каде што живеат во прекрасен соживот со свекрвата, со семејството на нејзината јатрва и со кумовите, со мачиња, кучиња и останати членови на оваа прекрасна дружина.

Дека станува збор за креативна жена доволно зборува и тоа што цел живот, како што вели, создава нешто, па дури самата си го сошила и својот невестински фустан. Готвењето пак, вели, ѝ е семејно наследство од двете страни и откај мајка ѝ и откај татко ѝ.

Кај нив дома, а сега и во нејзиното семејство, неделниот ручек секогаш бил нешто посебно, убава и богата трпеза и заеднички поминато време.

„Во неделите секогаш сакам да зготвам нешто посебно и да се собереме сите околу трпезата. Сакам да готвам, но сакам и да експериментирам со храната, а особено со зачини, солено, благо, кисело, луто. На пример, свинско каре со цимет или десерт со кисела павлака. Инаку сум несуден правник, а ова со странските гости навистина започна непланирано, но сега толку уживам во тоа што веќе правиме планови да направиме уште подобри услови, овојпат во куќата која е исто така наша, но се наоѓа надвор од градот.

Во секој случај, не планираме да го смениме концептот и никогаш не би сакала да го претворам ова во ресторанско иксуство, напротив, секогаш ќе биде овој концепт, ќе ги дочекуваме странските гости исто како што цел живот сме си ги чекале дома нашите гости. Јас готвам и за 10 и за 50 луѓе како што готвам за нас дома. Сѐ што правам е со љубов, со тоа што сега е и финансиски исплатливо.

Инаку, секое искуство ми е убаво, а би ја издвоила посетата на една од најбогатите жени на светот, Мерием Илиќ, која го поседува речиси цел Детроит, телевизијата Фокс и што уште не. Има над 90 години, портекнува од Македонија, а нејзиниот сопруг бил од битолските села од каде што заминал за Америка на 19 години. Последна желба му била да дојде во Битола, ама починал, па тоа го направи таа, дојде во Македонија со приватен авион и со целото семејство. Иако беше сместена во најубавиот партман во „Епинал“, ѝ беше задоволство да се качиме кај мене дома и заедно да се напиеме кафе. Дури и си гледавме во филџаните“, се смее Сандра.

Вели дека не би ја менувала Битола за ниту еден друг град, па секое доаѓање во Скопје кај ќерката и зетот, ѝ почнува со прашањето кога ќе можат таа и внукот да си одат назад дома, во Битола.

Колку и да го сака Јаков, таа не сака да ја вика баба затоа што, како што вели, тоа звучи ужасно. Подготвена е да биде нана, ама не и баба.

Интересно е и тоа што за разлика од нејзината ќерка која зборува пет јазици, таа не знае ниту еден. Сепак, без проблем се разбира со гостите кои ја чувствуваат љубовта што ја вложува во подготовката на сите македонски традиционални специјалитети со кои ги пречекува, од јогуртлитава, кукурек, дроб сарма, тавче гравче, полнети пиперки, модри патлиџани, тиквички, пинџури, па до пити и десерти.

„Раширени раце, широка насмевка, полна трпеза и многу љубов, се доволни за да се разбереме со сите луѓе на светот“, тврди Александра.